Македонија
Ковачевски – Дрекслер: Јасна германска поддшка за следниот чекор кон ЕУ, како шанса и потреба
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски се сретна со Петра Дрекслер, амбасадорка на Сојузна Република Германија во земјава.
Премиерот Ковачевски посака топло добредојде на новата германска амбасадорка Дрекслер, пришто од двете страни се изразени определби за натамошен активен развој на македонско-германското партнерство коешто е долгогодишно и силно и годинава се заокружува во 30-годишнина од воспоставувањето дипломатски односи.
На состанокот е разговарано за повеќе актуелни прашања од значење за нашата држава и регионот, за унапредувањето на одличната економска соработка меѓу Северна Македонија и Германија и за предизвиците во европскиот и геополитички контекст.
Пренесена е јасна германска поддршка за следниот чекор во европските интеграции на нашата земја. Воедно, беше посочено дека за европската перспектива на Северна Македонија се потребни заложбите и поддршката од сите политички чинители во државата. Беше констатирано дека евроатлантскиот развој на Република Северна Македонија е фактор за стабилност за целиот регион и за Европа.
Премиерот Ковачевски се заблагодари за тоа што Германија е важен партнер на Северна Македонија од воспоставената независност, сојузник во НАТО, ОН и ОБСЕ, еден од најсилните поддржувачи на нашата интеграција во Европската Унија и на економски план, прв трговски партнер во последните години, со најголем обем на тргување минатата година, од околу пет милијарди евра, петти странски директен инвеститор и еден од најголемите билатерални развојни партнери на Северна Македонија.
„Со активната и континуирана поддршка на Германија, која доби на дополнително значење за време на германското претседателство со ЕУ во 2020 година, направивме историски чекор напред во евроинтеграциите, по 17 годишен статус кво како земја кандидатка и ги започнавме преговорите за пристапување во Унијата лани во јули. Од исклучително значење се и денешната поддршка и охрабрување коишто ги добиваме од Германија за продолжување на европските интеграции. Германија е пријателска држава којашто е високо ценета од нашите граѓани. Како Влада ќе ги преземеме сите потребни политички чекори да ја осигураме европската иднина“, рече премиерот Ковачевски.
На состанокот е нагласено значењето на Берлинскиот процес, како основна и сеопфатна движечка сила на регионалната соработка на највисоко ниво во делот на воспоставувањето заеднички регионален пазар на Западен Балкан и на Зелената агенда и е истакната улогата на Република Северна Македонија како промотор на дијалогот и културата на дијалог во регионот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Бутел започна изградба на 40 пешачки и пристапни патеки во Скопје Север
Општина Бутел денеска (23 февруари 2026) започна активности за изградба на 40 пешачки и пристапни патеки до станбените згради во населбата Скопје Север.
Градежните работи опфаќаат реконструкција на пристапните влезови до станбените објекти на улиците „Боро Менков“, „Лазо Москов“, „Гоце Стојчевски“ и „Костурска“.
Од општината информираат дека новите пешачки патеки ќе го олеснат движењето на граѓаните и ќе придонесат за спречување на поплавување на влезовите на зградите.
Реализацијата на проектот, како што наведуваат, претставува исполнување на предизборните ветувања на градоначалникот за еднаков и рамномерен развој на сите населени места во општината.
Македонија
Ангелов на работен состанок во Министерството за правда за измени на Законот за здруженија и фондации
На барање на директорот Стојанче Ангелов на Дирекција за заштита и спасување (ДЗС), денеска беше одржан работен состанок во Министерство за правда, посветен на најавените измени на Законот за здруженија и фондации, што директно ги засегаат доброволните противпожарни друштва во Македонија.
На состанокот беа разгледани можните правни импликации од предложените измени, со посебен акцент на правниот статус и функционирањето на доброволните противпожарни друштва (ДПД), нивната улога во системот за заштита и спасување и на потребата од усогласување на законската рамка со реалните теренски потреби и со европските практики.
Притоа, Ангелов, заедно со тим од ДЗС и од претставници на ДПД, ја истакна важноста од заштита, унапредување и институционално препознавање на доброволниот сектор, како клучен партнер во справувањето со кризи, пожари и природни непогоди. Соработката помеѓу институциите и доброволниот сектор е еден од темелите за ефикасен и функционален систем за заштита и спасување во Македонија.
Македонија
Лажни дојави за бомби во училишта во Скопје и Тетово
Во неколку училишта во Скопје и во Тетово денеска биле примени дојави за поставени експлозивни направи, но по извршените проверки било утврдено дека станува збор за лажни пријави.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека веднаш по добивањето на пријавите биле преземени соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници.
„Веднаш по добиените пријави преземени се соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници и утврдено е дека станува збор за лажни пријави“, соопштија од МВР.
Во Тетово дојавите ги опфатиле средните училишта СОУ „Никола Штејн“, СОУ Гимназија „7 Март“, СОУ Гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ и СОУ „8 Септември“.
Кај основните училишта биле опфатени ООУ „Истикбал“, ООУ „Кирил и Методиј“, ООУ „Братство-Мигени“, ООУ „Гоце Делчев“, ООУ „Беса“ и ООУ „Прпарими“.
Надлежните институции продолжуваат со преземање мерки за расчистување на случајот.

