Македонија
Ковачевски на средба со г. г. Стефан: Одлуката на Вселенската патријаршија е признание за вековното постоење на МПЦ-ОА
Премиерот Димитар Ковачевски денеска оствари средба со архиепископот охридски и македонски и поглавар на Македонската православна црква-Охридска архиепископија (МПЦ-ОА), г. г. Стефан.
Како што информираат од владината прес-служба, на средбата премиерот Ковачевски му честитал на поглаварот за радосната веста за одлуката на Светиот синод на Вселенската патријаршија, со која МПЦ-ОА се прима во евхаристичко заедништво со другите православни цркви.
„Станува збор за историска одлука и долгоочекувано вековно признание за постоењето на Македонската православна црква, наследничка на древната Охридска архиепископија“, истакнал премиерот.
Со оваа одлука на Вселенската патријаршија, архијереите на МПЦ-ОА, свештениците и монасите, како и православните верници во нашата земја, се стекнуваат со правото да соучествуваат во литургиското единство со другите православни цркви, било посочено на средбата на која било констатирано и дека одлуката е донесена со интензивна комуникација со Вселенската патријаршија во последните 4 години.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Демир најави инвестиции во Шуто Оризари им се заблагодари на ромските партии кои го поддржаа
Денес, на средба во Шуто Оризари, по потпишувањето на Декларацијата за заедничко делување, Ерџан Демир, кандидат за градоначалник за општина Шуто Оризари, од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, во изјава за медиуми ја изрази својата благодарност до сите ромски политички партии за одлуката да му ја дадат поддршката во вториот круг од градоначалничката трка за локалните избори за 2025 година, а во насока на испорака на подобри услови за живот на граѓаните на Шуто Оризари.
„Голема благодарност до сите ромски политички партии, коишто одлучија да ни се приклучат, да ни дадат поддршка во овој втор круг, се со цел да можеме да го постигнеме она што го посакуваме. На нашите сограѓани во Шуто Оризари му овозможуваме подобри услови за живот, да има инвестиции во Шуто Оризари како и во другите општини. Шуто Оризари да не биде заборавена општина како до сега, да може нашите сограѓани да бидат директно вклучени во работењето односно во носењето на одлуките на општината, на целата администрација, буквално да направиме една нова промена“, рече Демир.
Кандидатот за градоначалник за Шуто Оризари од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Демир посочи дека неговите сограѓани ќе бидат вклучени како и во процесот на работа на самата општинска администрација, така и во процесот на донесување на одлуките и најави офанзива на инвестиции во пост изборниот период со кои општина Шуто Оризари идентично како што е тоа случај и во другите општини.
„Во Шуто Оризари верувам дека после 2 ноември ќе следи една офанзива од инвестиции во нашата општина“, заврши Демир.
Македонија
Лукровски: Завршуваат старите практики кои беа штетни за карпошани
Сотир Лукровски, кандидат за градоначалник на општина Карпош од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, се обрати од денешниот настан одржан во Карпош, на којшто истакна дека следува историска победа на ВМРО-ДПМНЕ и нагласи дека ќе завршат старите практикии кои биле штетни за карпошани, потенцирајќи дека време е да се реализираат проекти кои се во интерес на граѓаните.
„Знаеме колку паркови се претворија во згради, знаеме колку непринципиелни договори и колку криминални ДУП-ови видовме“, вели Лукровски и додаде:
„Овие избори се референдумски за нас карпошани. На овие избори, карпошани мора да се решат дали ќе стават крај на досегашните практики и ќе избереме луѓе со визија, со нов концепт, а се за подобро на нашите деца“.
Лукровски ги повика граѓаните во вториот круг масовно да излезат на гласање и да го заокружат бројот 9 за историска победа и развој на општина Карпош.
Македонија
Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ дава максимална поддршка за Лабудовиќ во Центар
Кандидатот за градоначаланик на општина Центар, Мирослав Лабудовиќ доби јавна и целосна поддршка од коалицискиот партнер ВМРО-ДПМНЕ за гласањето в недела во вториот круг на изборите.
Лабудовиќ денеска на неформална кафе-средба со премиерот Христијан Мицкоски и кандидатот за градоначалник на Скопје Орце Ѓорѓиевски во Капиштец, заеднички констатираа дека на Центар и на Скопје им е потребна промена – нов ветар во грб, со нова визија кои ќе ги променат работите од темел и ќе ја водат општината и градот напред.
Премиерот Мицкоски ги повика членовите и симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ, како и сите граѓани на Центар в недела да им дадат максимална поддршка на Мирослав Лабудовиќ и Орце Ѓорѓиевски – кои треба да ги донесат неопходните промени. А, тоа е пред се стоп на бруталната бетонизација во Центар која е отидена предалеку и на штета на сите жители во централната градска општина.
Мицкоски потенцираше дека мора да се подвлече линија која ќе прави јасна разлика меѓу криминалот што сега се случува и домаќинското и одговорно однесување и работење што ќе донесат со себе Ѓорѓиевски и Лабудовиќ по стапувањето на функциите.
Мирослав Лабудовиќ пак на премиерот Мицкоски и на Орце Ѓорѓиевски им посочил дека во првиот круг над 2/3 од излезените гласачи сакале промена и верува дека на крајот таа ќе се случи, Едноставно речено, 68 отсто од гласовите во првиот круг во Центар што не го поддржаа актуелниот градоначалник, се потенцијал кој би бил пресуден за победа во Центар, но и за уште поубедлив резултат во Скопје.

