Македонија
Ковачевски – Дуџак: Програмите на Обединетите нации се силна поддршка на нашите политики
Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, денеска се сретна со Росана Дуџак, постојана координаторка на Обединетите нации (ОН) во Македонија.
На средбата Дуџак му го честита на премиерот Ковачевски изборот за претседател на Владата и истакна дека поддршката од ОН останува како континуитет во спроведување на планираните реформи во земјата и на евроинтегративниот процес.
Премиерот Ковачевски изрази искрена благодарност за ангажманот на ОН со програмите на разните агенции на организацијата, особено во континуираните иницијативи на полето на економијата, социјалната инклузија, родовата еднаквост, јакнењето на институциите, грижата за животната средина.
На средбата премиерот Ковачевски ја информира постојаната координаторка на ОН за програмските приоритети на Владата, како што се интензивирање на евроинтегративните процеси, новиот план за економски развој со пораст на домашниот бруто-производ, со цел зголемување на животниот стандард на граѓаните, борба против криминалот и корупцијата, подобрување на ефикасноста и транспарентноста во работењето на судството, подобро владеење на правото и енергетска транзиција во правец на користење зелена енергија.
Премиерот Ковачевски истакна дека главните активности на Владата уште во првите денови се насочени кон справување со енергетската криза, како и во правец на подобрување на животниот стандард на граѓаните преку зголемување на пензиите и минималната плата.
Во текот на разговорот постојаната претставничка на Обединетите нации, Дуџак, ги истакна позитивните иницијативи што досега се преземени во повеќе области и ја издвои зелената енергетска транзиција на земјата за која од развојната програма на УНДП се издвоени 7,8 милиони долари како грант за нашата земја.
Премиерот Ковачевски нагласи дека поддршката на ОН преку програмите на УНДП ги потврдува определбите на Владата зелената енергетска транзиција да биде во врвот на нејзините приоритети и дека се создаваат дополнителни услови за енергетски проекти од обновливи извори.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДИК: ВМРО-ДПМНЕ освои 59 мандати, СДСМ 19, Европски фронт 18, ВЛЕН 13, Левица 6 и ЗНАМ 5 мандати
Државната изборна комисија ги објави првичните резултати за парламентарните избори, а бројките ги потврдија пресметките на партиските штабови.
„На ниво на држава по мандати коалицијата ’Твоја Македонија’ со ВМРО-ДПМНЕ освои 59 мандати, коалиција ’За европска иднина’ со СДСМ 19 мандати. Коалицијата ’Европски фронт’ има 18 мандати, коалиција ВЛЕН 13 мандати, политичка партија Левица 6 мандати и ЗНАМ 5 мандати. Може да се случат некои мали промени да претрпат овие бројки. 94,05 е голем процент на обработени податоци, не верувам дека ќе има некои сериозни промени. Тоа ќе го знаеме веќе утре“, рече претседателот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски.
Вечерва почнаа да течат и рокови за приговори за парламентарните избори. Приговори за текот на гласањето може да се поднесат до 19 часот на десетти мај, а приговори за сумирање и утврдување резултати до 23.30 часот исто така на десетти мај.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ ја слави двојната победа, Мицкоски порача: Сите кои што мислеа дека можат да ја уништат Македонија, завршија на буниште
Членовите на партијата ВМРО-ДПМНЕ, заедно со своите симпатизери ја слават победата на претседателските и парламентарните избори на плоштадот во Скопје.
На насобраните луѓе им се обрати лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Ја ослободивме Македонија. Сите тие кои што мислеа дека можат да ја ограбат Македонија, да ја понижат, да ја уништат, денеска завршија на буниште, а набргу ќе одговараат“, порача тој.
Мицкоски претходно ги повика граѓаните да дојдат на плоштадите низ сите градови на Македонија заедно да ја прослават победата.
Македонија
Ахмети: ДУИ е втора сила во државата
ДУИ е втора сила во државата, изјави вечерва лидерот на интегративците, Али Ахмети.
„Ние Европскиот фронт сме втора сила во државата. Ние всушност го имавме ВМРО-ДПМНЕ како главен противник, затоа што ВМРО многу му помогна на Влен, но разликата помеѓу Европскиот фронт и Влен е преку 30.000 гласови“, рече Ахмети.
Според официјалните податоци на ДИК, ДУИ освои 18 мандати, коалицијата Влен освои 13 мандати.
ВМРО-ДПМНЕ која извои убедлива победа со 59 пратеници и ќе го добие мандатот за формирање Влада, најави дека ќе почне преговори со Влен за коалицирање. Партискиот лидер, Христијан Мицкоски и вечерва повтори дека е време ДУИ да замине во опозиција.