Македонија
Ковачевски со работната група на Советот на ЕУ: По отворените преговори нов чекор напред во евроинтеграциите
Премиерот Димитар Ковачевски, придружуван од заменик-претседателот на Владата Бојан Маричиќ и од министерот за надворешни работи Бујар Османи се сретна со делегатите од 27-те земји членки на ЕУ во Работната група на Советот на ЕУ, задолжена за проширување и за земјите коишто преговараат за пристапување (КОЕЛА), предводена од Јавурек Леош и придружувани од амбасадорот на ЕУ во земјава, Дејвид Гир.
На состанокот е оценето дека ова е значаен момент за Република Северна Македонија, како прв чекор по отворањето на преговорите со ЕУ во јули годинава, во Брисел, а во пресрет на утрешниот почеток на скрининг-процесот за пристапување на нашата држава во Европската Унија, со што практично се отвора ново поглавје во евроинтеграцискиот процес на земјава.
Пораката што е испратена на денешната средба, од страна претставниците на Работната група КОЕЛА, е дека земјите членки на ЕУ го охрабруваат натамошниот процес на патот на нашата држава кон ЕУ и дека цврсто стојат до нашата земја, со цел динамична реализација на следните чекори во рамки на скрининг-процесот и во преговарачкиот процес, до полноправно членство на Македонија во ЕУ.
При тоа се поздравени мудрите одлуки на Владата и на Парламентот со коишто е покажано визионерство за реализација на стратешките определби и иднината на државата и се овозможи почетокот на преговорите на Северна Македонија со ЕУ.
Европските интеграции, како што е оценето, носат конкретни економски и демократски придобивки за граѓаните на нашата држава. Исто така се од големо значење и за целиот регион, посебно во геополитичките околности во коишто се наоѓаат Европа и светот, поради војната во Украина, што значи и сериозен придонесот кон европскиот мир и стабилност.
Во таа насока изразено е очекување за поддршка од сите политички субјекти и од општествената јавност во следните чекори значајни за процесот на евроинтеграциите, а за коишто е најавена техничка помош и потребната поддршка од државите членки на Унијата.
Ковачевски нагласи дека по 17 години од кандидатскиот статус, Република Северна Македонија конечно го добива заслуженото внимание и место во ЕУ. Тој нагласи дека државата се постави стопроцентно на линија на надворешната политика на ЕУ, практикува европски вредности и дека останува посветена на остварувањето на оваа втора стратешка цел, членство во ЕУ, по членството во НАТО.
„Во рамки на заедничките заложби да испорачаме брзи и квалитетни резултати во евроинтегративниот процес, ќе работиме со сите политички и општествени чинители во државата“, рече Ковачевски.
Маричиќ соопшти дека Владата е подготвена да покаже видливи резултати во унапредување на реформските процеси и дека за тоа е потребно вклучување на сите засегнати страни, вклучувајќи ја и блиската соработка со земјите членки на Унијата и Европската комисија.
Османи констатираше дека земјата се придвижува кон ново поглавје во евроинтеграциите, со денешниот состанок со Работната група КОЕЛА, во рамки на преговарачкиот процес и дека е ова значаен момент за добрата иднина на граѓаните и на Република Северна Македонија.
На состанокот е разговарано и за други актуелни прашања во регионален, европски и геополитички контекст, при што е изразена согласност дека Република Северна Македонија и државите од Западен Балкан треба да бидат вклучени во решенијата за надминување на актуелните предизвици од војната во Украина.
Состанокот е заокружен со констатацијата дека проширувањето на ЕУ со Република Северна Македонија и државите од Западен Балкан мора и ќе продолжи, бидејќи е тоа од значење како за нашата држава и земјите од регионот, така и за самата Европска Унија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Земјотрес во Охрид
Земјотрес со епицентар во Грција е почувствуван во Охрид и околината, вечерва во 19 и 50 часот.
„Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 19 часот и 50 минути регистрираа земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Грција, на околу 100 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7“, соопшти Сеизмолошката опсерваторија.
