Македонија
Ковачевски: Континуирано инвестираме во современи училишта и квалитетен наставно-образовен процес
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, заедно со министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, беше во посета на ООУ „Браќа Миладиновци“ во Струга, кое беше реновирано на почетокот на оваа учебна година. Во училиштето комплетно се реновирани училниците и ходниците, објектот доби и термоизолациска фасада, како и нови подови во согласност со стандардите, а вредноста на реновирањето беше над 660 илјади евра.
„Ова училиште е вистински пример за мултиетничност и за успешен соживот. Во изминатите пет децении тука растеле и се образовале генерации и генерации учејќи на својот мајчин јазик, на македонски, албански и на турски јазик, и на тој начин ги негувале различностите и заемната доверба и почит. Денес, училиштето има над 1.200 ученици, кои исто така се од разна етничка припадност, меѓутоа можевме да се увериме на часовите што ги посетивме дека работат, учат заедно и разменуваат многу убави работи, многу убави настани од своите култури, кои подоцна заедно ги учат. Правото на образование и на квалитет во образованието не смее да биде привилегија. Образованието е еден од нашите главни столбови и затоа вложуваме напори и средства за негово постојано подобрување и усовршување“, изјави премиерот Ковачевски во своето обраќање при посетата на училиштето.
Министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, при денешната посета на ООУ „Браќа Миладиновци“ во Струга посочи дека инфраструктурните услови се еден од трите клучни фактори од кои зависи квалитетот на наставата.
„Реконструктивните активности завршија токму пред почетокот на новата учебна година, така што веќе четири месеци учениците поминуваат дел од денот во овој реновиран објект, кој убеден сум дека значително ја поттикнува мотивацијата за учење кај младите генерации. Затоа што, инфраструктурните услови се еден од трите клучни фактори од кои зависи квалитетот на наставата, покрај наставните програми, заедно со учебниците и грижата за подобар општествен статус и достоинствена работа за наставниците. А ние како Влада и Министерство сме посветени токму на сите три аспекти, односно фактори, еднакво и така ќе биде и во иднина“, рече министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, на денешниот настан во Струга.
Потенцирајќи ги конкретните мерки во образованието, премиерот Ковачевски рече дека само во последните две години со реконструктивни активности се опфатени 120 училишни објекти, а изградени се и 43 училишни спортски сали во основни и средни училишта. Притоа премиерот нагласи дека Владата создаде услови за континуирано усовршување на наставниците и за зголемување на нивните плати за 40 % само во последните две години, а кумулативно покачувањето е околу 55 %.
За време на посетата на училиштето „Браќа Миладиновци“ во Струга, премиерот Ковачевски, по повод претстојните празници, им подели на учениците новогодишни подароци.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во прекин сообраќајот на граничниот премин Евзони
Од 17:30 часот сообраќајот на граничниот премин Евзони (Богородица) е во прекин, извести АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози.
Македонија
Во наредните десет дена изменет сообраќаен режим на автопатската делница во изградба од селото Требеништа до селото Мешеишта
СВР Охрид информира дека од денеска во наредните десет дена, на сила ќе бидат измените на сообраќајниот режим на автопатската делница во изградба од селото Требеништа до селото Мешеишта, општина Дебрца.
„На овој патен потег, сообраќајот ќе се одвива наизменично по левата сообраќајна лента гледано во правец од Охрид кон Кичево поради што, апелираме до возачите, крајно внимателно и со прилагодена брзина да ги управуваат своите патнички и други моторни возила и во согласност со поставената хоризонтална и вертикална сообраќајна сигнализација“, соопштуваат од СВР Охрид.
Македонија
СДСМ: „Тефтерчињата“ во судството од времето на Никола Груевски се вратија
„Го сменија јавниот обвинител за да постават обвинител под своја контрола. Сопруга на градоначалник од ДПМНЕ назначија за член на Судскиот совет, поставија партиски човек во Советот за јавни обвинители. ‘Тефтерчињата’ во судството од времето на Никола Груевски се вратија“, велат од СДСМ.
„Сите знаат, следува целосно погребување на правдата. Со неуставна Резолуција во Собранието ДПМНЕ-ЗНАМ ја гушат демократијата, слободата на говор и се обидува да ја замолчи опозицијата да не зборува за договорот мигранти за пари.
Дури и Катица Јанева ја пуштија од затвор. Три години порано ја пуштија надвор од затвор за 3 месеци да тера кампања. Copy-paste сценарија како методите на Никола Груевски и Вучиќ. Режим 2.0.
Затоа е потребен широк фронт за правда на сите слободоумни граѓани, опозициски партии, прогресивни сили, здруженија. Заедно ќе ја одбраниме демократијата, заедно ќе ја одбраниме Македонија!“, се наведува во соопштението на СДСМ.

