Македонија
Ковачевски: Мицкоски само ќе продолжи каде застана Груевски, ДПМНЕ не може да донесе промена
Мицкоски само ќе продолжи каде застана Груевски, ДПМНЕ не може да донесе никаква промена, рече вечерва во Куманово претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски во обраќање при отворање на промотивен штаб на партијата.
-Никој од нас не заборавил како изгледаше кога менторот на Мицкоски, Груевски нѐ заглави и не донесе до дното. Мицкоски, само ќе продолжи таму каде што неговиот ментор застана, ќе продолжи да копа до ново дно, ќе нѐ закопа и ќе не заглави, само за своја лична цел. ДПМНЕ не ги интересира иднината на државата и граѓаните. Погледнете ги само нивните носители на листи и тоа ќе ви каже сè. Сакаат на голема врата да ги вратат поданиците на Никола Груевски. Ништо не е променето во ВМРО-ДПМНЕ, тоа е истата партија која не може да донесе никаква промена. Па има ли поголем доказ за тоа од целосното потфрлање на нивните градоначалници. Видете што се случува во Скопје, и ништо друго не ви треба. Мавтаа со програми пред локалните избори, а ништо не реализираа, рече Ковачевски.
Кога ќе ги прашате која е нивната визија и алтернатива за Македонија – тие нити знаат, нити кажуваат, нити имаат план, додаде тој.
-Тие нема да мрднат ни милиметар кон Европската Унија, и кога нема да има никаков прогрес, не само што нема да си ја признаат грешката, не само што нема да кажат дека лажеле, тие исто како Груевски ќе ги обвинуваат сите други, и ќе ја обвинуваат Европската Унија. Сите ќе им бидат виновни, освен тие самите! Тие едноставно сакаат да се вратиме во минатото, да ја закопаме иднината и да ја уништиме надежта за подобро утре, потенцираше Ковачевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почина Кире Ѓорѓиевски, еден од осудените за 27 април
Почина Кире Ѓорѓиевски, еден од осудените за настаните на „27 април“, кој беше осуден на 13 години затвор.
Од она што досега е познато, Ѓорѓиевски бил болен и неговата состојба била оценета како тешка.
„Почивај во Мир Кире! И ти не дочека како братот Игор Југ да ја видиш слободата! Уште колку треба да умреме од 27 за да се наситите, уште колку додека ја чекаме правдата, напиша Горан Ангелов на социјалните мрежи.
Македонија
Обвинение за кражба на кабли од кругот на „Железара“, нанесена штета на јавните инсталации од повеќе стотици илјади евра
Основното јавно обвинителство Скопје, по спроведена истрага, денеска поднесе Обвинителен акт против три лица, кои како соизвршители сториле кривично дело – Тешка кражба од објекти на јавни инсталации кои се од посебно значење за сигурноста на луѓето и имотот.
Обвинетите, заедно и со други лица кои се уште не се идентификувани, во периодот од март до почетокот на мај годинава, од кругот на фабриката „Железара“ во Скопје, односно од објектот на „Полуконти –ИГМ“ и подземните тунели низ кои поминуваат кабли за напојување со електрична енергија одзеле повеќе километри високоенергетски и среднонапонски кабли во сопственост на оштетените правни лице АД ЕСМ – Електрани на РСМ – Подружница енергетика Скопје и МакСтил АД Скопје во вкупна вредност од околу 440 илјади евра.
Во повеќе наврати, преку отвори со скалила кои водат во подземните тунели, обвинетите влегувале од погонот на „Полуконти –ИГМ“ и откако со апарат се уверувале дека каблите не се под напон, со батериска брусалка ги сечеле и ги складирале до влезот од тунелите. Поради нивните дејствија, на 9 април настанал и пожар во трафостаницата ТС Југ со кој била предизвикана и дополнителна штета на јавните инсталации за чие санирање биле потребни повеќе од 100 илјади евра, а не се реализирало и планираното производство и дистрибуција на електрична енергија кон крајните корисници на електрична енергија за период на санација на дефектите во вредност околу 60 илјади евра.
Потоа на 6 мај, сите тројца обвинети заедно, со возило Фолксваген голф дошле до објектот и ги подготвувале каблите за транспорт. Но, при удар со кабел едниот осомничен бил повреден и тројцата отишле најпрво на Ургентниот центар „Мајка Тереза“, каде му биле констатирани повреди и му била укажана лекарска помош. Потоа сите тројца се вратиле во објектот, ги зеле алатите кои ги оставиле и се обиделе да го напуштат местото, но биле затекнати и лишени од слобода веднаш по излезот од кругот на „Железара“.
Јавниот обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави и предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за сите тројца обвинети, бидејќи се уште постојат опасноста од бегство, можноста за влијание врз сведоци и ризикот да го повторат делото како основи поради кои таа мерка беше првично побарана и определена.
Македонија
Сончево време со температура до 23 степени
Времето во о текот на денот ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 18 до 23 степени, јавува УХМР.
Во Скопје, претпладне во делови од котлината со слаба магла. Преку денот сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец. Максималната температура ќе достигне до 20 степени.