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Андоновски на состаноци во Стејт департментот: Соработката во областа на сајбер безбедноста и дигитализацијата во фокусот
Во рамки на работната посета во Вашингтон, денеска се реализираат работни средби во Стејт департментот на САД. Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, утринава оствари работна средба со Russ Headlee, Senior Bureau Official (SBO), прв човек на Бирото за Сајбербезбедност и дигитални политики на Стејт Департментот на САД.
„На средбата беше потврдена заедничката определба за унапредување на билатералната соработка меѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави во областа на дигиталната трансформација и сајбер безбедноста. Разговорите се фокусираа на продлабочување на соработката во клучни области: сајбер безбедноста и дигиталните политики; привлекување на инвестиции од САД во областа на дигитализацијата и сајбер безбедноста; доверливо поврзување на институциите и безбедна инфраструктура; отпорност и доверба“, соопштија од Министерството.
Дополнително, во рамки на дискусијата биле опфатени и прашања поврзани со јакнење на капацитетите помеѓу партнерските влади, размена на експертиза, како и јавно-приватна соработка во доменот на сајбер безбедноста, со цел развој на безбедни и доверливи дигитални јавни услуги и заштита на критичната дигитална инфраструктура.
„Дигиталната трансформација мора да оди рака под рака со сајбер безбедноста и довербата во технологијата. Соработката со Стејт департментот и со Бирото за сајбер безбедност и дигитална политика е значаен чекор за зајакнување на нашите капацитети и за побрза модернизација на јавните услуги“, истакна министерот Андоновски.
Во продолжение на работната агенда, заедно со македонската делегација предводена од претседателот на Собранието, Африм Гаши, министерот Андоновски оствари средба и со Daniel J. Lawton, заменик помошник секретар во Стејт департментот.
Според Министерството, оваа средба претставува значаен чекор кон зајакнување на соработката, градење институционални капацитети, размена на експертиза и меѓусебна поддршка помеѓу Македонија и САД.
Средбите завршија со договор за наредни чекори, вклучително и утврдување приоритетни области за соработка и редовна комуникација меѓу тимовите, со цел подготовка и реализација на конкретни активности и проекти во претстојниот период.
Македонија
Гаши од Вашингтон: Северна Македонија останува лојален сојузник на НАТО и посветен партнер на САД
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, кој престојува во работна посета на Вашингтон, САД, денеска се обрати на Форумот за безбедност на тема „Инвестирање од 5% во одбраната и посветеноста кон партнерството со САД“. На настанот учествуваа светски лидери и претставници на Американскиот конгрес, при што се дискутираше за безбедноста и зајакнувањето на трансатлантската соработка.
Гаши кажа дека посветеноста на нашата земја кон НАТО е силна, водена од убедувањето дека ниту една нација не може сама да ја гарантира својата безбедност.

„Северна Македонија придонесува со дисциплина, стои покрај своите сојузници, ги исполнува преземените обврски и го докажува партнерството преку дела. Во време на глобална неизвесност, соработката во рамките на НАТО е поважна од кога било, особено за земји како нашата, во срцето на Балканот. Зајакнувањето на институциите, инвестициите во одбраната и заедничката интероперабилност се од суштинско значење за нашата колективна отпорност“, рече Гаши.
Тој додаде дека Македонија е лојален сојузник на НАТО и стабилен партнер на САД.
„Ние стоиме како лојален сојузник на НАТО и стабилен партнер на Соединетите Американски Држави. Како што има истакнато претседателот Џон Ф. Кенеди: „Им ветуваме лојалност на лојалните пријатели. Бидејќи обединети, има малку нешта што не можеме да ги направиме; поделени, има малку нешта што можеме да ги направиме.“ А децении подоцна, претседателот Џорџ В. Буш го потврди овој двопартиски принцип, потсетувајќи нè дека „за да го обновиме нашето единство, доволно е да се потсетиме на нашите вредности““, рече Гаши.
Во истиот дух, додаде тој, Северна Македонија ја избира одговорноста наместо двоумењето и единството наместо поделбите. „Ова е нашето ветување кон заедничките вредности, заедничката безбедност и силната Трансатлантска алијанса“, рече Гаши.

