Македонија
Ковачевски: Имам исклучителна почит за Стојанче Ангелов
Премиерот уверува дека владата е стабилна и коалицијата брои 65 пратеници.
Според него, нормално е дека во рамки на коалицијата има политички партии со одредени ставови кои идеолошки или операционално се разликуваат од другите политички партии.
„На главните политички правци на владината коалиција сите имаат исто гледање и работат на остварување на истата цел, рече Ковачевски
-Партијата ДОМ имаше изјава во однос на изборниот модел, односно една изборна единица. СДСМ практично е првата партија која тој модел го стави во својата програма и која кажа дека се застапува за него. Од тоа не сме отстапиле и затоа е формирана комисија за ревидирање на изборниот закон, прво заради вметнување на забелешките на ОБСЕ и ОДИХР, а подоцна и во однос на изборниот модел. Таму ќе се отвори дискусија и за едена изборна единица, дали ќе има отворени листи и во однос на застапеноста на етничките заедници, како и други прашања за родовата застапеност, изјави Ковачевски во одговор на новинарско прашање пред почетокот на трибината што се одржува во скопското кино „Милениум“.
За Достоинство и нејзиниот лидер, Стојанче Ангелов, рече дека има исклучителна почит за нивниот претседател и за членовите на партијата.
-Ќе разговараме и во однос на законските решенија што ги предлагаат и нивната усогласеност со другите. Секогаш може да се изнајде заедничко решение, потенцира Ковачевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Центар, Бутел и Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска се планирани неколку прекини во снабдувањето со електрична енегија на корисниците од градот Скопје и неговата околина и тоа:
· во период од 06:00-10:00 часот корисниците на улицата Пајак, улицата Наум Наумовски Борче (од Костарика до Министерство за земјоделие), општина Центар;
· во период од 08:30-14:30 часот корисниците на дел од улицата Радишанска, општина Бутел;
· во период од 09:00-12:00 часот корисниците на улицата 29 Ноември бр.37, општина Центар;
· во период од 09:00-14:00 часот корисниците на дел од улицата Урош Џудовиќ, општина Карпош.
Македонија
Сообраќајот низ државата се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Претежно облачно со повремени врнежи од дожд, на планините снег
Облачно, со повремени врнежи од дожд кои ќе бидат поинтензивни во југоисточните делови (над 15 l/m²), а на планините од снег. Поради продор на постуден воздух вренежите од дожд ќе преминуваат во снег и на некои од повисоките места. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 5 до 11 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Времето во наредните денови
Денеска ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен дожд, во југозападните делови над 15 l/m², а на повисоките места врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег. Нови врнежи ќе има и во текот на седмицата кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег. Од денеска ќе има појава на магла по одредени котлини. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер.

