Македонија
Ковачевски го предложи Ристо Пенов за нов министер за локална самоуправа
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, денеска, на седницата во Собранието на Република Северна Македонија, за избор на член на Владата на Република Северна Македонија, го претстави предлогот: Ристо Пенов да биде нов министер за локална самоуправа.
На почетокот од обраќањето премиерот Ковачевски посочи на клучните определби и принципи на работата на Владата.
„Од самиот почеток ја водам Владата со јасна цел како нејзин лидер со најмногу обврски и одговорности, но и креирам тим во којшто сите, без исклучок, без разлика од која партија или етничка припадност доаѓаат, мора да работат, сработуваат, решаваат проблеми и целосно да ги почитуваат Уставот и законите, за што и преземавме света обврска.
Владата којашто ја предводам е демократска, реформска, проевропска Влада, целосно фокусирана и проактивно поставена кон предизвиците и наоѓањето вистински и одржливи решенија за сите граѓани, во сите области. Ова е Влада во којашто не се зборува за оправдувања зошто нешто не може да се направи, туку работи единствено на тоа како и колку побрзо и подобро може да се најдат решенија, да се создаде вредност и да се заштитат и унапредат интересите на граѓаните и економијата. Во оваа Влада не се води дневна политика, во оваа Влада постои знаење, храброст и разум во барањето решенија на огромните проблеми. Оваа Влада интегрира и работи на единство, а не изолира и не прави поделби. Оваа Влада, со знаење и паметна политика единствено работи на заштита на државните и националните интереси и ги осудува и ги прави беспредметни сите интерни и екстерни провокации за лични или туѓи интереси, коишто имаат за цел безбедносна, политичка и економска дестабилизација на државата. Ние го правиме тоа што нам ни доликува. Тоа се покажа дека е вистинскиот клуч, во едни од најтешките моменти од нашето постоење, за нашата врата, кон нашиот успех како држава и како народ.
Затоа, во една ваква Влада може да има место само за оние кои имаат вистински пиетет кон минатото, но не се заробени во него, кои гледаат подалеку од денес и кои во одлуките што се носат ги земаат предвид најголемите и најважни придобивки на блиската иднина. Бидејќи, ако денешнината припаѓа на денешните генерации, иднината им припаѓа и на нашите деца и на идните генерации“, рече премиерот Ковачевски.
Претседателот на Владата, Ковачевски, го нагласи значењето на реализацијата на евроинтеграциите како стратешката цел на државата, во којашто, како што рече, ќе се вклучи и Ристо Пенов, кој има, исто така, јасни европски определби.
„Пред нас е исклучително важен период во којшто треба да се умее да се работи: вредно – по европски терк; обединувачки – во европски дух и храбро – да се носат одлуки, а не да се калкулира со лични рејтинзи.
Република Северна Македонија е пред историската шанса, да стане рамноправна земја членка на Европската Унија, а граѓаните: Македонци, Албанци, Турци, Власи, Срби, Роми, Бошњаци, други – да станат европски граѓани, со европски животен стандард и европски квалитет на живот. Ова е втората стратешка цел на државата, по членството во НАТО, за којашто од независноста, до денес, независно од осцилациите коишто се поврзани во конкретен момент за конкретна, оправдана причина – и денес, ја има најголема мнозинска поддршка од граѓаните.
Затоа европската цел е обврзувачка и за нас како Влада и за вас како пратеници и за сите политички субјекти во земјава, чијшто интерес се државата и луѓето, а не други и туѓи агенди. Знам за Владата, а верувам и дека овој пратенички состав има висок државен и европски капацитет и дека заедно можеме да ги обезбедиме и сработиме интеграциите во Европската Унија“, додаде премиерот Ковачевски.
Претседателот на Владата, Ковачевски, изрази очекување дека владиниот тим ќе биде посилен и зајакнат со предложениот министер за локална самоуправа, Ристо Пенов.
„Значаен ресор за нашите општини, коишто за една година гледаме дека се распаѓаат кога ги водат неспособни градоначалници. Затоа предлагам, вистински човек, за вистинско место, во вистинско време.
Господинот Ристо Пенов е синоним за успешен градоначалник, за макотрпна работа, за резултати и успех. Тој е потврда за скромност, чесност и работливост. Тој е човек кој интегрира, сработува и има визија, желба и знаење за подобри решенија за сите граѓани. За него најдобро говорат капиталните проекти во Скопје, улиците, мостовите, инфраструктурата, километрите нови патишта, тротоари, новите плоштади, поддршката на локалните бизниси, поддршката на културата. За неговиот поранешен успех говорат спортските сали, паркови, велосипедски патеки и рекреативни содржини. Но, јас денес не сакам да зборувам за него во минатото, туку за него во сегашноста и иднината. Очекувам и барам, г. Ристо Пенов да внесе дополнително знаење, искуство, посветеност, човечки и морално-етички вредности, да внесе поддршка на тимот и во својот, но и во другите ресори. И од него, како и од другите барам целосна посветеност, перманентна работа, искрен однос кон сите и чесен пристап кон граѓаните и државата.
Јас во него верувам и затоа и денес ја барам вашата поддршка. Затоа што со него, ќе направиме и повеќе и подобро. Затоа, ја барам и ја очекувам вашата поддршка, Ристо Пенов да биде новиот министер за локална самоуправа во Владата на Република Северна Македонија“, повика премиерот Ковачевски, при образложувањето на кадровското решение што го предложи пред пратениците во Собранието на Република Северна Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Веднаш да се активира „Безбеден град“ за наоѓање на сторителите што истураат кучиња во Скопје, бараат од Зелен хуман град
Од Граѓанската иницијатива Зелен хуман град предупредуваат дека веќе со месеци се множат објавите за исфрлање кучиња од други градови во Скопје. Со нив, како што посочуваат, се множат и немилите снимки од несакани интеракции животно-човек.
Нема да биде првпат, според Зелен хуман град, да се креира вештачки проблем со носење кучиња од други градови, создавање немир и револт кај населението за после да „пројде“ масовна еутаназија како „решение“.
„Бевме сведоци на дискусија во комисијата за комунални работи на Град Скопје каде што од претставник на актуелното градско раководство се нафрли терминот „еутаназија“.
Не сме заборавиле дека Комунална хигиена во времето на Коце Трајановски масовно и симултано труеше низ сите скопски општини. Фрлаа отров накај 3 или 4 сабајле и како војска во 5 или 6 поминуваа и собираа лешеви. Не беа само бездомните кучиња, сите памтиме како умираа и домашни миленици во тие дивјачки хајки! Нема погадна смрт од смртта од отров!
Бараме веднаш да се активира Безбеден град во функција на наоѓање на сторителите што истураат кучиња во Скопје.
Бараме ригорозно и неселективно казнување на сите што ќе бидат фатени дека го прават ова!
Бараме поддршка од вас, драги сограѓани, ако забележите исфрлање кучиња од возило снимајте и фотографирајте со јасно фаќање на регистарските таблици, но од безбедна оддалеченост“.
Од Зелен хуман град потсетуваат како што велат дека актуелното раководство во Град Скопје ги елиминираше сите до еден активисти од управниот и надзорниот одбор на Лајка и ги замени со партиски номинации што немаат допирна точка со стратегии за хумана контрола на бездомни животни.
„За сега само директорката на Лајка е единствената останата активистка на раководна функција со моќ за одлучување во претпријатието.
Дури и да се убијат сите бездомни кучиња и мачиња како што варварски се правело во минатото, за 6 месеци пак ќе бидат полни улиците со бездомни кучиња и нови на пат. Неодговорни сопственици се проблемот, непостоечки/премали казни, како и што напуштањето миленик не е кривично дело“.
Македонија
(Видео) Тренчевска до Дурмиши: Кажувате нема пари за 600 евра плата, а Владата се луксузира со народни пари
Пратеничката на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Јована Тренчевска, на денешните пратенички прашања, упати прашање до министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, во кое посочи дека за две години владата на ВМРО-ДПМНЕ покажа дека граѓаните, работниците, не им се на приоритената листа. Тренчевска нагласи дека наместо да ми се помогне на работниците и да им се обезбеди 600 евра минимална плата, власта со парите на граѓаните се луксузира. Во обраќањето Тренчевска го праша министерот Дурмиши дали не се срами како министер кој е одговорен за благосостојбата на работниците да кажува дека нема пари за 600 евра минимална плата, додека премиерот Мицкоски го користи владиниот авион за летување на Јадранско море, а работниците надвор протестираат за својот егзистенцијален минимум.
