Македонија
Ковачевски: Иднината на младите е во ЕУ, немаме генерации за губење
СДСМ е државотворната партија која секогаш се водела од интересот на државата и националниот интерес. Политиката мора да обезбедува иднина за младите, а тоа значи долгорочна стабилност и економски напредок на државата. А иднината на младите македонски генерации е во ЕУ, порача претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски во своето обраќање на петнаесеттиот Летен камп „Трајче Нешкоски“ во организација на СДММ.
Ковачевски пред младите истакна дека последниот европски предлог за почеток на преговорите со ЕУ гарантира чиста формулација на македонскиот јазик, што значи затворање на сите идентитетски прашања. Тоа значи излез од чекалната во која државата е цели 17 години и сигурна иднина.
„Со последниот европски предлог имаме чист македонски јазик во ЕУ, тоа значи крај на сите идентитетски премрежја на македонскиот народ кои со векови наназад ги преживувал. Во ЕУ ќе бидеме Македонци кои говорат македонски јазик. Вие ќе бидете Македонци, Македонки, во ЕУ ќе биде официјален македонскиот јазик. Со ова се затвора еднаш за секогаш темата со идентитетот. Никој повеќе не може да ве оспорува, да ве негира, да ве омаловажува. Горди, свои на своето, во ЕУ. Така, на Вас, на младите што доаѓаат ќе им оставиме чист терен, извесна и сигурна иднина во која ќе се разговара за економија, за здравство, образование, за се она што е нормално и за што треба да се разговара во 21 век.
Немаме генерации за губење. Треба да бидеме мудри и одлуките што ги носиме да бидат во интерес на младите и идните генерации“, посочи Ковачевски додавајќи дека тврдењата дека ќе се загрозеле јазикот, историјата и македонскиот идентитет е само една голема лага од страна на структури решени по секоја цена, дури и по цена на насилства да и наштетат на државата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Вештачката интелигенција треба да биде технолошка трансформација во служба на граѓаните: Во Собранието се одржа јавна расправа
Вештачката интелигенција треба да биде технолошка трансформација во служба на граѓаните
Во Собранието се одржа јавна расправа по конечниот извештај на Државниот завод за ревизија за извршената ревизија на успешност на тема: ,,Можност за употреба на вештачка интелигенција во јавниот сектор”.
Настанот го отвори координаторката на Клубот на младински прашања и политики, Драгана Бојковска, која истакна дека мора да се биде во тек со современите држави кои ги користат ВИ алатките, и во тој контекст информира дека во работата на Собранието е вклучена вештачката интелигенција.
Советникот во ДЗР, Сашо Јаковчевски, кој го презентираше Извештајот, рече дека е потребна сеопфатна дигитална инфраструктура бидејќи имаме растечка база на знаење која може да се вклучи во спроведувањето на вештачката интелигенција во јавниот сектор.
Според државниот ревизор Максим Ацевски, институцијата е лидер по примената на дигитализацијата бидејќи посетеноста на веб-страницата за кусо време пораснала за 6,34 проценти.
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, посочи дека Министерството веќе има проекти со кој се очекува да се спроведе вештачката интелигенција во јавниот сектор, која треба да биде технолошка трансформација во служба на граѓаните.
Учесниците во јавната расправа посочија дека без правна регулатива може да направи повеќе штета отколку корист. Затоа е потребна национална стратегија, заштита на личните податоци, институционален капацитет и правна заштита.
Македонија
Утре со врнежи кои повремено наместа ќе бидат пообилни, на повисоките места дожд и снег
Времето утре, ќе има врнежи кои повремено наместа ќе бидат пообилни. На планините врнежите ќе бидат од снег, а на повисоките места од дожд и снег.
Во источните делови ќе има услови за ретки грмежи. Ќе дува засилен повремено силен северен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 1 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 13 степени.
Во Скопје, ќе биде облачно со врнежи од дожд. Ќе дува засилен повремено силен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во среда и четврток времето ќе биде стабилно, а во четврток ноќта и во петок ќе има нови пообилни врнежи. Утре ќе дува засилен повремено силен јужен ветер кој во попладневните часови ќе го смени правецот во северен и ќе продолжи да дува и во среда.
Македонија
Полицајци спасија жител на Македонска Каменица кој останал заглавен на тераса во пожар во неговата куќа
Полициски службеници спасија жител на Македонска Каменица, кој беше заглавен на тераса откако настана пожар во неговата куќа, соопшти МВР.
Вчера попладне во 13:23 часот во СВР Штип е пријавено дека на ул.„14 Јуни“ во Македонска Каменица настанал пожар во куќа, сопственост на Љ.Ѓ.(80).
Полициски службеници од СВР Штип – Полициско одделение Македонска Каменица излегле на местото и го затекнале сопственикот заглавен на тераса на вториот кат, по што се преземени мерки и со помош на скали безбедно го спуштиле.
Нему му е укажана помош во Клиничка болница Штип поради вдишување чад, по што е пренесен во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје за понатамошно лекување.
Пожарот е изгаснат од Територијалната протипожарната едница Македонска Каменица. Увид е извршен.

