Македонија
Османи – Цахна: Естонија поддржува забрзана евроинтеграција на Северна Македонија
Во рамки на 78-то заседание на Генералното Собрание на Обединетите нации, во Њујорк, денес, министерот за надворешни работи Бујар Османи оствари средба со министерот за надворешни работи на Естонија, Маргус Цахна.
Министерот Османи ги поздрави одличните билатерални односи кои постојат меѓу двете пријателски земји, заблагодарувајќи се за недвосмислената и гласна естонска поддршка за пристапните преговори на нашата држава со Европската унија. Воедно, ја повтори нашата подготвеност за имплементација на естонското искуство во областа на дигитализацијата во Северна Македонија, извести МНР.
„Постои нов импулс во интеграцијата на Западниот Балкан во ЕУ, за што е потребна акција и од страна на ЕУ и од страна на државите од регионот: Европската Унија да обезбеди повеќе конкретни придобивки уште во текот на процесот на пристапување, а земјите од регионот на Западен Балкан да преземат решителни активности во спроведувањето на реформската агенда и усвојувањето на стандардите на ЕУ“, предочи Османи.
Министерот Цахна истакна дека Естонија високо го цени придонесот на Република Северна Македонија како претседавач со ОБСЕ кон стабилноста и просперитетот на целиот регион на ОБСЕ.
Двајцата соговорници нагласија дека партнерството меѓу двете земји на безбедносен план и заложбата за што поскоро постигнување мир на европско тло, дополнително се зацврстува во рамките на НАТО алијансата. Воедно, ја нагласија неопходноста од натамошен засилен развој на меѓусебната трговска соработка, се наведува во соопштението на МНР.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
За неколку дена претседателката Сиљановска Давкова ќе ја има првата посета во странство
За неколку дена, односно на 23 мај претседателката Гордана Сиљановска Давкова ќе ја има првата посета во странство. Тој ден ќе биде примена од Папата Франциск во Ватикан, а следниот ден во Рим ќе присуствува на чевствувањето на светите браќа Кирил и Методиј.
Сиљановска Давкова ќе ја посети базиликата Свети Климент каде се наоѓа гробот на Св. Кирил, а потоа и базиликата Санта мариа Маџоре каде се наоѓа плочата испишана на македонски јазик. За време на престојот во Рим, претседателката ќе биде примена од претседателот на Италија, Серџо Матарела.
Македонија
Денес дожд и грмежи, можно е краткотрајно невреме со силен ветер и град
Времето денеска ќе биде променливо облачно и нестабилно со пороен дожд и грмежи. Локално ќе има услови за појава на невреме со интензивен пороен дожд, силен ветер и изолирана појава на град.
Минималната температура ќе се движи од 9 до 15, а максималната ќе достигне од 21 до 27 степени.
Во Скопје ќе биде променливо облачно и нестабилно со пороен дожд и грмежи. Во делови од котлината ќе има услови за појава на краткотрајно невреме со интензивен пороен дожд, силен ветер и изолирана појава на град. Минималната температура ќе се спушти до 14, а максималната ќе достигне до 25 степени.
Македонија
ДИК ги соопшти местата на кои ќе се прегласува на 22 мај
Државната изборна комисија (ДИК) денеска, на 105. седница, едногласно го усвои предлогот да се повтори гласањето во Изборната единица (ИЕ) 5 на избирачките места 1470/1 и 1470 во Општина Долнени, 1.194 и 1.202 во Општина Крушево, 1844 во Општина Струга и 1272 во Општина Охрид, како и во ИЕ 6 на избирачкото место 2101 во Општина Желино. Гласањето ќе се одржи идната среда, на 22 мај 2024 година.
ДИК на седницата ги разреши и претседателите на избирачките одбори, членовите и нивните заменици во избирачките места 1470/1 и 1470 во Општина Долнени, 1194 и 1202 во Општина Крушево, 1844 во Општина Струга, 1272 во Општина Охрид и 2101 во Општина Желино.
Со оглед дека се кратки роковите за избор на нови избирачки одбори, за да биде регуларно прегласувањето, општинските изборни комисии (ОИК) ќе треба да ангажираат некои од веќе постојните избирачки одбори, или од најблиските избирачки места или некои други, и за тоа ќе треба да достават известување до ДИК.
Кампањата за повторното гласање ќе трае до понеделник, 20 мај, 00.00 часот. Притоа, ќе важат истите листи за болни и немоќни лица, ќе нема можност да се пријавуваат нови.
Според ДИК, има можност за измени и предлози за овластени претставници на кандидати. Тоа важи и за членовите на избирачките одбори кои се предложени од политичките партии.