Македонија
Ковачевски на средба со Ердоган во Истанбул

Премиерот Димитар Ковачевски денеска во рамките на неговата работна посета во Истанбул ќе предводи владина делегација на средба со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
Како што информираат од владината прес-служба, средбата на Ковачевски со претседателот Ердоган е потврда на исклучително добрите односи со Турција и на неа е предвидено да се разговара за повеќе билатерални прашања од интерес на двете земји.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Началници, инспектори, министри, сите тие кои требало да спречат се штитат во истрагата, вели Талески за трагедијата во Кочани

Во Кочани изгореа 62 млади животи. Изгореа во дискотека која работела незаконски, под носот на институциите. Изгореа во објект кој требало одамна да биде затворен. Изгореа зад заклучени врати, по наредба на актуелните службеници во МВР. И денес, додека родителите плачат, а државата треба да донесе правда, директните виновници се штитат од истрага, истакна на прес-конференција Миле Талески, пратеник на СДСМ.
Три месеци по трагедијата, вели тој, нема вина, нема одговорност за оние кои ако делувале вечерта, трагедијата ќе била спречена. Вистинските виновници сè уште се на слобода.
„Началници, инспектори, министри, сите тие кои требало да спречат се штитат во истрагата. Истрагата се затвора без ниеден обвинет актуелен функционер.
Наредбата со која била затворена вратата на дискотеката, клучната причина за високата бројка на жртви, до ден денес е мистерија. Никој не признава. Никој не потпишал. Никој не знае ништо. И сите зборуваат за сè освен за суштината. Кој е одговорен за тоа што децата не можеа да излезат живи, вели Талески.
Според него, оперативниот план на полицијата, наместо да се отвори пред јавноста, е прогласен за тајна.
Прашува, зошто се крие вистината за одговорноста на полицијата.
„Додека трагедијата уште боли, се штитат директните виновници:
– Дејан Салтировски, началникот на СВР Штип, човекот кој ја дал наредбата, добива политичка заштита од својот поранешен адвокат сега министер, и од самиот Мицкоски.
– Драган Петрушев Казак, службеникот што ја спровел наредбата, иако знаел дека е спротивна на процедурите.
– Кристина Јованова, која дозволила фирма со блокирана сметка да работи на црно, да организира забави за деца.
– Томо Донев, кој не мрднал прст, ни кога било јасно дека се користи пиротехника без дозвола.
Фирмата ММММ ДООЕЛ, без дозвола за пиротехника, без овластени лица, работела без проблем. Не само што никој не ја спречил – се отвора сомнеж дека имала политичка заштита. Дали затоа што била блиска до ВМРО-ДПМНЕ? Затоа што организирала митинзи за партијата? Не добиваме одговор ниту на ова прашање“.
Ова според Талески е системско злосторство.
„Кога државата не ги штити децата, туку ги штити оние што ги загрозиле, тоа веќе не е држава. Тоа е режим. Сите гледаме дека одговорност се бара кај келнери, кај диџеи, кај обезбедување. Кај последните во синџирот, но обвинителството е слепо за оние над нив. Се бараат виновници од 2012 година наваму, но не и оние кои вечерта можеле да го спречат пожарот. Никој не сака да погледне во вистинските виновници и тоа е трагедија за целиот овој процес“, додава тој.
Нагласува дека СДСМ нема да молчи и тоа не е политичка пресметка, туку должност.
„Ќе ја раскажеме вистината за Кочани, секој ден, секој детал, сè додека не паднат маските и не се појават сите имиња и од полициските командни штабови, и од владиниот врв.
Ова е масовно убиство со државен потпис и за тоа ќе има одговорност“, потенцира Талески.
Македонија
Бројот на гости и ноќевања расте со историски 20% во однос на лани, целта ни е да стигнеме до четири милиони ноќевања, вели Мицкоски

