Македонија
Ковачевски: Северна Македонија се позиционира како енергетска раскрсница во регионот
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, денеска присуствуваше на настанот по повод поставувањето камен-темелник на 400-киловолтниот далновод, кој тргнува од трансформаторската станица „Битола 2“ и ги поврзува електропреносните системи на Северна Македонија и на Албанија. Проектот, како проект од Коридорот 8, е со исклучителна регионална стратешка и капитална вредност.
„Со оваа инвестиција, вредна 17,2 милиони евра, се поврзуваме со Република Албанија како последна земја со која нашата држава не беше енергетски поврзана. На овој начин го заокружуваме процесот на поврзување со електропреносните системи на сите наши соседни земји, со кои веќе имаме пет интерконекции на 400-киловолтно напонско ниво – две врски со Грција и по една со Србија, Косово и со Бугарија. Нашата држава има клучна улога во регионалното енергетско поврзување и оттука оваа инвестиција е од огромно значење како за нас така и за целиот регион. Со овој проект Северна Македонија се позиционира како балканска раскрсница за дистрибуција на електрична енергија“, истакна премиерот Ковачевски во обраќањето, со кое го поздрави почетокот на работите на овој далновод, кој е дел од најголемиот капитален проект од 50 милиони евра во преносната енергетска мрежа за интерконекција на Северна Македонија со Албанија, кој, меѓу другото, ја опфаќа и изградбата на трансформаторската станица во близина на Охрид, која почна во август 2021 година, како и проширување на 400/110-киловолтна трансформаторска станица „Битола 2“.
Во сферата на целата електроенергетска верига исток-запад, нагласи премиерот Ковачевски, интерконективниот далновод Битола – Елбасан е реализација на Коридорот 8 и претставува клучна алка во транзитот на електрична енергија од Бугарија преку Северна Македонија низ Албанија до Италија.
Ковачевски потенцира дека проектот отвора широки економски потенцијали и од перспектива на иницијативата „Отворен Балкан“ и дека со инвестирање во капитални проекти во електроенергетската мрежа ги поврзуваме економиите на земјите од регионот со нов потенцијал за натамошен развој.
Генералниот директор на АД МЕПСО, Орхан Муртезани, на настанот по повод поставувањето камен-темелник на далноводот од ТС „Битола 2“ до македонско-албанската граница, истакна дека со оваа инвестиција се заокружува електроенергетското поврзување со сите наши соседи, што ќе овозможи поголема сигурност и стабилност на нашиот електроенергетски систем и вклучување во сите регионални иницијативи за размена на енергија.
Заменик-шефот на Делегацијата на ЕУ во нашата земја, Џулијан Васало, рече дека инвестирањето во проекти како овој е чекор напред кон енергетска трансформација и кон енергетската безбедност на земјата и регионот и дека е добар пример за поврзаност и прекугранична соработка. Васало додаде дека ЕУ останува посветена да се заврши иницијативата на ЕУ за коридорот исток-запад за пренос на електрична енергија меѓу Северна Македонија, Албанија, Бугарија, Црна Гора и Италија.
Претставникот на Европската банка за обнова и развој во нашата земја, Анди Аранитаси, во своето обраќање нагласи дека интерконективниот надземен вод ќе има клучна улога во развојот на регионалниот пазар на електрична енергија и зголемувањето на капацитетот на обновливи извори на енергија, при што сончевата енергија и ветерот ќе бидат двата приоритетни обновливи извора што ќе се развиваат во Северна Македонија и Албанија на краток и среден рок надоврзувајќи се на поддршката што ЕБОР им ја обезбеди на властите во двете земји за да почнат конкурентни тендери за обновливи извори на енергија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Потпишан Меморандум со највисоко рангираните универзитети во Македонија за соработка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, објави Ѓорѓиевски
Градоначалникот на Град Скопје, заедно со највисоко рангираните универзитети во Македонија потпишаа Меморандум за соработка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, со што академската заедница официјално се вклучува како активен и рамноправен партнер во овој значаен европски културен процес, информираат од Град Скопје.
