Македонија
Ковачевски: СДСМ е обединета и силна партија, секогаш на браникот на татковината
Претседателот на Социјалдемократскиот Сојуз, Димитар Ковачевски, на вечерашниот митинг во Кочани им порача на присутните дека СДСМ е силна партија, која секогаш била на браникот на татковината, подготвена да се бори за граѓаните и иднината на државата.
„Оваа партија, на чело со Киро Глигоров, ја внесе Македонија во Обединетите нации. Со СДСМ, Македонија во 2005 стана земја – кандидат за членство во ЕУ. СДСМ, заедно со вас граѓаните го сруши режимот на ВМРО, режим кој 11 години ја блокираше нашата европска иднина. СДСМ и граѓаните се заслужни што Македонија стана рамноправна членка на НАТО, а СДСМ и коалиционите партнери се исто така единствено заслужни што Македонија пред 2 години ги започна преговорите со ЕУ. Сите овие беа тешки, но правилни одлуки за Македонија. Не се откажавме ни тогаш и нема да се откажеме и сега“, изјави Ковачевски.
Ковачевски вели дека тоа биле тешки, но правилни одлуки за Македонија и дека и сега како и тогаш, нема да се откажат од визијата за европска Македонија, со европски животен стандард, почитување на европските вредности и европските правила на игра.
„ Не се откажавме и во изминатите неколку години, за време на тешка здравствена, енергетска и економска криза, не ги оставивме граѓаните на цедило во ниту еден момент. Ниту еднаш. И покрај кризите ги зголемивме платите двојно, а пензиите за над 50%, ги заштитивме работните места, заштитивме 80.000 работни места во 20.000 компании во кои вие работите, обезбедивме 2,6 милијарди евра за антикризни мерки и ги заштитивме најранливите групи на граѓани. Не се откажуваме од Македонија во ЕУ! За тоа говори и тоа што нашиот план за европска Македонија е преточен во конкретна и остварлива програма“, вели Ковачевски.
Ковачевски додава и дека ќе работат на зголемување на платите и пензиите, на создавање на поволности на младите, но и дека планирааат рекордна помош за земјоделците, во висина од 1.35 милијарди евра.
„ Но има една работа која ја знаете и вие ја знам и јас а тоа е дека мора да има конечна и одлучна борба против злоупотребите, неправдите и системската корупција од која не можеме да кренеме глава повеќе од 30 години. И од тоа нема да отстапиме Или ќе воведеме ред, еднаквост и правда за секој подеднакво, без разлика дали е премиер, министер, пратеник, директор или обичен граѓанин. Или тоа или нема да нè биде! СДСМ е современа, прогресивна партија и единствена политичка сила која вистински може да ја однесе Македонија во Европската Унија“, порачува Ковачевски и додава дека Македонија мора да чекори по европскиот пат, затоа што тоа единствениот начин за суштински промени во државата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Меѓународните односи, реформите и борбата против корупција во фокусот на разговорите меѓу Сиљановска-Давкова и Варнс
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја прими Никол Варнс, вршителка на должноста шеф на мисијата во Амбасадата на САД.
Таа изрази подготвеност за понатамошна соработката со истата динамика и посветеност како со претходната амбасадорка.
Разговорот започна со осврт на меѓународните односи, состојбите во НАТО, ЕУ и регионот.
Потоа соговорничките се фокусираа на македонските работи: реформските процеси во судството, дигитализацијата, борбата против корупцијата и организираниот криминал и реализацијата на инфраструктурните проекти.
За нив, инклузивниот модел на одлучување и меритократијата во сите сфери на општествениот живот, а особено во образовниот систем и во регрутирањето на државната и јавна администрација на највисоко ниво се клучни не само за нашата евроинтеграција, туку и за просперитетот на државата.
Во време на безбедносни предизвици и ризици, за обете, американско-македонското стратешко партнерство, како и сојузништвото во НАТО се важни за стабилноста.
Амбасадорката ја потврди американската подготвеност за унапредување на пријателските односи, поздравувајќи ја неодамна усогласената заедничка изјава за рамката за идниот Договор за реципрочна, фер и балансирана трговија, како значаен чекор во зајакнувањето на економската соработка.
Сиљановска-Давкова и Варнс очекуваат со Акцискиот план да се конкретизираат низа проекти во интерес на граѓаните.
Македонија
Укината забраната за сообраќај на камиони на патот Гостивар-Стража-Кичево
Од 17:20 часот укината е забраната за ТМВ на патниот правец Гостивар-Стража и обратно.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Врнежи од снег има на Пониква и на патниот правец Штип-Неготино кај с.Лесковица, кој во моментов не претставува пречка за одвивање на сообракајот, јави АМСМ.
Македонија
Повредата на данскиот скијач не се случила на патека под наша надлежност, велат од Ски центарот „Попова Шапка“
Повредата на скијачот од Данска не се случила на официјална патека администрирана од „Попова Шапка“, бидејќи ски-лифтот „Церипашина“ не бил во функција поради силните ветрови и неповолни временски услови, информираат од Ски Центарот.
Се додава дека скијачот бил гостин на приватен оператор кој работи надвор од патеките управувани од овој центар.
„Ски центарот сноси одговорност исклучиво за патеките и просторот што се под наша официјална администрација и управување, а не и за зоните каде што оперираат трети страни надвор од овие патеки“, се наведува во соопштението на Ски Центарот Попова Шапка..
И покрај тоа, веднаш по добивањето на информацијата за повредата, спасувачката единица излегла на терен за да обезбеди помош и да асистира при транспортот и третманот на повредениот.
Од Центарот посочуваат дека безбедноста на посетителите останува врвен приоритет и му се заблагодаруваат на спасувачкиот тим за брзата и професионална реакција.
„Макфакс“ претходно објави дека 24-годишниот скијач од Данска бил пронајден на Попова Шапка, а според информациите од полицијата тој бил повреден од снежна лавина и со повреди пренесен во болница во Скопје.

