Македонија
Ковачевски – Меки: Партнерството со САД и УСАИД продолжува, енергетската трансформација е високо на државната агенда
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, се сретна со директорката на Бирото за Европа и Евроазија на Агенцијата на САД за меѓународен развој – УСАИД, Ерин Елизабет Меки.
Фокус на разговорите беше ставен на енергетската транзиција на Северна Македонија и енергетската независност во регионот, како и спроведувањето на реформските процеси во земјата на патот кон ЕУ.
Заеднички беше изразено задоволството за формализирањето на партнерството на УСАИД со владата на Грција со цел забрзување на интеграцијата на регионалниот енергетски пазар преку заемна соработка. Беше констатирано дека е потребна брза интеграција на земјата во европскиот енергетски пазар за што се преземаат и конкретни чекори за целосна енергетска независност на нашата држава.
Притоа премиерот Ковачевски ја информира директорката Меки за достигнувањата на Северна Македонија во оваа област и плановите и реализацијата на проектите, кои ќе придонесат кон енергетска независност на земјата. Со правилни политики во 2023 година во Северна Македонија веќе работат фотонапонски централи со вкупна инсталирана моќ од 400 мегавати, кои произведуваат 610 гигават-часа електрична енергија и произведуваат електрична енергија за 198.000 семејства во државата. За период од речиси две години рекордни 685 централи добија дозволи за работа, а тие, според пресметките, може да снабдуваат со струја над 160 илјади домаќинства со просечна потрошувачка на 18 града.
Воедно, во 2023 година, по 13 неуспешни тендери и речиси 30 години планирање и подготовки, Владата на Република Северна Македонија избра понудувач кој е подготвен да инвестира во изградба на ХЕЦ „Чебрен“ – грчката компанија ППС и нивниот конзорциски партнер. Со оваа инвестиција вредна 1 милијарда евра предвидена е изградба на реверзибилна хидроцентрала со капацитет од 333 мегавати, која освен тоа што ќе биде еден од големите производители на електрична енергија во земјата, ќе биде користена и како централа во која ќе се балансираат вишоците што во одредени делови од денот ќе ги има од другите капацитети за производство на електрична енергија од обновливи извори на енергија.
Директорката Меки посочи дека сега е моментот да се удвојат напорите за да се инвестира во ефикасен, добро менаџиран, независен енергетски систем, кој ќе ја овозможи енергетската трансформација на државата и ќе обезбеди енергетска независност и безбедност.
Меки рече дека УСАИД и понатаму ќе продолжи да ѝ ја дава неопходната поддршка на земјата и да имплементира програми насочени кон зголемување на економската продуктивност и енергетска независност на земјата, како и во насока на адресирање на корупцијата.
На средбата беше потенцирана значајната улога на УСАИД во зајакнување на демократските процеси, институциите и граѓанското општество, но и во зајакнување на економијата и образованието.
Беа препознаени напорите на Владата на Република Северна Македонија за преземање на неопходните чекори за реализирање на европерспективите и беше оценето дека земјата мора да продолжи напред сѐ до реализирање на полноправното членство во ЕУ. Нагласувајќи дека САД се нашиот клучен партнер и сојузник, премиерот Ковачевски изрази благодарност за континуираната политичка и економска помош и партнерство, кое трае повеќе од 30 години.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Се оддалечуваме од Европа поради политиките на власта, му рекол Филипче на известувачот Томас Вајц
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска одржал состанок со постојаниот известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц. На состанокот, како што информираа од партијата, станало збор за актуелната политичка состојба и за евроинтеграцискиот процес на државата.
Филипче изразил благодарност за ангажманот на ивестувачот на ЕП, Вајц, во следењето на процесот, како и за поддршката на Европската Унија и Европскиот Парламент за европската перспектива на нашата држава.
„На средбата, Филипче посочи дека статусот во кој се наоѓа евроинтеграцискиот процес на Македонија е сериозно загрижувачки, реформската агенда е закочена, реформите не се спроведуваат, а власта не покажува волја за продолжување на европскиот пат. Тој додаде дека наместо напредок кон европскиот пат, државата поради политиките на власта се соочува со стагнација, блокирани реформи и политики кои ја оддалечуваат државата од европските стандарди“, велат од СДСМ.
Филипче нагласил и дека европската интеграција за Македонија значи процес што го зајакнува владеењето на правото, гради функционални институции и обезбедува подобар живот за граѓаните, а Македонија заслужува да се движи напред, а не да губи време и да остане изолирана.
Воедно, Филипче порачал дека СДСМ останува цврсто посветена на европските вредности и реформи, бидејќи иднината на Македонија во Европската Унија, тоа е клучот за подобра, праведна, просперитетна и напредна држава, за подобра иднина за сите граѓани.
Македонија
За возачка дозвола доволно е завршено основно образование, рече Јаневска по протестите
Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека за полагање возачки испит е потребно најмалку завршено основно образование, нагласувајќи дека државата обезбедува можности.
„Образованието е бесплатно и за оние што ја надминале возраста, така што до 29 години тие преку Центарот за образование добиваат едукација. Сме имале и проекти со наши странски партнери преку кои Ромите што биле заинтересирани да го дополнат своето образование добиле некаква едукација соодветна на барањата на пазарот на трудот, нивните лични потреби итн“ рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање. Додаде и дека Министерството финансира околу 40 ромски медијатори со цел зголемување на опфатот и редовното присуство на ромските деца во училиштата.
Изјавата доаѓа по протестите на граѓани кои побараа ослободување од обврската за полагање возачки испит бидејќи немаат неопходен степен на образование, а автомобилите им се неопходни.
Македонија
Дожд и облаци утре, постудено на почетокот на следната седмица
Времето утре ќе биде променливо облачно. Во западните делови ќе има врнежи од дожд, а попладне услови за дожд ќе има и во источните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб ветер со променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 11 степени, најавува УХМР.
Утре ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен слаб дожд освен во западните делови каде што ќе биде облачно со врнежи од дожд кои ќе бидат со пообилен интензитет (над 15 l/m²). Ќе дува умерен, повремено засилен ветер. Нови врнежи ќе има во недела и почетокот на следната седмица кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег.

