Македонија
Ковачевски – Река: Добрите односи помеѓу Македонија и Албанија се голем придонес во развојот на регионот
Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, се сретна со Фатос Река, амбасадор на Република Албанија во нашата држава.
На состанокот е врачено писмо од премиерот на Албанија, Еди Рама, со честитки за мандатот на премиерот Ковачевски и изразена верба за натамошно унапредување на соработката во сите области од полза за граѓаните на двете држави.
Пренесено е и дека Република Албанија ја поддржува Република Северна Македонија во сите развојни процеси.
Исто така, на средбата е констатирано дека двете земји имаат добра политичка соработка и дека во рамките на иницијативата „Отворен Балкан“ придонесуваат за унапредувањето на добрососедските односи во регионот и во европски перспективи на државите од Западен Балкан.
Премиерот Ковачевски се заблагодари за писмото од премиерот Рама. Воедно, посочи дека негов фокус и на Владата се инфраструктурните проекти што ги поврзуваат државите соседи бидејќи на тој начин се унапредува и соработката и помеѓу граѓаните и помеѓу државите.
„Со соседите сакаме да имаме најдобри релации. Насочени сме кон реализација на проектот Коридор 8, кој е важен за поврзувањето на Северна Македонија, Албанија и на Бугарија, како и на Коридорот 10. Инфраструктурните проекти го подобруваат квалитетот на живот за граѓаните, но тие се потреба и на државите што преку нив ги развиваат односите и соработката“, рече премиерот Ковачевски.
На состанокот е потврдена определбата за натамошен развој на билатералната соработка помеѓу Република Северна Македонија и Република Албанија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од општината Ѓорче Петров денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 09.00 до 16.00 часот корисниците на улиците Борис Сарафов и Атанас Иљоски (општина Ѓорче Петров).
Македонија
Магла на два патни правци, најавен собир на регионалниот пат Берово – Струмица, сообраќајот ќе биде блокиран
Поради појава на магла се бележи намалена видливост од 50 – 60 магла има на патните правци Неготино – Градско и Неготино – Демир Капија, извести АМСМ.
Најава за прекин на сообраќај: На 19.12.2025 година во 10.00 часот од страна на Месно население на село Двориште, најавен е јавен собир на Регионален пат П-1302 (Берово – Струмица) на место викано „Студенецо“, при што сообраќајот ќе биде блокиран, а возачите кои сообраќаат по патен правец Струмица – Берово, да ги користат алтернативните патни правци, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, претпладне магла
Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне наместа ќе има појава на магла. Во југоисточниот дел од земјата ќе дува слаб ветер од северозападен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -5 до 1, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, променливо облачно и тивко. Во делови од котлината ќе има појава на магла. Минималната температура ќе се спушти до -3, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на стабилна воздушна маса до понеделник ќе се задржи стабилно и тивко време. Наместа ќе има појава на магла и зголемена облачност. Во вторник кон крајот на денот ќе има услови за локален слаб дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец.

