Македонија
Ковачевски: Просечна плата од 1100 евра и просечна пензија од 500 евра во новиот мандат на СДСМ, нема откажување од попросперитетна иднина
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Димитар Ковачевски, денеска се сретна со граѓаните од општина Центар каде имаше прилика да поразговара со нив за многу важни прашања како што се животниот стандард, платите, пензиите, инфлацијата како и за досега сработеното од владите на СДСМ на овие теми, но и плановите за следниот мандат.
На средбите со жителите на општина Центар, Ковачевски порача дека е потребно продолжувањето на добрите политики кои ги започна Владата предводена од СДСМ. Токму новата програма на СДСМ содржи комплетни мерки за поддршка за граѓаните преку поголеми плати и пензии, односно минимална плата од 600 евра и просечна плата од 1100 евра, но и минимална пензија од 20.000 денари и просечна пензија од 30.000 денари. Тоа се правилните насоки и затоа ни треба и продолжувањето на европскиот пат, потенцираше Ковачевски.
По средбите со граѓаните претседателот Ковачевски, во изјава за медиумите посочи дека изминативе две години, со оглед на фактот дека тој ја имаше честа и одговорноста да ја предводи Владата во исклучително кризен период, дека тој најдобро знае што е она што граѓаните ги загрижува и што е она што граѓаните ги прави незадоволни, посочувајќи дека тој ја презема одговорноста за подобрување на состојбата и животниот стандард на граѓаните.
„Јас бев премиер 2 години и ја преземам целата одговорност за тоа што ги мачи граѓаните. Иако, во текот на изминатите две години и во текот на изминатите седум години, донесовме навистина голем број на антикризни пакети на мерки, најголеми во регионот. Ги зголемивме пензиите за 50%, ги зголемивме просечните плати за 50%. Ја зголемивме неколкуратно минималната плата. Можам да замислам само како ќе им беше на граѓаните доколку во време на ваква криза, во време на војна на континентот, требаше да преживуваат со 8.000 денари плата минимална како што беше во времето на ВМРО – ДПМНЕ до 2016 година“, рече претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Работници од Индија кои никогаш не виделе снег, за прв пат му се радуваат овде во Македонија
Работниците од Индија кои работат на автопатот Прилеп-Битола и се сместени во кампот на “Бехтел и Енка”, за прв пат гледаат снег во Македонија, па одлично се забавуваа и уживаа во белата покривка.
Македонија
Левица обвинува за злоупотреби со земјоделски субвенции во Кавадарци
Поранешниот началник на подрачната единица на Министерството за земјоделство во Кавадарци, Митко Керов, член на СДСМ, со години злоупотребувал лични податоци на граѓани за незаконско осигурување на земјоделски поседи и прибирање државни субвенции, обвинија денеска од ПП Левица.
Според партијата, Керов во соработка со осигурителни компании осигурувал поседи во сопственост на граѓани, најчесто возрасни лица кои не користат електронски услуги на Министерството, без нивно знаење и без нивно присуство при склучување договори.
„Таргет на поранешниот началник биле возрасни граѓани кои вообичаено не пристапуваат на софтверите за услугите на Министерството, со што тие воопшто не би дознале дека нивните поседи се осигурани“, велат од Левица.
Од партијата наведуваат дека Керов ги осигурувал поседите, аплицирал за субвенции за покривање на осигурителните премии и од тие средства добивал лична корист, а за граѓаните станало јасно што се случува дури откако нивните поседи биле оштетени од мраз во изминатите неколку сезони.
„Земјоделците, при аплицирање за обештетување преку јавните повици во општините, биле одбиени со образложение дека нивните поседи се веќе осигурани, иако тие никогаш самите не аплицирале“, посочуваат од Левица.
Според наводите, во обид да ја прикрие ситуацијата, Керов преку физичко лице – неговиот татко И. Керов – уплаќал симболични суми на сметките на дел од оштетените земјоделци, со опис на дознаката „Штета за 2024 година“.
„Очигледна е ноторната злоупотреба на службената положба и овластување, како и злоупотреба на државни средства за субвенционирање“, нагласуваат од партијата.
Од Левица дополнително обвинуваат дека за случајот биле информирани структури од ДПМНЕ, но наместо да постапат, свесно молчеле и вршеле притисок скандалот да не излезе во јавност.
„Наместо институционална реакција, се прават обиди за релативизирање и заташкување на случајот, со цел да не се отвори поширока истрага која би ја разоткрила целата мрежа на корупција“, велат од Левица.
Партијата го повикува Јавното обвинителство да отвори истрага, да ги провери сметките на членовите на семејството Керови, сопствениците на осигураните поседи, како и да ги испита наводите од граѓани од Кавадарци и Росоман.
„Доколку има потреба, истрагата треба да се прошири и во други локални самоуправи и да се преземат соодветни мерки“, порачуваат од Левица.
Македонија
ССМ повикува на масовен протест за плати: „Ова е борба за достоинството на работниците“
Сојузот на синдикатите на Македонија најави масовен работнички протест што ќе се одржи на 28 јануари во 17 часот во Скопје, со главно барање зголемување на работничките плати и покачување на минималната плата на 600 евра. Протестот ќе започне пред Работничкиот дом, а потоа ќе продолжи пред Собранието, Стопанската комора и Владата.
Во отворено писмо до работниците, претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, порачува дека протестот не е прашање на избор или удобност, туку егзистенцијална борба.
„Овој протест не е за ‘ако имаш време ќе дојдеш’, туку за твојата плата, затоа што истата не стигнува од први до први. А кој да протестира за твојата плата ако не прво ти, па сите ние заедно“, наведува Трендафилов.
Тој обвинува дека работниците се потценети и од работодавачите и од власта, при што едните профитираат од ниски плати, а другите ја користат економската несигурност за политичка контрола.
„На газдите им е важно со ниски плати да им го создавате капиталот, а на властите со ниски плати да ве владеат – сиромашен, но послушен народ“, се наведува во писмото.
Според ССМ, над 200 илјади работници во државата земаат плата под 31.200 денари, што е под прагот на сиромаштија, додека функционерите добиваат значителни покачувања.
„Неправдата е во тоа што за нив има зголемувања од 250 евра и 78 проценти, а за работниците – ништо. Истите тие на кои им ја давате моќта и платата, не водат грижа за вас и вашите семејства“, посочува Трендафилов.
Во писмото се предупредува и на, како што се наведува, обидите работниците да бидат заменети со поевтина работна сила од странство, како и на непочитувањето на колективните договори, поради што дел од вработените се принудени правдата да ја бараат на суд.
„Тие мислат дека не ви треба зголемување на платата затоа што не барате. Ако молчите, тие мислат дека ви е доста“, се наведува во пораката.
Трендафилов потенцира дека протестот е и за оние кои се плашат да излезат јавно, но и за сите граѓани, бидејќи зголемувањето на платите ќе значи и зголемување на пензиите.
„Господата ви личат големи затоа што им клечите. Станете со нас и ќе видите колку се всушност мали“, порачува тој.
ССМ информира дека протестот ќе се одржи по работно време за да можат да присуствуваат што поголем број работници, а ќе биде обезбеден и коридор за итни случаи.
„Јас и луѓето што ги знам ќе бидеме таму. Можеби сами не можеме да промениме многу, но заедно можеме да промениме сè. Овој протест е само почеток“, порачува Трендафилов.
Главното барање на протестот е зголемување на платите за најмалку 6.000 денари преку покачување на минималната плата на 600 евра.
„Изговор да не протестираат за плата може да имаат само газдите и избраните и именуваните. Време е“, завршува Трендафилов.