Со Меморандумот се потврдува јасната европска ориентација на универзитетите и нивната улога како двигатели на знаење, креативност и иновации, како и нивната општествена одговорност во развојот на заедницата. Вклучувањето во „Скопје 2028“ отвора можности за интеграција на културата во наставните и истражувачките програми, поттикнување на студентската креативност и младинскиот ангажман, развој на интердисциплинарни и меѓународни партнерства и зголемување на академската видливост на европско ниво.
Академската заедница останува посветена на активна, професионална и визионерска улога во реализацијата на „Скопје 2028“, со цел зајакнување на европските вредности, продлабочување на интеркултурниот дијалог и создавање одржлива, солидарна и креативна иднина за Скопје и Македонија.
Македонија
Сиљановска-Давкова: „Извозот на мозоци“ остава длабоки лузни, најдобрите си заминуваат поради недостиг на правдата при вработувањето и напредувањето
Претседателката на државата, Гордана Сиљановска -Давкова денеска присуствуваше на презентацијата на проектот „Партнерства за вештини за одржливи и праведни модели на миграција“ (Skills4Justice), спроведен во рамките на програмата на ЕУ за истражување и иновации Хоризонт Европа (HORIZON Europe). Настанот се одржа на Економскиот факултет при УКИМ, како национален координатор на истиот.
Во своето воведно излагање, таа истакна дека одливот на младите високообразовани и компетитивни македонски кадри е една од најголемите закани за македонскиот општествен развој, со сериозни демографски, економски, политички, научни и културни последици.
Според неа, со сè помалубројна и послаба епистемолошка заедница (професори, истражувачи, новинари-аналитичари, културни дејци), тешко е да се креираат добри политики во различни области.
Најдобрите си заминуваат во потрага по подобар живот, но и заради недостиг на меритократија (потценето знаење, талент, вештина и креативност), како и отсуството на владеење на правото и правдата при вработувањето и напредувањето, смета таа.
За неа, напливот на високообразовни институции со сомнителен квалитет, како и партизацијата и непотизмот, продуцираат некритична и послушна ,,интелигенција”.
Таа истакна дека борбата со егзодусот на најдобрите треба да почне со реформи во основното и средно образование, преиспитување на високообразовната мрежа и заострени критериуми при избор и кариера.
На крајот, претседателката укажа на потребата од воведување дуално образование во сите степени, преиспитување на преоптоварената високообразовна мрежа, организирање заеднички студии и проекти со други универзитети, ангажирање на македонските умови од дијаспората со помош на вештачката интелигенција и дигитализација.
Македонија
СДСМ: Македонија сака во ЕУ а ВМРО изолација
Македонските граѓани во големо мнозинство, над 70% сакаат членство во ЕУ. Додека Мицкоски и ВМРО намерно ја туркаат земјата кон изолација, далеку од ЕУ, истакнуваат од СДСМ.
„Известувачот за Македонија, Томас Вајс денеска изјави дека мора да се исполнат реформи и условот со уставни измени за да продолжи европскиот пат на земјата, при презентирањето на нацрт-извештајот за 2025 година.
Евроамбасадороот Михалис Рокас вчера беше дециден дека нема членство во ЕУ без право на глас и без право на вето.
Со ова, приказните на Мицкоски се разобличени целосно.
Исто како и празната националистичка реторика која веќе не поминува“.
Граѓаните, додаваат од СДСМ, го гледаат Мицкоски седнат во авион како се лукзуора на нивна сметка, со скапи часовници од 60.000 евра, со тендери како томбола за бизнис.
Тоа, како што оценуваат, е личен финаниски патриотизам.
„Зборува за меко ткиво а не знае дека и мозокот е меко ткиво.
Мицкоски, граѓаните имаат мозок“.

