Македонија
Ковачевски на одбележување на 78-годишнината од основањето на Црвениот крст: Хуманоста да ја покажуваме на дело
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, денеска присуствуваше и се обрати на одбележувањето на Денот на основањето на Црвениот крст на Република Северна Македонија, кој годинава одбележува 78 години од постоењето.
Во рамките на одбележувањето на годишнината на Црвениот крст на Република Северна Македонија се одржа и донаторска акција за собирање помош за настраданите подрачја од катастрофалните земјотреси во Турција и Сирија.
На настанот присуствуваа и министри во Владата на Република Северна Македонија, пратеници, претставници на дипломатскиот кор, претставници на меѓународни организации, претставници на локалната самоуправа, претставници на компании, како и поддржувачи на Црвениот крст.
Целта на денешната донаторска акција беше да се обезбедат вкупно 1 милион евра, што и се постигна, со што се заокружи хуманитарната помош за Турција и Сирија, за чии настрадани подрачја досега се обезбедени над 960.000 евра, а доставена е и хуманитарна помош во материјални добра во вкупна вредност од над 91.000 евра.
„Седумдесет и осум години хуманитарност, солидарност, пожртвуваност, издржливост, ублажување на страдањето на луѓето и пружање рака секаде и секому. А со истото несебично залагање за овие трајни вредности посакувам Црвениот крст да продолжи уште многу, многу години“, порача премиерот Ковачевски во своето обраќање за време на одбележувањето на седумдесет и осумгодишнината од основањето на Црвениот крст на Република Северна Македонија.
Тој потсети на досегашната помош за настраданите подрачја нагласувајќи дека Владата издвоила речиси 100.000 евра помош за помош на настраданите во катастрофалниот земјотрес во Турција, при што повеќе институции биле задолжени за испраќање тимови со соодветна опрема, на кои им изрази благодарност.
Зборувајќи за општата поддршка на Црвениот крст на Република Северна Македонија, премиерот исто така потенцира дека Владата донела одлука и за одобрување буџетски средства за 2022 година во износ од над 243.000 евра како финансиска помош за дејствување при итни состојби.
Годинава, како што нагласи премиерот, Владата донела одлука за финансирање на Годишната програма на Црвениот крст на Република Северна Македонија за која е предвиден износ од над 130.000 евра, како и средства за обезбедување трошоци за проектни активности, кои не се покриени од страна на донатори, во висина од речиси 98.000 евра и средства во висина од над 32.000 евра за реализација на проект за одмор и рекреација на деца од семејства со социјален ризик и деца корисници на посебен додаток за летен распуст 2023 година.
Премиерот Ковачевски упати повик до сите граѓани да се вклучат во денешната донаторска хуманитарна акција за помош на настраданите подрачја од земјотресите во Турција и Сирија.
„Мисијата на Црвениот крст на нашата држава е да работи на спречување и ублажување на човековото страдање, заштита на животот и здравјето, унапредување на социјалната состојба, обезбедување почит и достоинство за човековото битие, а особено во случај на несреќи и катастрофи, како и да го промовира меѓународното хуманитарно право и хуманите вредности, како и да поттикнува доброволно ангажирање и постојано подготвување за давање помош, како и универзално чувство за солидарност и хуманост.
Ваквите заложби се нагласени во визијата на оваа хуманитарна организација, каде што се вели дека таа дејствува, поттикнува и промовира хумани вредности за навремено да одговори на современите хуманитарни предизвици.
Последен таков предизвик беа земјотресите во Турција и Сирија, кои беа и повик до сите нас повторно да ја покажеме нашата солидарност и хуманост. Тоа го направија и граѓаните, компаниите, Црвениот крст, како и Владата на Република Северна Македонија“, рече премиерот порачувајќи дека преку ваквите донаторски акции ја покажуваме солидарноста на дело.
Генералниот секретар на Црвениот крст на Република Северна Македонија, Саит Саити, истакна:
„Денес, несомнено работата на Црвениот крст е порелевантна и попотребна од кога било затоа што светот денес потсетува на брод што плови по немирно море, со многу нееднаквости, експлоатирање, омаловажување, застрашување, војни, природни катастрофи и миграции на луѓе како резултат на економски, политички, социјални и климатски состојби. Основната причина што ги означува сите овие состојби е недостиг на хуманост и почит“, рече генералниот секретар на Црвениот крст, Саит Саити, во обраќањето на годишнината од основањето на организацијата.
Потенцирајќи ја соработката со институциите, корпоративниот сектор, партнерите и донаторите во земјава и странство, Саити им се заблагодари на сите оние што се вложиле и ја поддржале организацијата.
„Хуманоста и солидарноста продолжуваат да бидат наша водилка и инспирација во обид да направиме позитивна разлика во животот на луѓето“, додаде Саити.
Амбасадорот на Република Турција во Република Северна Македонија, Хасан Мехмет Секизќок, изрази благодарност за помошта на Република Северна Македонија за Турција.
„Обединети во едно срце, јавните институции, невладиниот сектор, бизнис-заедницата, образовните институции, млади и возрасни, сите помагаа за настраданите од погодените региони. Не може да ги вратиме назад изгубените животи… Но, со сета можна сила ќе работиме за закрепнување на раните на оваа природна катастрофа. Одново ќе ги изградиме разурнатите градови и училишта.
Вие ја споделивте нашата голема тага.
Вие, во вашата моќна солидарност, воедно ја споделувате и надежта на турскиот народ за обновата на погодените региони. Турскиот народ со благодарност ќе се сеќава на вашата љубов и солидарност“, порача амбасадорот на Република Турција во Република Северна Македонија, Хасан Мехмет Секизќок, во своето обраќање на годишнината од основањето на Црвениот крст, во рамките на кој настан се организира и донаторска акција за погодените подрачја во Турција и Сирија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево време со температута од 17 степени, за утре метеоролозите најавија повремени локални врнежи од дожд
Времето претпладне ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со услови за појава на утринска магла по одделни котлини. Попладне облачноста ќе се зголеми и ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 13 до 17 степени.
Во Скопје, претпладне сончево со мала до умерена облачност, а попладне променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец сончево со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 17 степени, јавува УХМР.
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност, освен во четврток кога ќе има повремени локални врнежи од дожд. Утре и во четврток по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos

