Македонија
Ковачевски: Среќен почеток на новата учебна година

Премиерот Димитар Ковачевски на сите ученици им посака среќен почеток на новата учебна 2022/2023 година.
„Драги првачиња, драги ученици, пред вас е првиот училиштен ден од новата учебна година. Ви посакувам успешен почеток, да стекнете многу нови знаења и вештини и, секако, ви посакувам многу нови другарства, кои ќе траат цел живот. Верувајте во себе, прашувајте, преиспитувајте, истражувајте и бидете креативни бидејќи детството и младоста се периоди што се клучни за понатамошниот личен развој. Бидете другари и помагајте им на оние што не може да постигнат сѐ сами.
Честитки и за родителите и старателите чии деца првпат оваа учебна година седнуваат во училишните клупи во основните и средните училишта. Со вложувања и реформски процеси ние како Влада интензивно работиме на подобрување на образовниот систем во Република Северна Македонија, со што обезбедуваме квалитетно и достапно образование за секое дете. Со вработување образовни асистенти им даваме поддршка и вклучување во редовната настава на децата со посебни потреби. Градиме нови училишта ги реконструираме и модерно ги опремуваме веќе постојните и го модернизираме нашето образование.
Честитки и до наставниците за првиот ден од новата учебна година. Вие сте клучот за квалитетно образование. Од вашиот ангажман зависат постигнатите резултати кај учениците. Затоа бидете нивна поддршка, инспирација и поттик во создавањето индивидуи кои утре ќе бидат движечката сила и умот на државата.
Продолжуваме и понатаму да го јакнеме наставниот кадар за кој од септември предвидовме покачување на платите, но и континуирани обуки за новите наставни програми. Вложувањето во образованието значи директна инвестиција во економскиот раст и просперитетот на Република Северна Македонија“, вели Ковачевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Герасимовски: Од Капиштец почнува караванот „Се гледаме во маало“

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, утрово на брифинг појадок со новинари најави дека караванот „Се гледаме во маало со Горан Герасимовски“ отпочнува денеска од населбата Капишец, а ќе трае до 4-ти јули.
Герасимовски потенцираше дека преку овој караван, граѓаните ќе се информираат за тоа што е реализирано во изминатите три ипол години, но исто така центарци ќе можат да дадат и свои идеи, сугестии и предлози за поубав Центар.
„Караванот почнува денеска и ќе трае до 4-ти јули. Заедно со граѓаните ќе креираме политики и идеи и ќе ги реализираме. Самиот караван почнува од населбата Капиштец, од детското игралиште кај Зебра. Со општинските служби ќе бидеме заедно со граѓаните и ги слушаме сите нивни предлози и идеи, она што го правиме во текот на годините преку буџетските форуми, истражувањата, анкетите. Нашата цел е да ги слушнеме центарци за нивните предлози и идеи. Се гледаме вечер во маало“, рече Герасимовски.
Македонија
Салата Работнички ќе биде готова до октомври, Герасимовски вели дека лично тој, редовно прави увид

Салата „Работнички“ чија реконструкција по 50 години почна во јануари годинава, ќе биде готова до октомври. Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски денес извести дека редовно оди во контрола на градилиштето.
„Во полн ек е работата на салата Работнички. Добро одат градежните работи. Имаме редовни увиди од страна на службите, но и од моја страна за да видиме како течат самите работи. Планираме септември-октомври, доколку се оди во најдобар ред, доколку навремено се исплаќаат сите оние ситуации кои што се доставуваат од фирмите кои што работат на салата, верувам дека до октомври месец истата ќе биде отворена“, вели градоначалникот Герасимовски.
Спортската сала „Работнички“ се реконструира со пари од државниот буџет. Во декември 2023 година Владата изгласа 30 милиони денари да бидат префрлени на Општина Центар за оваа намена, а оваа година Општината од Владата доби дополнителни 1,5 милион евра.
Проектот предвидува нов покрив, фасада, проширен терен, нова еластична подлога, подно греење, климатизација, модерно осветлување и на местото на бетонските клупи да бидат поставени 891 седиште.
Македонија
Арсовска до Стојкоски: Дали ги праша жителите на Ѓорче Петров дали сакаат хемиски фабрики и над 30 висококатници?

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, го обвини градоначалникот на Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, дека молчи за дивоградби и висококатници кои одобрил да се градат на булевар на небезбедна одалеченост. Таа го повика Стојкоски да организира референдум за ѓорчепетровци да кажат дали сакаат своите деца и домови да им се наоѓаат меѓу хемиски фабрики.
„Стојкоски, освен твоите другарчиња од штаб, сите останати знаат да читаат, тоа ти е сега најголемиот проблем.
Дали ти ги праша жителите на Ѓорче Петров дали тие сакаат хемиски фабрики на 157.000 m2 и над 30 висококатници да се градат сред општината? НЕ! И покрај тоа што како град Скопје дадовме негативно мислење за овој ДУП, ти упорно сакаш да убедиш некој дека хемиски фабрики е супер да се градат во Ѓорче, а ги молчиш дивоградбите таму и висококатниците кои си дал амин да се градат на булевар на небезбедна одалеченост. Никому јас не стварам никаква несигурност, освен на тебе и твоите пајташи!
Ајде сега читај и гледај фото:
1: Како изгледаше ДУПот во Ѓорче Петров 2: Како изгледа ДУПот што си го изгласал за кој имаш негативно мислење од Град Скопје
3: Како изгледа сега таа локација сред Ѓорче
4: Во твојот ДУП објект Хемиска фабрика 1
5: Во твојот ДУП објект Хемиска фабрика 2
6: Во твојот ДУП објект Хемиска фабрика 3
7: Стојкоски кога лаже 1
8: Стојкоски кога лаже 2
Целиот ДУП е достапен на твојата веб страна за ова да си го видат граѓаните: https://opstinagpetrov.gov.mk/wp-content/uploads/urbanizam/vazecki_urbanisticki_planovi/dup_gradska_cetvrt_sz_16_17_02_2024/sintezen_sz_16_gp.pdf
Бидејќи многу сакате референдуми Стојкоски, направи сега еден да ти кажат ѓорчепетровци лично дали сакаат своите деца и домови да им се наоѓаат меѓу хемиски фабрики!“, напиша Арсовска на „Фејсбук“.