Македонија
Неопходно е да донесеме уште една државничка одлука за да ги осигуриме евроинтеграциите, порача Ковачевски по средбата со Ескобар
Премиерот Димитар Ковачевски, придружуван од вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, во рамките на работна посета на Њујорк се сретна со заменик-помошник државниот секретар на САД за европски и евроазиски прашања и специјален претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар.
На состанокот на премиерот Ковачевски со високиот претставник на САД, Ескобар, е разговарано за актуелни прашања од значење за стратешкото партнерство помеѓу Северна Македонија и САД и за состојбите во регионален и геополитички контекст.
На средбата е истакнато значењето на големото и искрено пријателство помеѓу Република Северна Македонија и Соединетите Американски Држави од независноста на нашата држава до денес. Тоа, како што е констатирано, е одразено со активна соработка преточена во стратешкото партнерство меѓу двете држави и со потврдени резултати на планот на демократските, економските и стратешките интеграциски процеси на нашата држава.
САД, како што е потенцирано, високо го ценат учеството на Република Северна Македонија во мировните мисии, одговорното партнерство во НАТО и придонесот на земјата во стабилноста на Западен Балкан и со тоа и на Европа.
Од овие причини, во Северна Македонија на САД се гледа како на доверлив партнер. И во таа насока е споделено и очекувањето дека сите политички субјекти во земјата ја имаат предвид историската и неповторлива шанса за ефикасен процес на зачленување во Европската Унија по полноправното членство во НАТО. Нашиот европски пат, како што беше нагласено на средбата, е силно поддржан од САД.
Премиерот Ковачевски се заблагодари за огромната и континуирана тридецениска поддршка од САД, во остварувањето на сите клучни и стратешки цели на Република Северна Македонија, како и за личните заложби на високиот американски претставник Ескобар во овој важен период кога треба да се осигури европската иднина на државата.
„Поддршката од САД е од голема важност за унапредувањето на квалитетот на живот на македонските граѓани, за просперитетот и стабилноста на Северна Македонија, како и на целиот регион. Неопходно е во претстојниот период да донесеме уште една државничка одлука, со што ќе ги осигуриме евроинтеграциите – и Владата и јас лично сме силно посветени на оваа цел“, рече премиерот Ковачевски.
На средбата е разговарано и за имплементацијата на реформите во нашата држава, со фокус и кон владеењето на правото и борбата со криминал и корупција. Притоа е нагласена важноста на поддршката што ја добива Северна Македонија од САД и во овие значајни процеси за граѓаните и за европските интеграции.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Посебен режим на сообраќај во Скопје за празникот Водици
На 19.01.2026 (понеделник) Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе воведе посебен режим на сообраќај за одредени сообраќајници во Скопје.
Во центарот на Скопје за сообраќај ќе биде затворена ул. „Филип Втори Македонски“ на потегот од крстосницата со бул. „Гоце Делчев“ до крстосницата со ул. „11 Октомври“ во двете насоки.
Во општина Ѓорче Петров за сообраќај ќе бидат затворени сообраќајницата од црквата „Свети Петар и Павле“, бул.„Партизански Одреди“ до ул.„Ѓорче Петров“, ул.„Ѓорче Петров“ до ул.„Васил Чакаларов“, како и од црквата „Свети Пантелејмон“, ул.„Козле“, дел од ул.„Васил Чакаларов“ до Железничкиот мост на реката Вардар. Во општина Аеродром за сообраќај ќе биде затворен локалниот пат кон Горно и Долно Лисиче.
СВР Скопје апелира со сите учесници во сообраќајот да ги прочитуваат наредбите кои ќе ги даваат униформираните полициски службеници.
Македонија
Утре локални врнежи од дожд, на планините снег
Утре на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места и на планините од снег. По одредени котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 6 степени, информира УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со слаби локални врнежи од дожд и појава на магла. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 5 степени.
За време на викендот на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места од снег.
Во поденелник и вторник има преодно стабилизирање на времето, а од среда повторно ќе има врнежи претежно од снег. Од утре до крајот на неделата има услови за појава на магла по одредени котлини. Дневната температура ќе има тенденција на опаѓање.
Македонија
Министерството за здравство ги кани на соработка нашите лекари кои работат во странство
Министерството за здравство информира дека на веб-страницата на МЗ од денес е активиран електронски модул на кој лекарите кои моментално работат или специјализираат во странство може да изразат интерес за соработка со нашиот здравствен систем.
-Во рамки на нашите заложби за дигитализација во здравството, овој електронски модул претставува директен канал за стручна соработка со дијаспората, со цел полесно мапирање профили и експертизи кои може да придонесат во нашиот здравствен систем. Меѓусебната соработка со овие лекари е предвидено да опфати обуки, едукации, менторство, консултации или проектна поддршка, како и други стручни ангажмани. Во оваа прилика ги повикувам да се пријават нашите лекари кои работат во странски медицински центри, лекари кои се на специјализација или супспецијализација во странство, или лекари кои се ангажирани во странски академски и научно-истражувачки установи, потенцира министерот за здравство, Азир Алиу.
Пријавувањето се врши исклучиво преку електронскиот модул на веб-страницата на Министерството за здравство, по што Министерството ќе ги контактира лекарите за конкретна соработка што одговара на нивниот профил.
Во електронскиот модул насловен „Лекари од дијаспората“ предвидено е лекарите да пополнат повеќе лични и професионални податоци, детали за клучните области на експертиза, лиценци, сертификати, листа на публикации, како и сегменти на соработка за кои изразуваат интерес.

