Македонија
Ковачевски: Државите во регионот имаат политички раководства кои се ослободија од прангите на минатото
Премиерот Димитар Ковачевски, заедно со претседателката на Европскиот парламент Роберта Мецола, премиерот на Црна Гора, Дритан Абазовиќ и генералниот секретар на Советот за регионална соработка Мајлинда Брегу, беа говорници на денешната сесија „Искрената регионална соработка го одржува регионот стабилен“, во рамките на Преспа форумот за дијалог.
На сесијата се дискутираше за важноста од регионалната соработка, која е клучна во услови на геополитички превирања и силна поларизација на светот.
Ковачевски во своето обраќање, истакна дека Преспанскиот договор е добар модел за функционална дипломатија, којшто промовира решавање отворени прашања преку отворен дијалог, не само за земјите во регионот туку и во Европа.
Ковачевски рече дека Договорот од Преспа одговара и на загриженостите кај речиси сите држави кои имаат слични спорови што засегаат идентитетски прашања.
Премиерот истакна дека Преспанскиот договор е модел на дипломатија чиишто решенија не ги загрозуваат, туку напротив ги заштитуваат и зацврстуваат идентитетските определби, значајни за една држава и еден народ.
„Од нашиот македонски пример, сакам да порачам на регионот дека е важно да се има храбро, но и стратешко лидерство, бидејќи тоа води кон очекуваните перспективи. Се покажа дека политичките решенија се и решенија за економијата, односно, дека тешките одлуки функционираат и за економијата. По Договорот од Преспа и почетокот на преговорите со ЕУ, лани, во најпредизвикувачката година по Втората Светска војна, Република Северна Македонија минатата година бележи највисоко ниво на странски директни инвестиции – над 700 милиони евра и највисоки државни буџетски инвестиции од 465 милиони евра. Платите значително порасна – минималната плата за 100 проценти во однос на периодот пред 5 години, а нивото на пензиите е зголемено за 40 до 50 проценти, за истиот период. Ова секако е резултат на постигнатата стабилност дома, а се должи и на зајакнатата економска соработка во Западен Балкан, којашто е факт дека никогаш не била поголема од денес. Сега доаѓаме до суштината на значењето на регионална соработка. Со заеднички сили ја пребродивме, прво, здравствената криза, а потоа се справивме и со пикот на економско-енергетската криза во текот на зимата, што доведе до поскапување на енергијата, храната, суровините, влијаеше на инфлацијата и се закануваше на економиите.
Ако не ги имавме цврсто поставено темелите на меѓусебната доверба, преку иницијативата Отворен Балкан и Берлинскиот процес, сигурно ќе бевме во потешка ситуација од денес. Но, со заедничкото делување, солидарност, поддршка, ги ублажуваме последиците од овие наизменични кризи и нашата соработка покажува успех.
И ако некој сè уште се прашува како – одговорот е пред сите нас. Државите во регионот имаат политички раководства кои одлучија да се ослободат од прангите на минатото, да гледаат кон иднината и да работат за неа: заедно и денес!“, рече премиерот.
Претседателката на Европскиот парламент Роберта Мецола, во своето обраќање истакна дека Преспа форумот за дијалог е уникатна политичка платформа за размена на идеи. Мецола изрази уверување дека Европскиот парламент ќе продолжи со својата непоколеблива поддршка за сите оние кои искрено сакаат да станат членки на ЕУ, за оние кои живеат следејќи ги вредностите на ЕУ и кои имаат храброст да се помират, да реформираат и да го свртат погледот кон иднината.
„Европската политика за проширување е еден од најголемите и најтрансформативни успеси на ЕУ, а милиони Европејци имаат корист од неа; проширувањето е победа и за целиот блок на ЕУ и за новите членки. Месецов, исто така, одбележуваме 20 години од Самитот меѓу ЕУ и Западен Балкан што се одржа во Солун. За овие 20 години вложени се многу енергија и ресурси и од страна на ЕУ и од страна на Западен Балкан кон наоѓање заеднички јазик. Беа давани ветувања, се постигнуваше напредок, но честопати тој беше бавен и имаше многу фрустрација, но онаму каде што има волја за помирување, ќе има и начин за напредување. Западниот Балкан побара забрзување на пристапниот процес кон ЕУ, а тоа е и наш повик, во Европскиот парламент и нештата се придвижуваат“, истакна претседателката на Европскиот парламент.
Премиерот на Црна Гора, Дритан Абазовиќ посочи дека ако земјите од Западен Балкан сакаат да постигнат успех треба да зборуваат за иднината, а не за минатото. Абазовиќ додаде дека интеграцијата на земјите од Западен Балкан во ЕУ е взаемен интерес.
