Македонија
Ковачевски на средба со Илир Мета: Заедничката иднина на Северна Македонија и Албанија е во ЕУ
Претседателот на СДСМ и мандатар за состав на новата Влада, Димитар Ковачевски, заедно со секретарот за меѓународна соработка, Бојан Маричиќ, денеска се сретна со претседателот на Република Албанија, Илир Мета, информираат од СДСМ.
На средбата било разговарано за повеќе актуелни теми со фокус на соработката меѓу двете соседни земји, иницијативата Отворен Балкан и процесот на евроинтеграции.
Притоа Ковачевски изразил уверување дека досегашната соработка помеѓу двете земји дополнително ќе се интензивира преку иницијативата Отворен Балкан и дека двете држави наскоро ќе ги започнат преговорите со Европската Унија, бидејќи тоа го заслужуваат откако претходно ги исполнија сите потребни предуслови.
„Република Северна Македонија и Република Албанија како соседни пријателски земји делат исти вредности и имаат заедничка иднина. Таа заедничка иднина е во ЕУ и убеден сум дека наскоро и двете земји ќе ги започнат преговорите за членство во Унијата, затоа што и Северна Македонија и Албанија досега исполнија сè што од нив беше побарано, сега на ред е ЕУ“, вели Ковачевски.
Во однос на билатералната и регионална соработка, тој напоменал дека иницијативата Отворен Балкан е важен чекор кон унапредување на соработката меѓу државите, носи нови можности за економски раст и развој, но дека тоа не е алтернатива за членството во ЕУ, но може да биде од сериозна помош при пристапувањето во Унијата.
Ковачевски, како што соопштија од неговата партија, најавил интензивирање на инфраструктурите проекти на Коридорот 8 што ќе обезбеди подобро поврзување на Северна Македонија и Албанија.
Претседателот на Албанија, Илир Мета, истакна дека очигледен е напредокот што Северна Македонија го постигнала во изминатите неколку години, го поздрави концептот „Едно општество за сите“ кое е уникатен пример во регионот и истакна дека започнувањето на преговори на Албанија и Северна Македонија не само што е важно за двете земји, туку тоа е во интерес на целиот регион на Западен Балкан.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Николоски: Почна постапката за воведување директна авиолинија со Саудиска Арабија
Министерството за транспорт ја започна постапката за склучување на Спогодба за воздушен сообраќај со Кралството на Саудиска Арбија, информира министерот, Александар Николоски.
Тој вели дека целта на Спогодбата е воспоставување на правна рамка што ќе овозможи отворање на редовни авиолинии меѓу Македонија и Саудиска Арабија и потенцира дека досега меѓу двете држави не се одржувал воздушен сообраќај.
„Со Спогодбата се создаваат либерални и фер услови за работа на авиопревозниците, преку поттикнување на конкуренција, пониски цени за патниците, како и можност за воведување нови и поквалитетни услуги. Истовремено, Спогодбата гарантира највисоко ниво на безбедност и сигурност во воздушниот сообраќај во согласност со меѓународните стандарди“, вели Николоски.
Тој додава дека се очекува со воспоставувањето на редовни авиолинии меѓу двете земји да придонесе за зголемување на економската соработка, туризмот, трговската размена и севкупните билатерални односи.
Николоски најави дека Министерството за транспорт во следниот период ќе ги преземе сите неопходни активности за започнување на официјалните процедури за регулирање на воздушниот сообраќај, согласно националните прописи и меѓународните стандарди во областа на цивилното воздухопловство.
Македонија
(Фото) На повеќе локации низ Скопје паднаа дрвја, Ѓорѓиевски: Екипите се на терен, реагираме навремено
Поради засилениот ветер и неповолните временски услови, на повеќе локации низ градот беа регистрирани паднати и оштетени дрвја.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски извести дека градските служби веднаш излегле на терен и постапуваат со целосна мобилизација, со цел отстранување на опасностите и обезбедување безбедно движење за граѓаните.
„Се сечат и расчистуваат паднатите дрвја, се отстрануваат скршените гранки и се нормализира сообраќајот таму каде што имаше застој. Приоритет ни е безбедноста на граѓаните и непреченото функционирање на градот“, рече Ѓорѓиевски.
Тој апелираше до сите на зголемена внимателност додека траат активностите на терен.
Македонија
(Фото) Силниот ветер откорна покрив во училиште во Гевгелија
Преку Единствениот број за итни повици 112 е примена пријава дека поради силен ветер летнала лимената конструкција од покривот на основното училиште „Јосиф Јосифовски“ во Гевгелија, соопшти Центарот за управување со кризи.

Според информациите, нема повредени лица. Побарана е интервенција од службени лица од МВР, како и од надлежните институции.

Силниот ветер направи проблеми и во Скопје. На шест локации се пријавени паднати дрвја и искинати кабли, при што е причинета материјална штета на повеќе автомобили.
За состојбата се известени СВР Скопје и ЈП „Паркови и зеленило“, кои преземаат мерки во рамки на своите надлежности.

