Македонија
Ковачевски – Пекарова Адамова: Поддршка за забрзан процес на интеграциите за полноправно членство во ЕУ
Премиерот Димитар Ковачевски, придружуван од министерката за одбрана, Славјанка Петровска, се сретна со Маркета Пекарова Адамова, претседателка на Домот на пратениците на Парламентот на Чешката Република.
На состанокот е истакната блиската и пријателска соработка помеѓу Северна Македонија и Чешката Република, веќе 28 години до денес, со заедничка определба за натамошно унапредување.
Пренесен е ставот дека Чешката Република и Северна Македонија се активни НАТО партнери, како држави членки на Алијансата и е изразена надеж дека таа соработка ќе продолжи и како земји членки на Европската Унија.
Во таа насока е изразена силна поддршка за натамошната интеграција на Република Северна Македонија во Унијата, со честитки за напредокот и отворените преговори со ЕУ, во јули годинава.
Заеднички е оценето дека е потребно одговорно однесување од сите институции, како од Владата, така и од Парламентот, со цел Северна Македонија да го продолжи отворениот европски пат.
Ковачевски се заблагодари за поддршката од Чешката Република, како еден од најотворените и најгласните поддржувачи на евроинтеграциите на нашата држава.
„Донесовме одлуки за добра иднина на нашата држава и на граѓаните. Владата, во оваа економска и енергетска криза прави чекори во интерес на граѓаните и посветени сме кон брза интеграција во Европската Унија. Сега сме фокусирани на скрининг процесот со ЕУ, којшто верувам дека ќе заврши успешно, по што сите политички субјекти и институции ќе треба да го преземат својот дел од одговорноста, за да се осигура европската иднина на Република Северна Македонија“, рече Ковачевски.
На состанокот е посочено дека се цени поставеноста на надворешната политика на Северна Македонија, целосно на линија на Европската Унија, во однос на војната во Украина.
Заклучено е дека Европа е целосна заедно со државите од Западен Балкан, за постигнување одржлива стабилност и безбедност.
Во однос на ситуацијата во Украина, заеднички е констатирано дека застанувањето на страната на Украина е застанување на страната на демократијата и мирот во Европа и во светот и дека е неопходна солидарност помеѓу државите на европскиот континент, како во врска со ова прашање, така и во поглед на справувањето со последиците од војната, односно предизвиците на енергетски и економски план.
На средбата, Петровска нагласи дека е одлична соработката помеѓу Северна Македонија и Чешката Република во областа на одбраната, а заедно со Ковачевски ја истакнаа важноста и од заедништвото помеѓу НАТО членките во поглед на ситуацијата во Украина и надминувањето на безбедносните предизвици на глобален план.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сали-Варнс: нагласена посветеноста на Владата кон спроведување реформи во јавната администрација и во судскиот систем
Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со Вршителката на должноста амбасадор на Соединетите Американски Држави, Никол Варнс.
На средбата беше истакната важноста на стратешкото партнерство меѓу земјата и Соединетите Американски Држави, како и континуираната американска поддршка за демократските и развојните процеси.
Соговорниците разговараа за клучната улога на регионалната стабилност како предуслов за мир и одржлив развој.
Сали ја нагласи посветеноста на Владата кон спроведување реформи во јавната администрација и во судскиот систем, оценувајќи ги овие чекори како суштински за зајакнување на владеењето на правото, зголемување на транспарентноста и подобрување на услугите за граѓаните.
Двете страни ја реафирмираа подготвеноста за понатамошно продлабочување на билатералната соработка.
Македонија
Нова градска плажа, се реконструираат спортските терени, кејот на Вардар добива нов лик, најави Ѓорѓиевски
Кејот на Вардар добива нов лик и нова градска плажа, отворена за сите генерации, објави на социјалните мрежи скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски.
Тој информира дека со засилено темпо течат работните активности за уредување на кејот на реката Вардар, простор каде секојдневно се рекреираат илјадници граѓани и кој претставува едно од најважните урбани јадра на Скопје.
„Кејот е меѓу моите клучни приоритети и уште од првите денови по преземањето на функцијата градоначалник, започнавме со темелно чистење, со што конечно Вардар повторно тече по своето природно и нормално корито.
Денес, кејот го уредуваме со јасна визија за функционален и жив јавен простор.
Се реконструираат спортските терени за фудбал, одбојка на песок и баскет, се поставува нова урбана опрема и се создаваат модерни фитнес-зони на отворено. Во рамки на овој проект опфатени се и спортските терени во Маџир Маало, кои целосно ќе се унапредат и ќе се вратат во служба на заедницата.
На ова место градиме и современа градска плажа – безбедно, уредено и достапно катче за одмор, рекреација и дружење, кое ќе внесе нова енергија и живот покрај реката и ќе го доближи Скопје до европските урбани стандарди.
Инвестирањето во спортот е инвестирање во здрави навики, здрави млади и силно општество.
Искрена благодарност до министерот за спорт, Борко Ристовски, за поддршката и партнерскиот пристап, кои овозможуваат ваквите проекти да се реализираат брзо, квалитетно и во интерес на граѓаните.
Ова, почитувани, е само почеток.
Нашата визија е да создадеме современи, уредени и достапни спортски терени во сите општини на Град Скопје“, напиша Ѓорѓиевски.
Најавува како што вели, рамномерен развој, еднакви можности и активен, здрав живот за секој скопјанец, без разлика каде живее.
Македонија
Утре променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, на планините снег, од следната недела заладување
Времето утре, променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, пообилни во југоисточните региони. На повисоките планини врнежите ќе бидат од дожд и снег. Ќе дува умерен до засилен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 9, а максималната ќе достигне од 8 до 13 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд, особено претпладне и кон крајот на денот. Ќе дува слаб до умерен северозападен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 7, а максималната ќе достигне до 12 степени.
ВРЕМЕТО ВО НАРЕДНИТЕ ДЕНОВИ
Времето утре ќе биде променливо облачно со слаб локален дожд. Долж Повардарието ќе дува умерен до засилен северен ветер. За време на викендот под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса ќе има врнежи од дожд кои повремено наместа ќе бидат пообилни (над 30 l/m2). Локално ќе има услови за појава на краткотрајно невреме со пороен дожд, грмежи и силен ветер. Во почетокот на следната седмица ќе има заладување и врнежи кои претежно ќе бидат од снег.

