Македонија
Ковачевски: Факт е дека нашите граѓани денеска имаат повеќе од она што го имаа со ДПМНЕ
Денес нашите граѓани имаат повеќе од она што го имаа во времето на ДПМНЕ, неспоредливо повеќе, рече претседателот на СДСМ и премиер Димитар Ковачевски на трибина „Повеќе за сите“ во скопски Аеродром.
„Ветувањето за 500 евра просечна плата, го исполнивме предвреме, и со износ поголем од ветениот. Денес просечната плата е над 100 евра повеќе од тоа ветување и изнесува 37.876 денари. 614 евра! Ова значи дека ја покачивме просечната плата за 250 евра во однос на 2016 година, кога изнесувала околу 360 евра. Овој раст не беше стопиран ниту за време на ковид пандемијата, ниту во период на економско-енергетска криза“, рече Ковачевски.
Ние го цениме трудот на работниците и го вреднуваме. А ДПМНЕ ги смета работниците за евтина работна сила, дополни Ковачевски.
„За 5 и пол години СДСМ ја покачи минималната плата двојно повеќе, од тоа што го обезбедила Влада на ВМРО ДПМНЕ за 10 години. Денес, имаме и историски највисока минимална плата и изнесува 20.175 денари или 328 евра. Тоа е платата која што мора работодавачот да ја исплати. Од 2012 година до 2016 година, пак, значи за 5 години, во време на ДПМНЕ, минималната плата пораснала само за 2.000 денари. А, тогаш немало ни светска здравствена, ниту светска економска криза“, рече Ковачевски.
И пензионерите добиваат повеќе со СДСМ, потенцираше Ковачевски.
„Оние што се вградиле во изградбата на земјата заслужуваат достоинствена старост, заслужуваат повеќе, и со СДСМ имаат повеќе. Просечната пензија СДСМ ја покачи на околу 20.000 денари, што е зголемување од околу 100 евра во споредба со 2016 година. Со новата методологија на пресметка на пезниите, пензиите веќе пораснаа во просек 5.000 денари во однос на тоа што изнесуваа. Само за година и половина имаме 24% покачување на пензиите. Минималната пензија денес изнесува 13.150 денари, што е за 4.300 денари повисока во однос на 2016 година, односно повисока пензија 47%,“ рече Ковачевски.
Сите овие бројки, според него, се резултат на системски политики и мерки, за справување на предизвиците од кризата и заштита на граѓаните и одржување на ликвидноста на компаниите и економијата.
„Ветив и како премиер и како Влада, дека ниту еден граѓанин, ниту една дејност, никој нема да биде оставен сам да се справува со економско-енергетската криза. И тоа ветување не остана на збор, го реализиравме со конкретни конкретни и таргетирани мерки, рече премиерот Димитар Ковачевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Хрватскиот министер за надворешни и европски работи во посета на Македонија
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денес и утре ќе биде домаќин на министерот за надворешни и европски работи на Хрватска, Гордан Грлиќ Радман, кој ќе престојува во официјална посета на Македонија.
Двајцата министри ќе разговараат за билатералните односи, економската и секторската соработка, како и за европската интеграција на земјата и можностите за користење на хрватското искуство во процесот на пристапување кон Европската Унија, соопштија од Министерството.
Во фокусот ќе бидат и соработката во рамки на НАТО, регионалните прашања и актуелните меѓународни случувања.
Македонија
„Блокадафест“ пред влезот на Усје, целодневен протест со музичка програма
Утре со почеток од 15 до 23 часот ќе се одржи целодневен протест пред влезот на фабриката Усје.
„Со нас застанаа уметници кои својот протест го изразуваат со она што најдобро го знаат – музиката. Волонтерски ќе настапат: DJ Александар Јорданов, DJ Chvare, DJ Andrew Meller, Новиот Почеток, Хајка, Луфтханза, Животни, Големата Вода, DJ Базел, DJ Emily Nas, Дина Јашари, Член 16, Зарина Првасевда и Корка. Нивната поддршка е порака дека ова не е изолиран протест, туку заедничка борба за уставно загарантираното право на чист воздух“, се вели во најавата за протестот од „Стоп за Усје“.
Од таму велат дека „Блокадафест“ е јасен повик до институциите и до Титан Усје: здравјето на граѓаните не е преговарачка категорија.
„Додека фабриката продолжува да загадува, ние излегуваме заедно да го блокираме загадувањето и да покажеме дека отпорот може да биде гласен, солидарен и креативен“, се вели во најавата.
Македонија
ВЛЕН: Кој од ДУИ му се заканува на Артан Груби?
„Ништо повеќе не е исто како порано. Почнува внатрешната пресметка во Мала Речица. Од една страна се Али Ахмети со групата поранешни функционери кои глумат невини и чесни, а од друга страна е Артан Груби на кого овие првите додека беше во бегство лично го натоварија за сите политички и коруптивни зла на ДУИ“, велат од ВЛЕН.
„Вистина е дека Артан Груби не е ‘обичен’ поранешен функционер, туку човекот што ги знае сите влезови и излези на системот што ДУИ го градеше со години. Тој е живата подвижна архива на една партиска шема што со години се криеше од јавноста. Кога “црната кутија” еднаш ќе падне во рацете на институциите, нема веќе простор за глума, ниту за митови. Почнува расплетот.
Затоа во ДУИ владее паничен страв. Заплетот влегува во фаза во која соопштенијата и пресовите на ДУИ повеќе не вршат работа, туку фактите. Институциите почнуваат да копаат по вистината што ДУИ со години ја закопуваше, како се кроеше моќта зад грбот на граѓаните и каде исчезнуваа буџетските пари.
Дали стравот од моментот кога сенката на Али Ахмети ќе почне да зборува и ќе почнат да излегуваат имиња, шеми и улоги, тера некого да користи мафијашки методи на заплашувања? Кој од ДУИ му се заканува на Артан Груби? Кој во ДУИ бара од Груби да го почитува мафијашкиот код “омертаʼ” за молчење и несоработка со институциите“, прашуваат од ВЛЕН преку соопштението.

