Македонија
Ковачевски: СОНК треба да биде искрен пред членовите, заедничко решение може да се најде
Заедничко решение може и ќе се најде, потенцираше премиерот Ковачевски во одговор на новинарско прашање, но СОНК треба да биде искрен пред членовите дека Владата уште од првиот ден е отворена за преговори и за разговори, исто така кажавме дека разговори не се водат под уцена, туку се водат низ дијалог.
„Ние ја покачивме минималната плата и постои законски рок од 6 месеци за усогласување на платите, СОНК без да го отвори дијалогот во рамки на тие 6 месеци го започна штрајкот. Според мене, ги доведе до заблуда и наставниците бидејќи кога претседателот на СОНК ги образложуваше членовите од договорот за исплаќање на плата во време на штрајк не беше искрен до крај. Не ги кажа точните членови и не ги кажа до крај сите членови во однос на тие законски решенија, тоа треба да го направи“, истакна премиерот Ковачевски.
Ковачевски нагласи дека Владатаќе разговара со репрезентативниот синдикат во однос на зголемувањето на платите во јавниот сектор и за воведување нова методологија за зголемување во иднината на платите.
„Отвораме процес за изработка на нов закон за плати во државата со кој ќе се отстранат голем број неконзистентности што постојат во јавниот сектор, како и отворање на процес на реформи бидејќи тој брои повеќе од 132.000 вработени. Тие 132.000 се платени од вработените во приватниот сектор и доколку се покачува платата треба да се испорача и подобра услуга за граѓаните што ги плаќаат вработените во јавниот сектор. Најлесно е да се покачи плата во јавен сектор, синдикатот ќе побара, Владата ќе одобри, но треба да платат даночните обврзници. Но, тие даночни обврзници треба да добијат и повисоко ниво на услуга“, рече премиерот Ковачевски.
Премиерот Ковачевски дополни дека низ разговор со репрезентативниот синдикат ќе се бара решение за зголемување на платите во јавниот и ги повика наставниците да се вратат во училиштата.
„Наставниците се тие кои го градат човечкиот капитал во државата. Тие претставуваат авангарда и интелигенција во секое општеството. Јас секогаш сум бил на нивната страна затоа и го имаме отворено дијалогот кој е во постојан континуитет, освен тогаш кога СОНК ќе реши да штрајкува без да има завршен дијалог за којшто постојат и законски прописи и рокови, меѓутоа јас сум уверен дека ќе дојдеме до достоинствено и долгорочно решение за вработените во јавниот сектор“, посочи претседателот на Владата Димитар Ковачевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: Реформите не зависат од уставните измени и мора да се спроведуваат
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, порача дека институционалните реформи се суштинска обврска што мора да се спроведе без разлика на политичките пречки и неизвесноста околу уставните измени. Според него, државата не може да си дозволи застој на реформскиот процес поради недостиг на политички договори или дневнопартиски калкулации.
„Кажавме уште лани дека ја поддржуваме владата да најде добро решение и гаранција дека нема понатаму да имаме блокади. Но тоа е едно прашање. Друго е реформите – тие се одвоен процес и мора да се тераат. А гледаме дека нема ниту еден чекор напред. Нема никакво поместување во тој дел“, изјави Филипче.
Тој нагласи дека СДСМ останува на ставот дека е неопходна широка дебата и национален консензус околу стратешките приоритети на државата. Како чекор во таа насока, рече Филипче, СДСМ предложи резолуција што е веќе доставена до сите парламентарни и политички партии со цел да се добие повратна реакција и конкретен став.
„Нашата предлог-резолуција е добра основа да седнеме и да дебатираме. Потенцирав неколку пати – тоа е предлог верзија, не е финална. Очекувам фидбек, но сè уште немам добиено официјален одговор од ниту една партија“, изјави Филипче.
Тој додаде дека сè што се однесува на стратешки национални интереси, вклучително и реформите, мора да биде предмет на консензус, а не на конфронтација. Повикувајќи на зрел политички дијалог, Филипче потенцираше дека е време сите актери да седнат на маса и да покажат дека реформите се над партиските калкулации.
„Тоа е процес што подразбира национален консензус. Мислам дека е редно да седнеме и да видиме како ќе се движиме понатаму. Ова не е момент за калкулации, туку за зрелост“, заклучи тој.
Филипче, исто така, изјави дека извештајот на ЕК јасно потврдува дека државата назадува во сите клучни области, а причината за тоа, според него, е неспособноста и недостигот на политичка волја на Владата на ВМРО-ДПМНЕ.
