Македонија
Ковачевски: Поддршката на Холандија за нашата евроинтеграција е силна мотивација
Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, го прими амбасадорот на Холандија во нашата земја, Јан Дирк Коп, кој на премиерот и на новата Влада им посака успех во претстојниот мандат.
Премиерот Ковачевски на средбата ја истакна интензивната соработка меѓу Северна Македонија и Холандија на највисоко ниво во последните години, со што се зацврсти пријателството меѓу двете земји на билатерален план, како и на планот на поддршката на евроинтеграцискиот процес на нашата земја.
Заемното партнерство беше нагласено на средбата, се остварува на исклучително задоволително рамниште од двете страни, со постојано исполнување на Декларацијата за партнерство и соработка што двете земји ја потпишаа во 2017 година.
Амбасадорот Коп покажа посебен интерес за средбата на премиерот Ковачевски со својот колега Кирил Петков од Бугарија и изрази надеж дека обновената комуникација меѓу двете влади ќе го поттикне очекуваниот напредок во процесот за членство на Северна Македонија во ЕУ со одржување на првата меѓувладина седница за отворање на поглавјата.
Премиерот Ковачевски потенцира дека како земја што има стриктен пристап кон објективното вреднување на пристапните критериуми, поддршката на Холандија е потврда дека со посветеноста на европската реформска агенда Северна Македонија е целосно подготвена за отворање на преговорите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Непречен сообраќај низ државата по влажни коловози, слаб снег на Попова Шапка и Ѓавато
Од 12 часот блокиран е сообраќајот за излез од државата за тешки товарни возила на ГП Стар Дојран, ГП Богородица и ГП Меџитлија. Од 12:20 часот блокиран е сообраќајот за излез од државата за тешки товарни возила на ГП Ќафасан и ГП Блато, извести АМСМ.
Од 12:00 часот пред ГП Долно Блаце започнат е протест на превозници со тешки моторни возила, поради што товарниот сообраќај кон ГП Долно Блаце се пренасочува кај БП Дизел, а останатиот сообраќај се одвива нормално. Од 12 часот отпочнати се блокади и на ГП Деве Баир, ГП Делчево и ГП Ново Село, велат од АМСМ.
Сега засега блокиран е само сообраќајот за ТТВ за излез од државата додека за останатите категории на возила се одвива непречено.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по влажни коловози. Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено,по влажни коловози. Снег со слаб интезитет паѓа на Попова Шапка и Ѓавато кој во моментов не се задржува на коловозот.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Карпош и Гази Баба денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека за денеска се планирани прекини и тоа:
– во периодот од 08:30 до 15:00 часот, корисниците на улицата Ордан Поп Јорданов. (општина Гази Баба)
– во периодот од 09:00 до 15:00 часот, дел од корисниците на улицата Римска. (општина Карпош)
Македонија
Променливо облачно, претпладне со повремен дожд
Претпладне променливо облачно, во источните делови со повремен локален дожд во пониските, дожд и снег на повисоките места, а на планините слаб снег. Попладне облачноста ќе се намали. Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 8, а максималната ќе достигне од 5 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно, претпладне со повремен дожд. Попладне облачноста ќе се намали. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 6, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
Во среда кон крајот на денот и во четврток, повторно ќе има локални врнежи од дожд, а на планините од снег. Од петок ќе преовладува променливо облачно време со услови за слаби локални врнежи од дожд и снег. Дневната температура ќе има тенденција на опаѓање.

