Македонија
Ковачевски на самитот за Берлинскиот процес, во фокус соработката меѓу земјите од Западен Балкан

Премиерот Димитар Ковачевски ќе предводи владина делегација на средбите на лидерите од Западен Балкан во рамките на самитот за Берлинскиот процес, кој се одржува во Берлин, Сојузна Република Германија.
Во состав на владината делегација се вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, и министерот за надворешни работи, Бујар Османи.
На самитот ќе се одржат неколку сесии, на кои е предвидено премиерот Ковачевски заедно со лидерите од Албанија, Србија, Косово, БиХ и на Црна Гора да дискутираат за регионалната соработка и заедничките регионални пазари, за енергетската стабилност и трансформацијата, како и за перспективите на Берлинскиот процес и стратешките прашања.
За време на самитот ќе бидат потпишани и три регионални договори за мобилност, кои се однесуваат на признавање на високообразовните квалификации во Западен Балкан, меѓусебно признавање на високообразовните квалификациите за докторите на медицина, денталната медицина и архитектите, како и за слобода на движење со лични карти во Западен Балкан, информираат владините служби.
Фокусот на Берлинскиот процес е со поддршка на Европската комисија да се зајакне и унапреди меѓусебната соработка помеѓу земјите од Западен Балкан. Оваа соработка е во делот на реформските процеси, заедничките пазари, меѓусебно признавање на професионалните квалификации, слободно движење луѓе и стоки и таа треба да придонесе за забрзан регионален економски раст и развој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Без струја денеска делови од Бутел и Аеродром

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.20 до 12.30 часот, дел од корисниците од ул. 1 во населба Радишани. (општина Бутел)
– во периодот од 09.00 до 12.00 часот, корисниците од ул. Горно Лисиче лоцирани на потегот од Маг Комерц, А-М Стил, Феромонт Инжинеринг кон село Долно Лисиче. (општина Аеродром)
Македонија
Дел од Аеродром денеска без вода

Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект на 3-та Македонска Бригада бб, прекинато водоснабдување ќе имаат објектите на Вива, Метро, Центро, Спорт М и Форд, општина Аеродром.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со повремен локален дожд

Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд. Ќе дува умерен до засилен ветер претежно од северен правец (локално над 60 km/h). Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 9, а максималната ќе достигне од 7 до 13 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен локален дожд. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 12 степени.
Времето во наредните денови
До среда ќе се задржи претежно облачно време со повремени локални врнежи од дожд и студени утра. Ќе дува умерен до засилен, а долж Повардарието повремено силен ветер од северозападен правец. Потоа следи период на стабилно и суво со постепен пораст на дневната температура.