„Во извештајот јасно стои дека реформската агенда е целосно блокирана. Не постојат суштински реформи поврзани со ЕУ, нема трајни и решителни чекори за забрзување на процесите. Споредувањето е делумно и со доцнење во сите столбови на планот за раст, слаба координација и институционалниот капацитет го загрозуваат финансирањето базирано на перформанси преку механизмот на реформи и растат“, рече Филипче.
Притоа Филипче посочи дека оваа состојба особено се чувствува во областите што се од витално значење за младите и за приватниот сектор.
„Во извештајот стои дека има ограничен напредок го подобрување на деловната клима, слабо спроведување на закон за конкуренција, нема усогласување со правилата на ЕУ, реформите за неформалната економија се во застој, слабо управување со јавни инвестиции, перзистентна корупција и правна несигурност ги обесхрабруваат инвестициите, делумна дигитална трансформација, бавен напредок во усогласување со Европската унија“, рече Филипче
Претседателот на СДСМ истакна и дека Извештајот е силен сигнал од Брисел дека Владата на Мицкоски ја води државата во погрешна насока.
„Ако добро се погледне извештајот пораката од него е јасна, не постои напредок во ниту една област дури таму кај што има технички активности нема никакви резултати. Не само што тапкаме место туку се враќаме назад. И ова не е проблем на европската унија ова не значи дека некој нас не спречува нешто да работиме ова е знак за тоа дека владата нема волја нема желба нема капацитет да ја сработи и работата којашто треба да сработи и да го испорачаат тоа што е во интерес и на граѓаните и на државата“, изјави Филипче.
Тој додаде и дека реформите што недостасуваат се суштински за функционирањето на државата и системот.
„Во бројки ситуацијата изгледа вака само 4 области се оцените како добар напредок а и тие се минорни и не се однесуваат на вистински внатрешни реформи. Во осум области нема никакво поместување вклучувајќи и најкритичните правосудството и фундаменталните права. Она што е најлошо од овој извештај во поглавјето 24 правда слобода и безбедност владата добива единица што значи драстичен пат во споредба со лани,“ истакна Филипче.
Македонија
Гаши: Ромскиот јазик е дел од културниот мозаик што го збогатува нашиот општествен идентитет
Ромскиот јазик е дел од културниот мозаик што го збогатува нашиот општествен идентитет. Затоа, заштитата и развојот на Ромскиот јазик значи заштита на меморијата, достоинството и динамиката на една заедница која дала многу на нашето општество, рече претседателот на Собранието, Африм Гаши, на владината седница посветена на Светскиот ден на Ромскиот јазик.
Тој додаде дека ссвен институционалната одговорност, имаме и морална одговорност да гарантираме ова наследство да не остане само симбол на календарот, туку да се претвори во секојдневна реалност на еднакво учество во јавниот живот.
„Како Собрание, остануваме посветени на гарантирање на заштитата и унапредувањето на правата на Ромската заедница, преку зајакнување на инклузивните политики во образованието, културата и граѓанското учество. Иако актуелно немаме пратеник од Ромската заедница, сакам повторно да нагласам, со целосно убедување, дека секогаш ќе бидам еден одговорен и посветен глас за заштита на правата и аспирациите на оваа заедница. Додека сум тука во оваа владина сала, сакам да го охрабрам владиниот кабинет заедно да преземеме конкретни чекори за поддршка на Ромската заедница и за зачувување и развој на нејзиниот јазик. Разновидноста не е поделба, туку извор на сила, и наша должност е да го претвориме овој ден во повик за единство, меѓусебно почитување и конкретни дејствија“, рече Гаши.
Македонија
(Видео) Филипче: ВМРО-ДПМНЕ успеа за една и пол година да нѐ стави во групата со Косово, БиХ, Молдавија и со Украина
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, на денешната прес-конференција порача дека Извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија е сериозен аларм за иднината и перспективата на државата, нагласувајќи дека е најлошиот извештај којшто Македонија го добила во изминатите десетина години.
„Објавувањето на Извештајот за напредокот со оцена дека Македонија не постигнала напредок на европскиот пат, ни испрати јасна порака каде се движи земјава изминатите година и пол под власт на ВМРО-ДПМНЕ. Овој Извештај е практично најлошиот извештај којшто сме го добиле изминатите десетина години и сериозно го вклучува алармот за иднината и перспективата на државата“, рече Филипче.
Лидерот на СДСМ посочи дека извештајот го потврдува застојот и назадувањето на земјата во процесот на европските интеграции и дека потребни се итни чекори за враќање на државата на европскиот пат.
„Се случи тоа што предупредувавме, ВМРО-ДПМНЕ успеа за една ипол година да не стави во групата со Косово, со Босна и Херцеговина, со Молдавија, со Украина, со земји коишто последни го почнаа патот на евроинтеграциите”, изјави Филипче.

