Македонија
Ковачевски на Универзитетот „Колумбија“: Се залагам за Балкан без граници
Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, во дискусија со студентите на Универзитетот „Колумбија“ говореше и за иницијативата „Отворен Балкан“, која ја оцени како органска иницијатива, односно економски сојуз на Србија, Албанија и на Република Северна Македонија, изграден врз европските принципи за слободно движење на стоки, капитал, услуги и луѓе.
„Ако излезете од Србија кон Унгарија, тогаш немате гранични проверки до Скандинавија. Ако одите кон Хрватска запад, немате граници сè до Португалија. Ако одите на југ, на секои 100 километри имате граница, и тоа создава тешкотии за луѓето, за економиите, за транспортерите, за логистиката. Овие граници создаваат само корупција и ништо друго и затоа се залагам за Балкан без граници“, посочи премиерот.
Во оваа пригода тој потсети на својата изјава во Солун во рамките на иницијативата „Отворен Балкан“ кога ги покани не само Косово туку и Италија, Грција и Турција во оваа иницијатива.
„Секогаш го канам Косово затоа што научив дека конфликтот не е начин и дека за отворениот предизвик меѓу Србија и Косово мора да биде изнајдено дипломатско решение. Во овој контекст многу често на ум ми е една мудрост – дека семејство што вечера заедно, останува заедно. Затоа мора да седиме на истата маса со нашите соседи. Ако не седиме на истата маса, не комуницираме, ако не комуницираме, не можеме да ги решиме проблемите“, истакна Ковачевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Стојаноски за платите на функционерите: се намалуваат за над 10.000 денари, законското решение е согласно Устав
„Поднесовме предлог на измена на шест закони, со овој пакет на закони се опфаќаат Законот за пратениците, Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија, Законот за платите на јавните обвинители, Законот за платите на членовите на Советот на јавните обвинители на Република Македонија, Законот за платите на судиите, Законот за платите на членовите на судскиот Совет, со коешто се воспоставуваат реални висини на плати“, истакна Бојан Стојаноски, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ на денешната седница во Собранието.
Стојаноски објасни дека со овие предложени решенија се врши интервенција во коефициентите и дека ова законско решение е во согласност со Устав и не може да биде обжалено пред Уставниот суд.
„Со овие предложени решенија се врши интервенција во коефициентите, со што се обезбедува национално користење на средствата од Буџетот на Република Македонија. Ова законско решение е во согласност со Уставот, и е единствено законско решение коешто може да влезе во уставната рамка и потоа да не биде обжалено на Уставниот суд“, рече Стојаноски и додаде:
„Со овие измени одредени позиции се намалуваат коишто се во следниов правец. За пратениците и функционерите во извршната власт ги намалуваме коефициентите со што директно го кратиме буџетскиот товар, за судиите и јавните обвинители предвидуваме усогласување на коефициентите со цел нивните плати да бидат во корелација со реалните економски можности на државата, додека за градоначалниците предлагаме нова скала на коефициенти, зависно од бројот на жители во општините. Доколку овие измени денеска бидат усвоени во Собранието, платите ќе се нивелираат со што значи на сите овие функционери коишто се под овие шест закони, платата ќе се намали од 10 до 13.000 денари“.
Македонија
Бесплатен логопед за децата од Општина Аеродром
Градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, денеска потпиша меморандум за соработка со здружението „МЕГАЛОГОМЕД ГЛАС – Скопје“, со што се овозможува индивидуални логопедски и дефектолошки третмани за деца со развојни потешкотии и деца со попреченост.
Со ова, децата од Аеродром добиваат бесплатен пристап до стручна логопедска поддршка, рано препознавање на развојните предизвици и навремена интервенција — важен чекор за нивниот правилен развој, сигурност и самодоверба.
Услугата ќе биде бесплатна за лицата што ќе добијат соодветна препорака од Центарот за социјална работа на Град Скопје, а корисници ќе можат да бидат лица со валидна документација согласно со Меѓународната класификација на функционирање, попреченост и здравје (МКФ).
„Обезбедуваме и поддршка за родителите преку советување и насоки, со цел секое семејство полесно да стигне до потребната стручна помош без дополнителни финансиски оптоварувања“, вели Митевски.
фото/Depositphotos
Македонија
Политичарите да се воздржат од коментирање на одлуката за притворот на Груби, апелира Здружението на јавните обвинители
Здружението на јавните обвинители апелира до сите политички партии и функционери да го почитуваат и да не го загрозуваат начелото на поделба на власта и да се воздржат од јавна реторика со која ја нарушуваат самостојноста на јавните обвинители во одлучувањето.
Од таму велат дека во изминатите денови сведоци сме на неодговорни изјави со кои одредени политичари селектираат и прозиваат поединечни јавни обвинители, коментирајќи ги јавнообвинителските одлуки без воопшто да бидат запознаени со конкретен предмет и доказите.
„Ова кулминираше во политичките коментари во однос на определена мерка куќен притвор за еден од осомничените во предметот “Државна лотарија”. Ваквата јавна реторика мора да престане, а останатите институции да дозволат обвинителите непречено да постапуваат и да одлучуваат. Здружението на јавните обвинители е професионална организација, која нема овластувања да интервенира или да ги коментира одлуките на јавните обвинители при работата на конкретни предмети. Но, Здружението има право и обврска да ја заштити самостојноста на обвинителите кои стручно и одговорно ја вршат својата функција и да се бори за соодветни услови во кои тие ќе работат непречено“, се наведува во соопштението.

