Македонија
Ковачевски: Со санација на делницата Младо Нагоричане – Куманово инвестираме во локалниот развој
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски денеска се сретна со жителите на Општина Нагоричане, каде е реконструирана патната делница Младо Нагоричане – Куманово.
Заедно со премиерот Ковачевски присутни беа и министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми, директорот на Јавното претпријатие Македонија Пат, Костадин Ацевски, како и заменик-градоначалникот на Старо Нагоричане, Бобан Цветановски.
Станува збор за надградба и поправка на патната делница Младо Нагоричане – Куманово. Инвеститор на делницата е Јавното претпријатие за државни патишта, а изведувач Јавното претпријатие Македонија Пат.
„Надградбата и санацијата на овој патен правец во должина од над три километри е инвестиција од над 292 илјади евра. Ги поврзавме жителите од околните места, како што го направивме тоа и со санацијата на патната делница Куманово – Старо Нагоричане во должина од три километри, во вредност од близу 570 илјади евра. Со овие инвестиции го заживуваме овој регион. Граѓаните нема веќе да патуваат небезбедно и подолго по делници стари со децении. Животот и секојдневието ќе им се олесни и ќе имаат побезбедно патување“, истакна премиерот Ковачевски за патната делница Младо Нагоричане – Куманово.
Притоа, премиерот Ковачевски го посочи и магистралниот пат Куманово – Страцин, инвестиција вредна 12 милиони евра, којашто е важен дел од Коридорот 8.
Оваа патна делница, како што нагласи премиерот, се рехабилитира за прв пат после повеќе од 32 години.
Премиерот Ковачевски додаде дека Владата се грижи за навремена и квалитетна изработка на модерни патишта како на регионално така и на локално ниво, што е и причината зошто денеска е во посета на овој регион со цел да разговара со жителите од овој крај за да ги слушне нивните мислења за сработеното.
Нагласувајќи ги инвестициите во различни сфери, премиерот рече дека Владата реализира капитални инфраструктурни проекти во патната инфраструктура.
Тој порача дека Владата секогаш ќе остане партнер на граѓаните, без разлика дали доаѓаат од урбаните или од руралните општини во државата.
Премиерот Ковачевски на средбата со жителите посочи дека ваквите инвестиции се важни не само за подобро поврзување со околните градови, туку и за локалниот развој.
На средбата со жителите од Младо Нагоричане се разговараше и за другите инфраструктурни проекти во овој регион.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, реагираше на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски.
„Наместо да ги спроведе реформите што Европа ги бара две години, Мицкоски нуди само изолација и анти-ЕУ кампања. Преку 70% од граѓаните сакаат ЕУ – а тој зборува за „булинг“ и „прва и втора лига“. Тоа не е булинг, тоа е последица од неисполнување на обврските: правда, слобода на медиуми, борба против корупција. ВМРО секојдневно создава конфликти со соседите а на критиките од Брисел одговара со напади врз ЕУ. Затоа нема напредок, затоа 5 тони дрога излегуваат преку македонската граница неказнето, затоа судството и обвинителството се под контрола, а медиумите се задушени преку моделот на Орбан. Европа ни даде јасна шанса до 2027, заедно со регионот! Црна Гора и Албанија напредуваат. Ние? Само ако престанеме со оваа политика на изолација што намерно ја турка Мицкоски. Мицкоски ВМРО не сакаат ЕУ – сакаат да крадат на тендери без надзор. Тоа не е европска вредност. Тоа е криминална вредност. Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски“ стои во реацијата на претседателот Филипче.
Македонија
(Видео) Не гледам потреба за одржување на предвремени парламентарни избори, вели премиерот Мицкоски
Премиерот Христијан Мицкоски не гледа потреба за одржување на предвремени парламентарни избори. Тој нагласи дека во разговорите со меѓународната заедница и со граѓаните како главен приоритет се посочуваат реформите и нивната реализација.
„Тоа е она што е главен фокус и приоритет на оваа Влада. Реформи и испорака. Се разбира дека ВМРО-ДПМНЕ како најголема политичка партија во државата мора да се однесува одговорно кон граѓаните, иако после локалните избори и оној апсолутен триумф, политички гледано нас ни одговара да има предвремени парламентарни избори, но и покрај сето тоа нашиот приоритет и фокус е испорака и реформи за подобар живот и стандард на граѓаните“, истакна Мицкоски.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, морало се да оди по насока на Заев
Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, кажа денеска на прес-конференција, Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ристо Катевеновски, поранешен судија на Врховниот суд тврди дека бил разрешен поради тоа што не дал позитивно мислење за судски случај по барање на тогашните власти СДС и ДУИ. На судско рочиште судијата Катевеновски истакнал дека нема да даде позитивно мислење во случајот поврзан со поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, и дека ќе биде потребно да се разговара со неговите колеги за понатамошно дејствие. Но, по само еден ден од оваа дадена изјава на Катевеновски, кој вели дека била дадена зад затворени врати, Судскиот совет свикал итна седница на која тој бил разрешен. Сведоштвото на Катевеновски води кон тогашните власти, а како што вели тој – неговото разрешување дошло од СДС и ДУИ, или во превод од Зоран Заев и Али Ахмети“, рече Манасиевски.
Тој истакна дека „правдата и вистината која Заев ја ветуваше кога дојде на власт се покажа како селективна“.
„Но, она што е клучно е тоа дека повторно добиваме сведоштва за притисокот на СДС и ДУИ, кон правосудните органи. Она кое ние го говориме во јавноста со години, сега веќе и се потврдува. Тие биле оние кои одлучувале кој ќе се апси, а кој ќе се апстрахира од одреден случај. СДС и ДУИ си ја партизираа државата и нејзините институции. ВМРО-ДПМНЕ тоа повеќе нема да го дозволи повеќе. Потребна е одговорност!“, заклучи Манасиевски.

