Македонија
Ковачевски-Сарацин: Одлуката за уставните измени е одлука да се биде дел од ЕУ
Премиерот Димитар Ковачевски денеска се сретна со специјалниот претставник на Сојузната Влада на Германија за земјите од Западен Балкан, Мануел Сарацин. На средбата присуствуваше и заменик на претседателот на Владата за европски прашања, Бојан Маричиќ.
На состанокот се дискутираше за повеќе актуелни теми од значење за двете земји.
На средбата, специјалниот претставник Сарацин ја потврди силната поддршка на германската Влада за натамошниот напредок на Северна Македонија на евро-интеграцискиот пат и ги реафирмираше заложбите и очекувањата на Германија државата да продолжи забрзано во таа насока.
Претстојната одлука за носење на уставните измени пред која е исправена Северна Македонија, како што беше нагласено, е одлука да се биде дел од ЕУ.
Ковачевски се заблагодари на континуираната поддршка од Германија, потенцирајќи ја важноста на Резолуцијата на германскиот Бундестаг, со којашто се потврдува силната германска поддршка на Северна Македонија за влез во ЕУ со нејзиниот македонски идентитет, јазик, култура и историја како дел од целокупниот мозаик на европската култура. При тоа, Ковачевски го истакна очекувањето од Германија, како најголема ЕУ членка, и натаму да игра клучна улога за европската иднина на земјите од Западен Балкан.
Нагласувајќи дека нашата држава ќе продолжи по патот на европерспективите, Ковачевски изрази оптимизам дека сите политички партии ќе се обединат и ќе се обезбеди неопходната широка поддршка околу остварувањето на заедничката стратешка цел-членството на Северна Македонија во Европската Унија.
Заеднички беше констатирано дека во остварувањето на оваа стратешка цел, потребен е заеднички напор на сите засегнати во реализирањето на реформските процеси на земјава, што ќе придонесе до значителен напредок и развој.
Заеднички беше констатирано дека Северна Македонија е пред историски, неповторлив момент којшто неминовно води до забрзан економски развој и создавање на просперитетна, европска држава што ќе овозможи поквалитетен живот за сите граѓани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Здружението на судии загрижено за изјавите за Управниот суд: со нив се врши притисок врз судиите и судиското одлучуваљње
Здружението на судии во врска со реакцијата на Управниот суд на РСМ, ја искажува својата загриженост за изјавите на поединци со кои, како што се истакнува во соопштението, директно или индиректно се врши притисок врз судиите и судиското постапување и одлучување.
Како што велат, припадноста кон одредена политичка партија и можноста за идно владеење односно учество во извршната власт, не смее да се користи за коментирање, заканување или влијание врз судиското одлучување.
Оценуваат дека таквите изјави се штетни пред се за политичките субјекти кои ги пласираат во јавноста, а истовремено може да се разберат и како обид да се поткопа непристрасноста и интегритетот на судиите.
„Во однос на неоснованите обвинувања кои беа упатени на адреса на Претседателот на Управниот суд на РСМ, како Здружение на судии даваме целосна поддршка на колегите од именуваниот суд и напоменуваме дека секој избран судија е независен во своето одлучување и таа независност му е Уставно загарантирана. Па во тој правец и при најмал сомнеж за евентуален обид за притисок или влијание врз неговата работа, без разлика од кого доаѓа, е должен да ги извести надлежните судиски инстанци. Воедно, сите останати општествени чинители, а особено претставниците на политичките партии се должни да ја почитуваат загарантираната судиска независност што е во духот и на демократскиот развој и Европскиот просперитет на земјата“, потенцираат од ова здружение.
Македонија
Одбиена тужбата на „Европскиот фронт“ за избирачкото место во Долнени
Управниот суд ја одби како неоснована тужбата од Коалицијата „Европски фронт“ на решението на Државната изборна комисија (ДИК) за прифаќање на приговорот од Коалицијата „Твоја Македонија” за избирачкото место 1470 во Долнени на Парламентарните избори 2024.
„Европскиот фронт“ поднесе седум тужби против решенија на ДИК на Парламентарните избори 2024.
Досега Управниот суд ja одби како неоснована и тужбата за избирачкото место 1194, во Општина Крушево.
Македонија
Мицотакис со предупредување: Ако некои веруваат дека можат да го игнорираат Договорот, треба да разберат дека нивниот пат кон Европа ќе остане затворен
Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис уште еднаш ја предупредува Македонија дека прекршувањето на Договорот од Преспа, со кој се реши долгогодишниот спор за името меѓу двата соседа, ќе ги загрози амбициите на балканската земја за членство во ЕУ, пишува грчки „Катимерини“
Говорејќи од градот Верија во северна Грција за време на неговата кампања пред изборите за Европскиот парламент во јуни, Мицотакис изјави дека трите меморандуми за разбирање поврзани со договорот од 2018 година нема да бидат ратификувани од Парламентот се додека новото раководство во Скопје продолжи со прекршување на договорот.
„Ако некои веруваат дека можат да го игнорираат договорот, треба да разберат дека нивниот пат кон Европа ќе остане затворен, а меморандумите нема да бидат ратификувани освен ако не се почитува она што го предвидува договорот“, рече тој.