Македонија
Ковачевски: Подобрувањето и унапредувањето на состојбите во образованието е приоритет
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, заедно со министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, присуствуваа на настан по повод презентација на нова лабораториска опрема и на резултатите од научно-истражувачките проекти на Фармацевтскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
На настанот, премиерот Ковачевски, во изјава за медиумите, истакна дека новата лабораториска опрема и научно-истражувачките проекти на Фармацевтскиот факултет имаат значаен придонес во научно-истражувачката дејност и воопшто во развојот на фармацевтската индустрија.
Со опремата во вредност од 450 илјади евра, обезбедени преку Министерството за образование и наука и дел од Фармацевтскиот факултет, како што посочи премиерот Ковачевски, се зајакнуваат и развиваат потенцијалите и капацитетите на четирите лаборатории на овој факултет.
Држава која инвестира во науката, рече премиерот Ковачевски, инвестира во својата иднина, раст и развој, инвестира во образовани кадри кои се конкурентни во светски рамки. При тоа, премиерот потенцира дека заложбата на Владата не е да извезуваме кадри, туку да ги задржиме дома.
„За прв пат по 10 години, во 2021 година е спроведен Конкурс за финансирање на научно-истражувачки проекти за јавните научни установи и одобрени се 7 проекти од јавен научен интерес во износ од над 300 илјади евра на седум јавни научни установи во државата. Спроведен е и Конкурс за набавка на опрема за лаборатории и акредитација на лаборатории за сите субјекти кои вршат научно-истражувачка работа во рамките на кој се одобрени вкупно 44 апликации за финансирање. Дел од овие одобрени проекти се и проектите на Фармацевтскиот факултет, а лабораториите кои работат овде се сертифицирани согласно сите светски и европски стандарди и можат да работат на истражувања кои важат во ЕУ и во другите развиени држави. Се работи за тригодишни проекти, чија вкупна вредност е речиси 318 милиони денари или над 5 милиони евра, во кои над 70% е учеството на државата во реализацијата на проектите“, истакна премиерот Ковачевски.
Во изјавата, премиерот Ковачевски посочи дека паралелно се работи на повеќе нивоа и дека подобрувањето и унапредувањето на состојбите, генерално во образованието е приоритет. Во таа насока беше истакнато дека со Законот за високо образование од 2018 година, е вратена автономијата на универзитетите и е основан Национален совет за високо образование и научно-истражувачката дејност, како и Агенција за квалитет во високото образование. Воедно, во 2021 година за прв пат е потпишан Колективен договор со кој се обезбедува континуиран раст на платите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Николоски: Почна постапката за воведување директна авиолинија со Саудиска Арабија
Министерството за транспорт ја започна постапката за склучување на Спогодба за воздушен сообраќај со Кралството на Саудиска Арбија, информира министерот, Александар Николоски.
Тој вели дека целта на Спогодбата е воспоставување на правна рамка што ќе овозможи отворање на редовни авиолинии меѓу Македонија и Саудиска Арабија и потенцира дека досега меѓу двете држави не се одржувал воздушен сообраќај.
„Со Спогодбата се создаваат либерални и фер услови за работа на авиопревозниците, преку поттикнување на конкуренција, пониски цени за патниците, како и можност за воведување нови и поквалитетни услуги. Истовремено, Спогодбата гарантира највисоко ниво на безбедност и сигурност во воздушниот сообраќај во согласност со меѓународните стандарди“, вели Николоски.
Тој додава дека се очекува со воспоставувањето на редовни авиолинии меѓу двете земји да придонесе за зголемување на економската соработка, туризмот, трговската размена и севкупните билатерални односи.
Николоски најави дека Министерството за транспорт во следниот период ќе ги преземе сите неопходни активности за започнување на официјалните процедури за регулирање на воздушниот сообраќај, согласно националните прописи и меѓународните стандарди во областа на цивилното воздухопловство.
Македонија
(Фото) На повеќе локации низ Скопје паднаа дрвја, Ѓорѓиевски: Екипите се на терен, реагираме навремено
Поради засилениот ветер и неповолните временски услови, на повеќе локации низ градот беа регистрирани паднати и оштетени дрвја.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски извести дека градските служби веднаш излегле на терен и постапуваат со целосна мобилизација, со цел отстранување на опасностите и обезбедување безбедно движење за граѓаните.
„Се сечат и расчистуваат паднатите дрвја, се отстрануваат скршените гранки и се нормализира сообраќајот таму каде што имаше застој. Приоритет ни е безбедноста на граѓаните и непреченото функционирање на градот“, рече Ѓорѓиевски.
Тој апелираше до сите на зголемена внимателност додека траат активностите на терен.
Македонија
(Фото) Силниот ветер откорна покрив во училиште во Гевгелија
Преку Единствениот број за итни повици 112 е примена пријава дека поради силен ветер летнала лимената конструкција од покривот на основното училиште „Јосиф Јосифовски“ во Гевгелија, соопшти Центарот за управување со кризи.

Според информациите, нема повредени лица. Побарана е интервенција од службени лица од МВР, како и од надлежните институции.

Силниот ветер направи проблеми и во Скопје. На шест локации се пријавени паднати дрвја и искинати кабли, при што е причинета материјална штета на повеќе автомобили.
За состојбата се известени СВР Скопје и ЈП „Паркови и зеленило“, кои преземаат мерки во рамки на своите надлежности.

