Македонија
Ковачевски: Со државната поддршка за македонските комапнии создадовме нови 5.000 работни места
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Димитар Ковачевски денеска учествуваше и дискутираше на панел дискусија „Креираме развој преку поддршка на инвестиции“ во организација на ТИРЗ и Кабинет на ЗПВ Битиќи.
Денешната трибина, ја посочи претседателот Ковачевски, како добра можност да се сублимираат досегашните преземени мерки и резултатите во делот на поддршката на инвестициите и економијата, но истовремено и да се види што е она што треба да се преземе за уште подобри резултати.
Ковачечевски истакна дека за силна економија е потребно ликвидно и силно стопанство, нови фабрики, раст на инвестициите, капитални инвестиции во инфраструктурата, развиено земјоделство, подобар животен стандард преку повисоки плати и пензии, пристап до ЕУ пазарите.
Справување со предизвици, поддршка на домашната економија и компаниите преку правилни таргетирани мерки, финансиска поддршка, раст на платите, беа во фокусот на дискусијата, кои воедно се и дел од столбовите во новата програма на СДСМ, вели Ковачевски.
„Економијата и поддршката на компаниите и инвестициите беа високо на агендата на Владата која јас ја предводев и на претходната Влада, природно доаѓа тоа бидејќи јас сум економист, но уште поприродно доаѓа во време на криза кога мора да работите прво на спасување на ликвидноста на компаниите, второ спас на работните места и трето одржување на животниот стандард на граѓаните со оглед на тоа дека секој е погоден од кризата и компаниите и граѓаните и оние што се најзасегнати а тоа се ранливите категории на граѓани. И затоа во изминатите 7 години ние генерално имавме многу силен акцент ставено на економијата“, истакна Ковачевски.
Додаде дека со 100 милиони евра Владата предводена од СДСМ поддржа 919 компании, за разлика од 2017 година, кога имало нула поддршка за домашните компании. Во последниот деветти пакет во вредност 662 милиони евра, 492 милиони евра се предвидоа за поддршка на приватниот сектор, преку мерки за одржување на ликвидноста на компаниите, конкурентноста, поддршка за инвестиции во обновливи извори, зачувување на работните места, поволни заеми за мали и средни претпријатија во износ од вкупно 2,6 милијарди евра преку антикризни мерки се вратија назад кај граѓаните и стопанството.
Ковачевски, особено се осврна на домашните компании кои се двигател на економијата.
„До 2017 година македонскиот работник беше евтина работна сила и компаниите имаа нула поддршка. Јасна е разликата кога ќе ви кажам дека изминатите 6 години, 919 домашни компании добија поддршка во вредност од 100 милиони евра со кои тие реализираа 500 милиони евра инвестиции“, рече тој додавајќи дека секоја стратешка одука што ја имал како премиер има стратешка цел, а тоа е развој на економијата, развој на приватниот сектор, нови вработувања и подобро платени работни места.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Состојбата е стабилна и нема опасност по безбедноста
Не сме изложени на нестабилност и нема опасност по безбедноста внатре и во регионот. Систем за предупредување постои, институциите ја следат состојбата, се координираат и оттаму е оваа оценка за стабилност и безбедност, изјави претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по седницата на Советот за безбедност на која на дневен ред беше безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.

Таа додаде дека институциите ќе продолжат да ја следат состојбата.
-Координирани сме и со органите во регионот и ќе споделиме информации, најави претседателката Сиљановска – Давкова.
Претседателката Сиљановска Давкова е претседател на Советот за безбедност, а на седницата присуствуваа и членовите на Советот за безбедност: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски како и експертите Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов. Министерот за надворешни работи и надворешна трговија,Тимчо Муцунски, кој е на пат за САД, на седницата беше вклучен преку видеоврска.

На седницата присутни беа и директорката на Агенцијата за разузнавање, Габриела Јаковлева, директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски и началникот на Генералштабот, генерал – мајор Сашко Лафчиски.
Македонија
Повеќе од 150 македонски државјани побарале помош од амбасадите во Тел Авив, Доха и Абу Даби за евакуација
Расте бројот на македонски државјани кои пријавуваат дека се затечени во загрозените подрачја на Блискиот Исток. Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информираат дека досега повеќе од 150 македонски државјани, ги контактирале амбасадите во Тел Авив, Доха и Абу Даби, околу можностите за евакуација.
Со сите нив се одржува постојан контакт и доколку се пријават за евакуација ќе се преземаат подготвителни активности за евентуална асистенција за нивно безбедно враќање, наведуваат од МНР.
– Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, преку дежурниот телефонски број и преку дипломатско-конзуларните претставништва, и понатаму останува целосно на располагање на граѓаните. Уште еднаш ги повикуваме сите наши државјани кои се наоѓаат во земјите од регионот доследно да ги почитуваат упатствата и насоките на локалните надлежни безбедносни органи, велат од Министерството.
Поради ситуацијата на Блискиот Исток, во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија од вчера функционира кризен штаб кој е на 24 часовно располагање на граѓаните за сите информации.
За дополнителни информации и помош, на располагање се:
СОС дежурен телефон (МНРНТ):
075/273-732
Амбасада на Република Северна Македонија во Доха
Тел: +974 50 173 111
Амбасада на Република Северна Македонија во Абу Даби
Тел: +971 56 441 7532
Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив
Тел: +972 54 500 8566
Тел: +972 54 967 0546.
Македонија
Малолетник сакал да се самоубие, МВР го спречи постапувајќи по објава оставена на социјалните мрежи
Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи интервенираше навремено откако беше забележана објава на социјалните мрежи што укажуваше на можност за самоубиство од страна на малолетен корисник.
Полицијата веднаш ги презеде сите неопходни мерки за утврдување на идентитетот и локацијата на лицето, кое за кратко време беше пронајдено. Малолетникот е во добра состојба, а родителите се известени и запознаени со понатамошните чекори за негово ментално здравје.
Овој настан уште еднаш ја нагласува важноста од внимателно следење на однесувањето на младите во дигиталниот простор. Родителите треба редовно да комуницираат со своите деца, да се интересираат за нивните активности на социјалните мрежи и да реагираат веднаш при забележување загрижувачки објави или несвојствено однесување – апелираат од Секторот за компјутерски криминал.
Апел е упатен и до пријателите, соучениците и сите корисници на социјалните мрежи: доколку забележат објави што упатуваат на самоповредување, безнадежност или најави за самоубиство, веднаш да ги искористат механизмите за пријавување на платформата или да известат родител, наставник или најблиска полициска станица.
-Навремената реакција може да спаси човечки живот. Секторот за компјутерски криминал ќе продолжи со засилени активности за рано откривање и превенција на ризични појави во дигиталниот простор, велат од МВР.

