Македонија
Ковачевски за Европскиот фронт: Дали со некого ќе одите заедно на избори или ќе коалирате постизборно е одлука на политичките партии
Добро е што на претстојните избори ќе има најмалку две коалиции што се залагаат за брза интеграција на земјата во Европската Унија, рече денес лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски. На новинарско прашање зошто СДСМ не е дел од Европскиот фронт, кој го најавуваше и повикуваше на поддршка, Ковачевски одговори дека партиите одлучуваат за коалиции и пред, но и по избори.
„Дали со некого ќе одите заедно на избори или ќе имате постизборна коалиција или нема да имате тоа е сепак одлука на политичките партии, политичките органи“, рече Ковачевски.
Според него, СДСМ веќе има коалиција и е партија што направила најмногу за европскиот пат на земјата.
„Партијата што ги направи најголемите резултати во делот на европските интеграции и интегрирањето во НАТО, а тоа е СДСМ, исто така имаме коалиција што се залага за европски и евро-атлантски интеграции. Ние таа коалиција веќе ја имаме официјализирано. Претседателскиот кандидат Стево Пендаровски веќе доби поддршка од најголемиот дел од тие политички партии и добро е што во државата ќе има најмалку два блока, две коалиции што се залагаат за брза интеграција на Северна Македонија во Европската Унија и што ќе извојуваат победа, со што Северна Македонија непречено ќе го продолжи својот пат во европските интеграции“, рече Ковачевски.
Договор за заеднички настап на изборите потпишаа денеска претседателот на ДУИ, Али Ахмети, и претседателот на Народното движење, Скендер Реџепи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Таравари: ВЛЕН единствена албанска опција на 8ми мај, промената доаѓа
Првиот човек на Алијансата за Албанците Арбен Таравари во презентацијата на изборната програма на ВЛЕН рече дека оваа програма вреди и за луѓето и за програмата.
Таравари истакна дека сегашниот Устав има недостатоци и не ја претставува реалноста во државата. „Убедени сме дека сегашниот Устав има недостатоци, ограничен е и во многу делови не ја претставува денешната политичка, социјална и етничка реалност во државата“, рече Таравари.
Таравари потенцира дека промената е неопходна, додека заедно со промената мора да се смени и Уставот за да почнат преговорите со ЕУ.
“Ќе започнеме голема дебата и ќе изградиме консензус за нов, подемократски и модерен Устав, кој ќе ја редефинира државата како рамноправна држава на две мнозински заедници“, рече Таравари.
На крајот Таравари нагласи дека на 8ми мај на изборите има само една албанска опција а тоа е коалицијата ВЛЕН.
Македонија
Битиќи: Резултатот е нула-нула, a на 8-ми мај заеднички одлучуваме за победникот
„Резултатот е нула-нула, сè уште немаме победник или поразен. Нашата битка за европска Македонија не е завршена. Нашата држава е мала земја, но влогот на 8-ми мај е голем“, порача на денешните средби со жителите на скопската општина Бутел, Фатмир Битиќи, потпретседател на СДСМ и ко-носител на листата на кандидати за пратеници на Коалицијата за европска иднина во Изборна единица 2.
Тој порача дека е опасен патот по кој ВМРО-ДПМНЕ сака да ја води државата, а тоа е кон изолација, кон унгарско сценарио, кон национализми кои разделуваат.
„СДСМ одбива да се движи кон овој правец. Ние имаме програма и визија за европска држава во која владеат дијалогот, инклузивноста, меѓусебното другарство и социјалната правда“, рече Битиќи.
Тој ги потсети граѓаните на 27 април пред седум години, кога се случи упадот во Собранието и обидот за рушење на уставниот поредок по покровителство на ВМРО-ДПМНЕ.
„Слободата која ја добивме по крвавиот 27 април пред седум години, не е луксуз, тоа е можност која ни даде сила да се движиме напред, да стане полноправни членки на НАТО, да ги отвориме портите на Европската Унија. Сега не смееме да дозволиме на 8-ми мај таа да биде украдена, однесена од виорот на национализмот и поделбите. Мораме да продолжиме да го чуваме овој скапоцен подарок кој го добивме во борбата против режимот на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи тој е темелот врз кој се гради праведно и правично општество, “ порача Битиќи.
Македонија
Карапејовски: Сите граѓани треба да имаат слободен пристап до здраствените услуги
Движењето ЗНАМ – за наша Македонија организираше трибина во просториите на Европскиот Универзитет насловена “Борба со остеопорозата со помош на витаминот Д – неговото височество” предводена од проф. Д-р. Јасмин Циривири – кандидат на пратеничката листа а ЗНАМ во изборната единица 1 и прим. Д-р. Маја Панајотовиќ Радевска.
Трибината беше посетена во голем број, каде што граѓаните покажаа голем интерес за активности од овој вид и исто така ја дадоа својата целосна поддршка за ЗНАМ.
На граѓаните им се обрати и носителот на изборната единица 1 од ЗНАМ – Д-р. Бобан Карапејовски, кој посочи “Сите граѓани треба да имаат слободен пристап до здраствените услуги. Пациентите не треба да бидат клиенти и потребно е пациентите да добијат услуги кои што се квалитетни и достоинствени”.
Д-р Циривири во своето излагање презентираше за борбата против остеопоразата, но и напомена дека “На Македонија и се потребни здраствени реформи. Здравството во Македонија е сведено на многу ниско ниво, здраствен систем веќе воопшто и да не постои каде што докторите и пациентите се деградирани.” Тој посочи и дека “Подобро е болеста да се превенира на време, отколку пациентите подоцна да плаќаат огромни суми и да чекаат долго време за нивно лекување.”
На крајот Д-р Циривири и Д-р Панајотовиќ Радевска остварија средба лице во лице со граѓаните, каде што им понудија совети и препораки, но и ги слушнаа нивните проблеми поврзани со македонскиот здраствен систем и услуги.