Македонија
Ковачевски – Лахдевирта: Значајна е обединетоста на НАТО и на ЕУ и потребна е евроинтеграцијата на Северна Македонија
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, се сретна со Кимо Лахдевирта, нерезидентен амбасадор на Република Финска за земјава.
На состанокот е разговарано за војната во Украина, безбедносната ситуација во Европа, како и за можностите за унапредување на добрата билатерална соработка помеѓу двете држави.
Оценета е како значајна обединетоста на државите членки на НАТО и на Европската Унија во позициите за руската агресија врз Украина.
Исто така, констатирано е дека исчекорот на Република Северна Македонија во европските перспективи е важен за нашата држава, но и како охрабрување за целиот регион, а и како придонес во стабилноста и безбедноста на Европа.
Претседателот на Владата, Ковачевски, се заблагодари за поддршката од Финска за европската интеграција на нашата држава и нагласи дека Северна Македонија продолжува активно да споделува исти вредности со земјите членки на НАТО и на ЕУ.
„Како Влада и како држава, поставени сме целосно на линија на политиките на НАТО и на Европската Унија и во поглед на ситуацијата во Украина. Имаме голема усогласеност на законодавството со легислативата на ЕУ, а развиваме и добрососедски односи во духот на европските вредности. Постои добра енергија во односите со Република Бугарија и на тој начин работиме кон решенија на отворените прашања. Денес јасно е и во Брисел дека евроинтеграцискиот напредок на Република Северна Македонија е важен и за регионот и за ЕУ“, рече премиерот Ковачевски.
На состанокот е потврдена меѓусебната поддршка на двете земји за прашања од полза на граѓаните на државите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Шуто Оризари и Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска без електрична енегија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 15.00 часот, дел од корисниците од улицата Македонско Косовска Бригада лоцирани спрема подвозникот кај Визбегово, како и дел од корисниците од улицата Индира Ганди, лоцирани покрај пруга кај подвозникот, општина Шуто Оризари;
– во периодот од 09.00 до 15.30 часот, дел од корисниците од улицата Фјодор Достоевски, општина Карпош.
Македонија
Голем одрон кај село Ратево, магла на патниот правец Тетово – Гостивар
На патниот правец Р-1302 Берово – Струмица (кај село Ратево) поради поголем одрон сообраќајот се одвива по направена девијација во должина од 50 метри. Намалена видливост и појава на магла на патниот правец Тетово – Гостивар до 70 метри, извести АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно влажни коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Без вода денеска објектите на хотел Континентал и Ист Гејт
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради промена на затворач на булеварот Александар Македонски бб (кај Континентал), прекинато водоснабдување ќе имаат објектите на хотел Континентал и Ист Гејт.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.

