Македонија
Ковачевски за шпекулациите дека Заев му подготвува пуч: Јас не сум човек што се плаши

Премиерот Димитар Ковачевски не се плаши од т.н. пеколен план, кој во медиумите се најавуваше дека би го спровел неговиот претходник Зоран Заев. Одговарајќи на новинарско прашање дали му се подготвува туркање од позициите што ги има, Ковачевски рече дека тоа е демантирано и од самиот Заев, а во СДСМ одлуките ги носат телата на партијата.
„Прво, јас не сум човек што се плаши. И тоа сум го потврдил досега. Второ, самиот поранешен претседател на СДСМ ги демантира во јавноста наводите што беа наведени. И сите одлуки што се носат во СДСМ се носат на официјалните тела на партијата – Извршниот одбор, Централниот одбор, раководството. И сите одлуки што досега се донесени се едногласно, без ниту еден глас ‘против’“, рече Ковачевски.
Пред повеќе од една недела во јавноста се појавија шпекулации дека Заев му спрема пуч на Ковачевски. Според нив, Заев заговарал предвремени избори заедно со ВМРО-ДПМНЕ и Владата, во која нема да е ДУИ. Се зборуваше дека и за ова Заев одржувал средби со Христијан Мицкоски. Преку статус на социјалните мрежи Заев рече дека не постои никаков пеколен план.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Нов сообраќаен режим за еднонасочен сообраќај на улицата Белградска

Изминатиов викенд екипи на ЈП Улици и патишта Скопје на улица „Белградска“ ја поставија новата вертикалната сигнализација за еднонасочен сообраќај.
На оваа сообраќајница во насока од булевар „Мајка Тереза“ кон улица „Димче Мирчев“ согласно основен сообраќаен проект воведен е нов сообраќаен режим за еднонасочен сообраќај.
ЈП Улици и патишта Скопје апелира до учесниците во сообраќајот да го почитуваат новото сообраќајно решение на оваа сообраќајница.
Македонија
Објавени добитниците на државната награда „23 Октомври“ за 2025 година

Одборот за доделување на државната награда „23 Октомври“, на својата последна седница донесе одлука за доделување на државната награда „23 Октомври“ за 2025 година.
Наградата се доделува за долгогодишни остварувања во областа на науката, културата, образованието, заштитата на државните интереси и промоцијата на државните приоритети, вредности и културно-историското наследство од јавен интерес на Република Северна Македонија.
Добитници на наградата во областа на културата и уметноста за 2025 година се: актерот Гоце Тодоровски, писателот за деца и возрасни Александар Кујунџиски, поетот, романсиер, драмски писател и новинар
Братислав Ташковски и писателот акад. Божин Павловски.
Свеченото врачување на наградите ќе се одржи на 23 октомври 2025 година (четврток), во 12:00 часот, во Собранието на Република Северна Македонија.
Македонија
По 61 година, учениците во Црешево ќе добијат спортска сала, Јаневска и Стефковски извршија увид во градежните активности

„Иднината на државата се создава во училиштата и затоа од исклучителна важност е сите деца да имаат пристојни услови за едукација, а нивните наставници да бидат мотивирани и да имаат можности добро да ја извршуваат својата благородна мисија. Како Влада се посветивме на инфраструктурата во образованието и во изминатите 16 месеци вложивме 67 милиони евра – 32 преку Министерството за образование и наука и 35 преку повикот на Владата за распределба на средства кон општините за образовни проекти“.
Ова го истакна министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска која денес заедно со градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски извршија увид во изградбата на спортската сала во рамки на ОУ „Наум Охридски“ во Црешево.
„Инвестицијата во спортската сала е токму резултат на добрата соработка помеѓу Владата и општината. Објектот ќе овозможи квалитетна реализација на наставата по физичко образование, но и ќе поттикне поголема физичка активност и спортување на децата по завршувањето на часовите“, рече Јаневска потенцирајќи дека квалитетната спортска инфраструктура придонесува за градење здрави генерации со вистински вредности – со натпреварувачки дух, упорност, тимска работа, емпатија и меѓусебна почит.
Министерката нагласи дека инвестициите во образованието ќе продолжат. Со зголемен буџет за овој ресор, во текот на мандатот Владата ќе изгради уште 30 училишни спортски сали, а ќе се реконструираат 15 постоечки во различни општини.
Градоначалникот Стефковски рече дека по 61 година учениците од Црешево, Виниче и Смилковци кои своето основно образование го поминуваат во ова училиште ќе добијат училишна сала согласно сите европски стандарди. Изрази задоволство од поддршката која ја добива од Владата за модернизација на инфраструктурата во општината, информирајќи дека средствата за овој објект во висина од 34 милиони денари се обезбедени преку владиниот повик за распределба на средства по општини за инфраструктурни проекти. Спортската сала се очекува да биде завршена во втората половина на 2026 година.