„Сите заедно сме мали, затоа ни е потребна регионална соработка. Ни треба поголем флексибилност на границите, да не ги менуваме границите затоа што тоа секогаш е големо проблематично прашање, кога зборуваме за Западен Балкан. Мислам дека треба да ја поддржиме секоја една иницијатива која што може да им го олесни животот на луѓето. Да не мора да го отежнуваме, да не создаваме проблеми за луѓето, туку да ги олесниме работите. Тоа е потребно во една економија. ЕУ треба да сфати дека ако сакаат да имаат поголемо влијание, потребно е повеќе да инвестираат во регионот. Мора да имаме влијание со некои нови вредности и дефинитивно да го смениме фокусот врз економијата и напредокот“, истакна премиерот на Црна Гора.
Генералниот секретар на Советот за регионална соработка Мајлинда Брегу, ја потенцираше важноста на политичка волја и имплементација на сите договори, програми и планови склучени од земјите од регионот.
„Имаме одлични стратешки договори, програми, планови. Проблемот започнува кога започнуваме со нивна имплементација.
Треба да признаеме дека регионалната соработка се користи како мантра, сите овие години. Треба да постои соработка меѓу сите овие земји и се покажува во суштина дека се бориме едни со други и многу полесно може да се сфати регионално дека многу е битно да се прифати регионалната соработка и да се инвестира во нејзе. Кај луѓето, во перцепцијата, добрососедските односи и регионалната соработка се добро прифатени. Добрососедските односи значат дека со соседот треба да имате добри односи и на тој начин да ги решавате проблемите секогаш кога ќе ги имате“, рече Брегу.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Здружението на судии загрижено за изјавите за Управниот суд: со нив се врши притисок врз судиите и судиското одлучуваљње
Здружението на судии во врска со реакцијата на Управниот суд на РСМ, ја искажува својата загриженост за изјавите на поединци со кои, како што се истакнува во соопштението, директно или индиректно се врши притисок врз судиите и судиското постапување и одлучување.
Како што велат, припадноста кон одредена политичка партија и можноста за идно владеење односно учество во извршната власт, не смее да се користи за коментирање, заканување или влијание врз судиското одлучување.
Оценуваат дека таквите изјави се штетни пред се за политичките субјекти кои ги пласираат во јавноста, а истовремено може да се разберат и како обид да се поткопа непристрасноста и интегритетот на судиите.
„Во однос на неоснованите обвинувања кои беа упатени на адреса на Претседателот на Управниот суд на РСМ, како Здружение на судии даваме целосна поддршка на колегите од именуваниот суд и напоменуваме дека секој избран судија е независен во своето одлучување и таа независност му е Уставно загарантирана. Па во тој правец и при најмал сомнеж за евентуален обид за притисок или влијание врз неговата работа, без разлика од кого доаѓа, е должен да ги извести надлежните судиски инстанци. Воедно, сите останати општествени чинители, а особено претставниците на политичките партии се должни да ја почитуваат загарантираната судиска независност што е во духот и на демократскиот развој и Европскиот просперитет на земјата“, потенцираат од ова здружение.
Македонија
Одбиена тужбата на „Европскиот фронт“ за избирачкото место во Долнени
Управниот суд ја одби како неоснована тужбата од Коалицијата „Европски фронт“ на решението на Државната изборна комисија (ДИК) за прифаќање на приговорот од Коалицијата „Твоја Македонија” за избирачкото место 1470 во Долнени на Парламентарните избори 2024.
„Европскиот фронт“ поднесе седум тужби против решенија на ДИК на Парламентарните избори 2024.
Досега Управниот суд ja одби како неоснована и тужбата за избирачкото место 1194, во Општина Крушево.
Македонија
Мицотакис со предупредување: Ако некои веруваат дека можат да го игнорираат Договорот, треба да разберат дека нивниот пат кон Европа ќе остане затворен
Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис уште еднаш ја предупредува Македонија дека прекршувањето на Договорот од Преспа, со кој се реши долгогодишниот спор за името меѓу двата соседа, ќе ги загрози амбициите на балканската земја за членство во ЕУ, пишува грчки „Катимерини“
Говорејќи од градот Верија во северна Грција за време на неговата кампања пред изборите за Европскиот парламент во јуни, Мицотакис изјави дека трите меморандуми за разбирање поврзани со договорот од 2018 година нема да бидат ратификувани од Парламентот се додека новото раководство во Скопје продолжи со прекршување на договорот.
„Ако некои веруваат дека можат да го игнорираат договорот, треба да разберат дека нивниот пат кон Европа ќе остане затворен, а меморандумите нема да бидат ратификувани освен ако не се почитува она што го предвидува договорот“, рече тој.