Македонија
Ковачевски: ВМРО-ДПМНЕ да одлучи дали ќе се приклучи кон проевропскиот блок цела, или во делови
Во обраќање пред членовите на Централниот одбор на СДСМ, претседателот на владејачката партија и премиер, Димитар Ковачевски рече дека од национален, регионален и глобален контекст е значајно продолжувањето на европскиот пат на земјата и ги потенцираше ризиците за иднината на земјата доколку не продолжат евро-интеграциите.
-Нашите стратешки партнери САД препознаваат колку е важно во национален, регионален, но и во глобален контекст Северна Македонија да продолжи со евроинтеграциите кои се веќе започнати. На средбите и Блинкен и Ескобар недвосмислено потврдија дека евроинтеграциите на земјава се неповратен процес. Токму затоа и изразија загриженост врзана со блокадата на опозицијата. Доколку ние не продолжиме по европскиот пат, доколку не ги направиме следните чекори, евроинтеграцијата ќе запре и ние повторно ќе се најдеме во состојба на стагнација како онаа што ја имавме цели 10 години до 2016. Тоа е многу опасно за нашата земја, за нејзината иднина, рече Ковачевски.
Воопшто не беше лесен патот до тука изминативе години, но ова е прв пат блокадата да не доаѓа од надвор, туку да доаѓа од внатре, од дома, од опозицијата која дефакто е против сите процеси кои ја носат државата напред, додаде Ковачевски.
Ова е најдобриот договор што ние можеме да го добиеме, и тука не треба да има дилема.
-Можеби ВМРО ДПМНЕ ќе соберат капацитет за да можат да го согледаат сето ова како целина. Иако, до денес како дел од анти европскиот блок предводен од проруската Левица и со константно блокирање, јасно е како е позиционирана оваа партија. Но од друга страна, јасно е дека во ВМРО-ДПМНЕ има поединци, пратеници, претставници на раководството кои не мислат како Мицкоски и кои искрено, од срце сакаат земјава да го продолжи патот кон ЕУ. Сакаат да бидат дел од проевропскиот блок. И тие поединци мислам дека многу брзо ќе го остават Мицковски на последната станица и ќе продолжат на возот кон Европа. СДСМ е предводник на овој европски концепт за европска иднина. И тоа така ќе биде. Или ВМРО ДПМНЕ ќе се приклучи кон проевропскиот блок цела, или во делови. Во секој случај, возот е тргнат и враќање назад нема. Сум го кажал ова, и ќе го кажам пак, Северна Македонија ќе оди напред и ние ќе ја исполниме нашата стратешка цел – полноправно членство во ЕУ, рече претседателот Ковачевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши на Националниот молитвен појадок во САД
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, учествуваше на Националниот молитвен појадок (National Prayer Breakfast) во Вашингтон.
Се работи за традиционален и значаен настан што ги обединува политичките, верските и општествените претставници, истакнувајќи ги вредностите на дијалогот, взаемното почитување и моралната одговорност во лидерството.
На оваа церемонија се обрати и претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп.
Од Собранието велат дека учеството на Гаши претставува можност за зајакнување на пријателските односи и за афирмирање на улогата на Република Северна Македонија како активен, присутен и почитуван партнер во меѓународната соработка.
Македонија
Се оддалечуваме од Европа поради политиките на власта, му рекол Филипче на известувачот Томас Вајц
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска одржал состанок со постојаниот известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц. На состанокот, како што информираа од партијата, станало збор за актуелната политичка состојба и за евроинтеграцискиот процес на државата.
Филипче изразил благодарност за ангажманот на ивестувачот на ЕП, Вајц, во следењето на процесот, како и за поддршката на Европската Унија и Европскиот Парламент за европската перспектива на нашата држава.
„На средбата, Филипче посочи дека статусот во кој се наоѓа евроинтеграцискиот процес на Македонија е сериозно загрижувачки, реформската агенда е закочена, реформите не се спроведуваат, а власта не покажува волја за продолжување на европскиот пат. Тој додаде дека наместо напредок кон европскиот пат, државата поради политиките на власта се соочува со стагнација, блокирани реформи и политики кои ја оддалечуваат државата од европските стандарди“, велат од СДСМ.
Филипче нагласил и дека европската интеграција за Македонија значи процес што го зајакнува владеењето на правото, гради функционални институции и обезбедува подобар живот за граѓаните, а Македонија заслужува да се движи напред, а не да губи време и да остане изолирана.
Воедно, Филипче порачал дека СДСМ останува цврсто посветена на европските вредности и реформи, бидејќи иднината на Македонија во Европската Унија, тоа е клучот за подобра, праведна, просперитетна и напредна држава, за подобра иднина за сите граѓани.
Македонија
За возачка дозвола доволно е завршено основно образование, рече Јаневска по протестите
Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека за полагање возачки испит е потребно најмалку завршено основно образование, нагласувајќи дека државата обезбедува можности.
„Образованието е бесплатно и за оние што ја надминале возраста, така што до 29 години тие преку Центарот за образование добиваат едукација. Сме имале и проекти со наши странски партнери преку кои Ромите што биле заинтересирани да го дополнат своето образование добиле некаква едукација соодветна на барањата на пазарот на трудот, нивните лични потреби итн“ рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање. Додаде и дека Министерството финансира околу 40 ромски медијатори со цел зголемување на опфатот и редовното присуство на ромските деца во училиштата.
Изјавата доаѓа по протестите на граѓани кои побараа ослободување од обврската за полагање возачки испит бидејќи немаат неопходен степен на образование, а автомобилите им се неопходни.

