Македонија
Ковачевски за Би-би-си: Обезбедивме почеток на преговорите со ЕУ со потврден чист македонски јазик и идентитет
Премиерот Димитар Ковачевски во интервјуто за HardTalk на Би-би-си истакна дека за почетокот на преговорите со Европската Унија постигнавме неколку клучни цели.
„Ако сакате да бидете лидер, мора да носите тешки одлуки. Во овие преговори ние имавме неколку цели и ги постигнавме. Прво: чист македонски јазик во ЕУ. Второ: чист македонски идентитет на Македонците и почеток на преговорите со ЕУ, што и се случи на 19 јули. Дополнително, историските прашања да бидат надвор од преговарачката рамка. Ја споменавте работата на историската комисија, таа работи со четиринаесет члена, седум од македонска и седум од бугарска страна, кои може да носат одлуки само со консензус и тие одлуки може да бидат спроведени на реципроцитетна основа меѓу двете земји. И тоа е, всушност, договорот каде што тие, историчарите, ќе се занимаваат со историските прашања. Го потпишавме првиот договор со ЕУ, во кој има чист македонски јазик, без фусноти, без објаснувања и уште поважно, во врска со Фронтекс-договорот, Грција и Република Бугарија одобрија договор во кој има чист македонски јазик“, рече Ковачевски и додаде дека има историска комисија со четиринаесет члена, седум македонски, седум бугарски и тие работат независно од политичарите, целта е да изградиме реторика меѓу соседите, која ќе гледа кон иднината и ќе гледа кон напред.
Во однос на ЕУ-интеграциите, премиерот Ковачевски рече дека овој процес за приклучување кон ЕУ беше заглавен уште пред да почне, пред единаесет години од претходната влада, зашто тие не беа подготвени да се поместат ниту еден милиметар.
„Тие не донесоа никакви одлуки. Ние имаме два концепта во државава. Едниот концепт, што јас го водам, е дека Македонците и сите други граѓани на Северна Македонија, со кренати глави, со достоинство, треба да седнат на големата маса во Брисел и да го кажат својот став за сите прашања, да преговараат и да станат членови на ЕУ. Другиот концепт е со лажно достоинство да седнат на малата маса тука, во Северна Македонија, сами, изолирани, во конфликт со соседите, без разговори со ЕУ. Ова седење на мала маса, со лажно достоинство, го гледавме со години. Сите политички партии имаат одговорност да носат одлуки што ќе донесат подобра иднина за идните генерации. Бидејќи, на крајот, знам дека овој процес ќе биде тежок, преговорите ќе бидат мачни, свесен сум за тоа, сите граѓани се свесни за тоа, но наградата е членство во ЕУ бидејќи македонските граѓани сакаат да бидат дел од ЕУ, сакаат да живеат во ЕУ, но во својата држава тука, а не да ја напуштат својата земја и да работат во земјите членки на ЕУ“, истакна Ковачевски и додаде дека најлесно е да се биде политичар што зборува за минатото бидејќи кога зборувате за минатото, не ветувате ништо, само си играте со емоциите на луѓето, а тешко е да се биде политичар што зборува за иднината зашто тогаш давате ветување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: ЗНАМ најави „историски трансфер“ на Деспотовски?
ЗНАМ најави „историски трансфер“ на Деспотовски? Сателит-партијата на ВМРО експресно се јавува да го брани шефот Мицкоски, реагираат од СДСМ, на соопштението на Движењето ЗНАМ.
„По предавството на Македонија со потпишување и изгласување на Резолуцијата што личеше на Хитлеров Декрет, сега имаат уште една задача, да ја укинат последната линија на одбрана на демократијата, техничката влада. Само за уште неколку тендери. Малку им се тендерите во Пошта вредни 1,2 милиони евра за нивниот советник од Кисела Вода. Им треба уште. Затоа партнерот на тендерската коалиција, ЗНАМ, најавува историски трансфер – во тендер-лигата. Квислингот Деспотовски ли им се приклучува на останатите предавници? Очигледно, и нему треба да му се намести некој тендер, да му се плати координираното делување со Геро. Идеално е сите да се соберат на едно место, за Обвинителството подоцна да нема потреба да ги брка поединечно. Како што рековме – време е житото да се одвои од плевелот. Но не само во СДСМ, туку на целата политичка сцена во Македонија. На крај, сите ќе одговарате“, пишува во реакцијата.
Македонија
(Фото) Пронајдена ретка неексплодирана граната од Првата светска војна во Богданци
Денеска е пријавено од СВР Гевгелија дека во Општина Богданци, в0 индустрискиот дел на Општината е пронајдено неексплодирано убојно средство (НУС).
Од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) стручно лице, пиротехничарот Зоран Пеев, веднаш излегол на лице место и утврдил дека се работи за ретка минофрлачка граната од 70 mm што е НУС од Првата светска војна.
По безбедносните проверки на состојбата на неексплодираната граната, согласно пиротехничарските, деминерски, стандардни оперативни процедури, гранатата е безбедно подигната од местото каде е пронајдена и се транспортира за понатамошна постапка за нејзино уништување.
Македонија
ЗНАМ: Однесувањето на Филипче предизвикува историски транфер на разочарани членови од СДСМ кон ЗНАМ
Иако Венко Филипче едновремено зборуваше за европската интеграција на Македонија, денес повторно покажува и докажува дека неговиот интерес е ограничен само на партиската фотелја, велат од Движењето ЗНАМ за Наша Македонија.
Од таму истакнуваат дека со загриженост ја следат реториката и однесувањето на Венко Филипче.
„Иако едновремено зборуваше за европската интеграција на Македонија, денес повторно покажува и докажува дека неговиот интерес е ограничен само на партиската фотелја. Жалиме што некогашната државотворна партија, наместо да делува како силна, конструктивна и иницијативна опозиција која предлага решенија и води суштински дебати за иднината на државата, се служи со вулгарен и уличен вокабулар, оддалечувајќи се од вистинскиот политички дијалог“, велат од ЗНАМ.
Од таму додаваат дека ваквото однесување и реторика на Филипче и СДСМ, предизвикало историски транфер на разочарани членови од СДСМ кон Движење ЗНАМ – луѓе кои сакаат конструктивен, реформски и државнички пристап.
„Токму поради овој трансфер и растечкото разочарување, Филипче и раководството на СДСМ се во параноја, обидувајќи се да го одржат партискиот штит и личната фотелја. Прашањето кое се наметнува е – дали ваквиот настап на Филипче е само најава за пат кон Дубаи со златни визи, каде личните интереси се пред државните? Тој впрочем одбива да учествува во разговор за клучни државни интереси и реформските закони кои се дел од агендата за европски интеграции. Ова е јасна порака дека неговиот приоритет не е напредокот на државата, туку зачувувањето на лични и партиски позиции“, велат од ЗНАМ.
Од Движењето наведуваат дека тема на лидерската средба е токму она што ја носи Македонија напред – реформи во правосудството, реформите за јавното обвинителство, унапредување на безбедноста и слободата на изразување.
Според ЗНАМ сето тоа е дел од реформската агенда за ЕУ, која има за цел економски раст и стабилност на државата.
„Венко Филипче, за жал, не е научен на ваков дијалог кога станува збор за државата. Тој и некогашното владино раководство предводено од СДСМ не ги дискутираа суштинските теми за иднината на Македонија на овој начин – Преспанскиот договор или францускиот предлог не беа предмет на лидерска средба. Одлуките се носеа зад затворени врати, без јавен дебатен простор, без грижа за суверенитетот, без почит кон граѓаните – како државата да беше нивна лична сопственост, а не татковина за сите Македонци. Филипче е заштитен од систем кој го штити од одговорност за минатите криминали: провизии од модуларни болници, тендери за јаглен за ЕСМ со лични подароци, вакцини купувани по двојно високи цени, и трагедијата во Тетово со 14 живи изгорени луѓе. Сите тие случаи се дел од мрежа на партиска корупција која го штитела, додека тој молчел и го штител својот партиски круг. За разлика од тој систем, сегашната Влада ја води државата кон стабилност и европска интеграција. Ниту еден корупциски скандал, ниту еден криминален тендер, ниту еден скандал не ја наруши довербата на граѓаните. Аферите на минатата власт – Рашковски, Ковачевски, Мухамед Зеќири, бегалецот Груби и нивните соработници – се трајно сведоштво за владеење кое ја постави Македонија во стагнација и пропаст“, велат од ЗНАМ.
Од Движењето наведуваат дека Филипче мора да излезе од мафијашкиот филм и од обвинувањата за „српскиот свет“ и, како што велат, крајно време е да го остави партискиот мит зад себе и да почне да гледа реално на државата.
„Движење ЗНАМ за Наша Македонија го повикува да престане да ја блокира реформската и европската агенда и да се посвети на вистинските интереси на државата и граѓаните, наместо на фотељата и на партиските штитови. Македонија заслужува лидери кои гледаат напред, кои градат консензус за реформите и за европската иднина, а не лични или партиски позиции“, велат од ЗНАМ.