Премиерот Христијан Мицкоски утрово при посетата на Машинскиот факултет историски успех го нарече зголемениот број регистрирани ноќевања и туристи во земјава по објавата на Државниот завод за статистика дека во споредба со лани, годинава, во период од јануари до април, бројот на странски туристи се зголемил за 21,6 отсто. Освен зголемувањето на бројот на туристи и ноќевања, премиерот Мицкоски вели дека се менува и структурата на туристите.
„Тоа е исклучително голем и квалитетен податок, посебно значаен за услужната и угостителската дејност. Можам да кажам дека во првите четири месеци бројот на гости и ноќевања расте со историски 20 % споредено со истиот период од лани, и во април но и во првите четири месеци. Се менува и структурата на туристите. Сега веќе гледаме туристи кои се од Германија, Франција и така натаму. Од она што го знам од туроператорите за следната година се планира најмалку половина милион ноќевања надвор од сезоната во Охрид што навистина ќе значи многу за нас како земја“, рече премиерот Мицкоски.
Владата веќе има поставено нова цел, кога се работи за бројот на туристи и ноќевања во земјава од кои очекува зголемен бруто домашен производ во вториот квартал.
„Минатата година имавме рекордни милион и двесте илјади регистрирани туристи со 3,5 милиони ноќевања. Оваа година целта ни е да стигнеме до четири милиони ноќевања, и до милион и пол туристи. Дали ќе успееме? Се надевам-да. Првите параметри се добри. Ме радува што зголемувањето продолжува во првиот месец од вториот квартал, во април скоро 21 % е зголемен процентот на странски гости, а скоро 20 % ноќевањето од странските гости. Тоа ќе биде добар инпут за бруто домашниот производ во вториот квартал“, рече премиерот Мицкоски.
Државниот завод за статистика објави дека во април 2025 година во Македонија престојувале 96.943 туристи. Од нив 78,6 отсто биле странци, а 21,4 отсто домашни гости. Регистрирани се 171.886 ноќевања, од кои 73,5 отсто се од странски туристи, додека 26,5 отсто на домашните. Во април најбројни гости ни бие Турците 21.124, зад нив се Германците со 11.097, Србите со 4.905 и Французите со 4.881 регистриран турист.
Во периодот јануари – април 2025 година, вкупниот број на туристи е зголемен за 13,4 отсто споредено со истиот период лани. Иако кај домашните туристи е забележано намалување од 4,2 отсто, кај странските гости има раст од 21,6 отсто. Бројот на ноќевања се зголемил за 10,5 отсто, со тоа што домашните ноќевања се намалиле за 4,7 отсто, а странците направиле 19,8 отсто повеќе ноќевања.
Македонија
Картел во фармацевтскиот бизнис – две веледрогерии го оштетиле буџетот за 1,1 милион евра

Вишиот управен суд со пресуда го потврди решението на Комисијата за заштита на конкуренцијата со кое утврди дека две големи веледрогерии АД Д-р Пановски и Фарма Трејд ДООЕЛ Скопје склучиле забранет договор – картел при учество во постапка за јавна набавка на инсулин, глукагон, инсулински игли и ленти за мерење шеќер и инсулински пумпи со потрошен материјал, соопшти Комисијата за заштита на конкуренцијата.
Од таму велат дека се работи за јавна набавка која во 2016 година е распишана од страна на Министерството за здравство на Република Македонија при што двете веледрогерии спротивно на Законот за заштита на конкуренцијата склучиле забранет договор-картел со кој свесно и со намера да се стекат со противправна имотна корист на штета на државата го замениле принципот на слободна конкуренција на пазарот со забрането договарање на продажните цени на лековите.
Комисијата за заштита на конкуренцијата при откривање и документирање на овој картел го имала во предвид домашното законодавство, но и судската пракса на Европската унија.
„За учество во предметниот картел Комисијата со решението изрече прекршочни санкции глоба и тоа на АД Д-р Пановски во износ од 1.061.000 евра и на Фарма Трејд ДООЕЛ 721.000 евра. Висината на наведената глоба е во корелација со штетата која е нанесена на буџетот на државата“, соопшти Комисијата.
Од таму велат дека за откриениот картел ќе поднесат соодветно известување до Управата за финансиска полиција и Јавното обвинителство заради натамошно постапување од нивна страна во соодветна кривична постапка.