Македонија
Ковачевски – Пич: Северна Македонија придонесува во регионалната и европската стабилност
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, придружуван од министерката за одбрана, Славјанка Петровска, се сретна со сер Стјуарт Пич, специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан, придружуван од амбасадорот на Обединетото Кралство во земјава, Метју Лосон.
На состанокот е разговарано за актуелни прашања во регионален и глобален контекст, во насока на стабилноста и мирот во Европа и во светот.
Во таа насока, поздравени се одлуките на Владата што го овозможија почетокот на преговорите и напредокот во евроинтегративниот процес како стратешка цел на Северна Македонија, а од важност за стабилноста и безбедноста и на регионот и на Европската Унија.
Нагласена е потребата за фокус на сите политички субјекти во земјава кон политиките на решенија, наместо политиките на блокади и продуцирање недоразбирања, посебно со земање предвид на актуелниот глобален безбедносен политички контекст.
Притоа, оценета е како значајна поставеноста на надворешната политика на Северна Македонија, на линија на политиките на државите од Европа, во однос на ситуацијата во Украина и придонесот на нашата држава, преку политиките на пријателство и дијалог, во регионалната стабилност.
Воедно се изразени честитки за потпишаниот договор ФРОНТЕКС, вчера во Скопје, на чист македонски јазик, со што се потврдени признавањето и почитта кон македонскиот јазик и македонскиот идентитет, од Европската Унија.
Премиерот Ковачевски се заблагодари за сета поддршка од Обединетото Кралство, којашто е од исклучително значење во демократските, интеграциските, реформските и сите други процеси, значајни за граѓаните на нашата држава.
Обединетото Кралство, како што е соопштено, е голем стратешки партнер и пријател на Северна Македонија и во таа насока продолжува да се унапредува соработката.
Оценета е како важна соработката помеѓу Северна Македонија и Обединетото Кралство во рамки на членството во НАТО, со изразена определба за натамошно унапредување.
На средбата е разговарано и за предизвиците во енергетската област, како последица од војната во Украина и се разгледани можности за одржливи решенија на овој план, како во нашата држава, така и околу таквата потреба и на другите држави од Европа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Илинден, Карпош, Кисела Вода и Гази Баба денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:20 – 14:20 часот, корисниците од дел од с. Марино, општина Илинден;
· од 09:00 – 15:00 часот, корисниците на ул. Козле, крак 2, општина Карпош;
· од 10:00 – 13:00 часот, корисниците од улиците: 1511 и 1512, (позади Автосервисот – Мечкаров), општина Кисела Вода;
· од 11:00 – 14:00 часот, корисниците од дел од ул. Коце Металец, општина Гази Баба.
Македонија
Претпладне магла, во текот на денот сончево со мала облачност
Сончево со мала до умерена локална облачност. Во утринските и претпладневните часови по одделни котлини и речни долини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од -6 до -2, а максималната ќе достигне од 8 до 13 степени.
Во Скопје, претпладне во делови од котлината ќе има појава на магла. Во текот на денот времето ќе биде сончево со мала облачност и претежно тивко. Минималната температура ќе се спушти до -5, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Времето во наредните денови
До крајот на седмицата времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност и претежно тивко. Во утринските и ноќните часови по одделни котлини и речни долини ќе има појава на магла.
Македонија
Делови од Центар и Карпош денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект на булеварот Св.Климент Охридски (спроти Соборен Храм), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на потегот од крстосницата со Партизански Одреди до паркинг ЈАТ, општина Центар.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
Исто така денеска поради реконструкција на водоводна цевка Ф 300мм. на улица Бањалучка 10 со прекинато водоснабдување ќе бидат корисниците од улицата Бањалучка, Осло, Будимпештанска, Урош Ѓурович, Љубица Георгиева дел од улица Женевска и Васил Чакаларов. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување на работните активности.

