Македонија
Ковачевски – Лајчак: Со следниот чекор, Северна Македонија да го задржи европскиот курс
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, заедно со вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, во Њујорк се сретна со специјалниот претставник на ЕУ за Западен Балкан, Мирослав Лајчак.
На состанокот е разговарано за актуелни политички прашања во Северна Македонија и регионот и нивните импликации во поширок безбедносен контекст.

Заеднички е констатирано дека е неопходно да се задржи европскиот курс, со следниот чекор во претстојниот период, со цел државата да го осигура развојот, како и да придонесе во европската стабилност, а за што земјата има силна поддршка во Европската Унија.
Во таа насока, од Северна Македонија се очекува да го задржи приматот на регионален лидер во интеграциите, како пример за решавање предизвици преку мудро лидерство и дијалог и за другите држави во Западен Балкан.

На средбата е заеднички оценето дека секое поинакво дејствување на политичките субјекти во Република Северна Македонија надвор од европската агенда, ја загрозува европската определба на државата. Со тоа, го доведува во прашање квалитетот на живот на македонските граѓани и ја става земјата во извесна изолација на долг рок, со што задира и во пошироките стратешки цели за одржување на регионалната и европската стабилност, посебно во актуелниот геополитички контекст. Лајчак и Ковачевски констатираа дека неуспехот на Северна Македонија ќе биде и неуспех на Европската Унија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево со мала до умерена облачност, ќе дува повремено засилен северен ветер
Сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец (локално до 50 km/h). Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 6, а максималната ќе достигне од 9 до 16 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и сончево време со мала до умерена облачност и со пониски утрински температури. Во четврток ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северен правец, поизразен долж Повардарието.
Македонија
Дел од Автокоманда денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека за денеска имаат планирано неколку интервенции и тоа:
· поради промена на вентил од 2.5“ на улицата Јани Лукровски 12, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.
Македонија
Угинат балкански рис најден на патот Ресен – Охрид, постојат само 50-тина единки од овој вид
Угинат рис денеска е пронајден на патот Ресен – Охрид. Од Македонското еколошко друштво (МЕД) велат дека ваквиот случај не треба да нè остави рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-ина единки на балканскиот рис.
„По дојава од Здружението на ловци „Преспа-Ресен“, денеска на терен констатиравме дека е угинат рис на патот Ресен-Охрид. Во тек е координирана акција со Министерството за животна средина и просторно планирање, Државниот инспекторат за животна средина, Агенцијата за храна и ветеринарство и Македонското еколошко друштво со цел земање примероци за анализа и транспортирање на угинатото животно на Факултетот за ветеринарна медицина при УКИМ – Скопје заради обдукција“, велат од МЕД.
Од таму велат дека за зачувување на загрозените видови потребно е да се изградат зелени мостови.
„Ваквите случаи не нè оставаат рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-на единки на балканскиот рис. Истовремено, се јасен показател дека ако сакаме да ги зачуваме загрозените видови, мора да се планираат и градат зелени мостови преку кои животните ќе можат безбедно да се движат и да ги надминуваат пречките создадени од човекот“, велат од МЕД.
фото/Facebook/Македонско еколошко друштво