„Животот на граѓаните е сведен на преживување. Луксуз е да се живее достоинствено. Луксуз е да се наполни кошничката во маркет со основните прехранбени производи, луксуз е да се платат сметки за струја и комуналии, луксуз е да се оди на годиншен одмор.
За две години владата на ВМРО-ДПМНЕ покажа дека граѓаните, работниците, не им се на приоритената листа.
Семејниот буџет на работникот е на минимум, а притисокот од цените расте. Ниту три минимални плати не се доволни за покривање на основните животни потреби“.
И во ова време кога синдикалната кошничка надминува 66.000 денари, кога една третина од месечните трошоци одат само за храна и пијалоци, кога родителите пресметуваат дали ќе има за струја, за школски прибор или за храна, оваа власт, вели Тренчевска, гледа само како повеќе да зграби од граѓаните, за да има повеќе за своите луксузи.
Зборуваме, додава таа, за 600 евра минимална плата за достоинствен живот на работниците, наспроти милионските криминални тендери и луксузирања на власта.
Како што оцени, Ккалитетот на животот на работниците е на дното а владата има обврска да обезбеди достоинствени плати, а не бизнис тендери.
Нагласи дека пари во Буџетот има.
„Ви дадовме предлог од кои ставки да се скрати, за да се обезбеди повисока минимална плата.
Ама треба да си скратите од луксузот, од вашата комфорност на грбот на работниците.
Еве ќе ви повторам – ако скратите 20-30% само од ставките 42 и 43/6 од Буџетот, за патни трошоци, за репрезентативен материјал, за патување, службени возила итн, ќе обезбедите околу 120 милиони евра.
Ајде, покажете доблест, покажете дека се грижите за работниците. Покажете волја и минимум почит кон оние кои ве гласале и благодарение на кои седите во овие удобни столчиња“.
„Па уште и нов авион ќе купувате, подготвени сте да дадете 300-400 милиони евра за нов авион, за нови туристички патувања и луксузирања, ама не и да ја зголемите минималната плата на 600 евра.
Жално. Немате никакво оправдување за оваа ваша неодговорност, и безобразно трошење на парите на граѓаните. Се се може кога се сака. Два пати го поднесуваме Законот за минимална плата и упорно се инаетите и не го прифаќате.Зошто? Затоа што е од СДСМ? Па сите ние сме избрани за да работиме за доброто на граѓаните.
Вашите први две години од мандадот ќе останат запаметени по криминални тендери и приватни бизниси, луксизирања, папаја, манго, пуста желба за еден нов авион“.
Македонија
Нови измами со лажни сообраќајки по телефон, лажни лекари и полицајци барале илјадници евра
Вчера во СВР Велес биле пријавени шест случаи на обиди за измами. Еден случај е пријавен во СВР Велес од 53-годишна велешанка, која пријавила дека машко лице се јавило на нејзиниот татко и му кажало дека неговата ќерка се здобила со тешки повреди, за што е потребно да се направи операција и побарал да донесе пари за интервенција во болница во Велес.
Останатите пет случаи се пријавени во ОВР Неготино, каде лица на возраст од 69 до 78 години, пријавиле дека машко лице им се јавило, им кажало дека членови на нивните семејства се здобиле со повреди и за да се изврши оперативен зафат потребно е да донесат пари.
Побараните суми достигнувале и до 35.000 евра, а лицето во неколку од случаите се претставувало како лекар или како полициски службеник. На некои од пријавителите им било побарано парите да ги однесат во здравствени установи во Скопје, а на други во болницата во Велес.
Сите пријавители се посомневале, ги контактирале своите блиски и сфатиле дека се работи за измама.
СВР Велес апелира до граѓаните да бидат особено внимателни при комуникација со непознати личности и сите сомнителни случаи да ги пријават во полициска станица. Исто така, полициските службеници и во претстојниот период ќе продолжат со засилено темпо да реализираат превентивни активности за заштита од измами, особено за повозрасната популација, со цел граѓаните да се информираат и едуцираат за опасностите од телефонските измами, како да ги препознаат и да не дозволат да бидат жртви на овој вид измами.

