Македонија
Ковачевски: Фронтекс ги штити нашите граници, нашата безбедност и нашиот македонски јазик и идентитет
Со потпишувањето на договорот со Фронтекс и неговата ратификација статусот на македонскиот стандарден јазик се издигнува на рамноправно рамниште со сите други јазици што се зборуваат во Европската Унија, а нашата култура, јазик и идентитет се признати и препознаени и во меѓународни рамки, порача претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, на свеченото одбележување на почетокот на заедничката операција на Фронтекс во Македонија.
„На овој начин македонскиот јазик и идентитет се неприкосновени и втемелени во европското законодавство. За нас, Фронтекс значи заштита на нашите граници, значи заштита на територијалниот интегритет и суверенитет на нашата држава, значи навремен одговор за сите безбедносни ризици за нашата земја, значи безбедност и мирен сон за нашите деца, значи контрола на миграциските движења, значи справување со меѓународниот криминал, значи признавање на нашите цврсти заложби за зачувување и промовирање на македонскиот јазик на нашиот евроинтеграциски пат, значи можности за примена на професионални европски стандарди и зачувување на меѓународниот мир и безбедност. Бидејќи, како што гласи еден од постулатите на Фронтекс -‘служиме на интересите на граѓаните бидејќи се грижиме за луѓето и веруваме во европските вредности’“, изјави Ковачевски.
Тој додаде дека Македонија е препознаена од меѓународната заедница како фактор на стабилност во регионот и кредибилен партнер во зачувувањето на регионалната стабилност. Имаме исклучителни постигнувања на регионален и меѓународен план, а Македонија преку конкретни чекори покажува успеси наспроти сите деструктивни тенденции, рече Ковачевски.
„Со успешна, заедничка работа, со заеднички сили заедно со нашите сојузници и стратешки партнери, стоиме храбро пред предизвиците и одиме по патот што нè води до посветла, просперитетна иднина за сите наши граѓани. Со решителни чекори продолжуваме со европската агенда, продолжуваме со исполнување на сите неопходни критериуми за членство во Европската Унија, како и усогласување на нашето со европското законодавство. Свесни сме за предизвиците, свесни сме и за тежината со која понекогаш треба да се носат храбри и вистински одлуки како во минатото така и во претстојниот период.
Свесни сме и за дезинформациите и за лагите што ги имало, ги има и ќе ги има во иднина. Меѓутоа нема враќање назад кога верувате во праведна и кога верувате во голема цел. Единствениот стабилен и безбеден пат за нас е ЕУ“, истакна Ковачевски.
Тој му се заблагодари на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски за неговата истрајност во изминатите 5 години и неговиот тим и преговорите за склучување на договорот Фронтекс за зачувување на националните културни и идентитетски и јазични црвени линии на македонскиот народ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДУИ обвинува за притисок врз судството: Изјавите на Филков за куќниот притвор се директно мешање во постапката
Демократската унија за интеграција (ДУИ) изрази длабоко незадоволство поради, како што наведуваат, заканите упатени кон судии и обвинители од страна на министерот за правда Игор Филков во неговото последно јавно појавување поврзано со куќниот притвор на поранешниот вицепремиер, Артан Груби.
Од партијата оценуваат дека извршната власт нема уставно право да сугерира како треба да функционираат судските органи и дека улогата на Министерството за правда е да го штити интегритетот и независноста на судството, особено во чувствителни случаи со засилена политичка поларизација.
„Министерот за правда, наместо да го заштити судскиот систем од партиска хистерија, дополнително го поттикнува тоа, создавајќи клима на однапред донесена пресуда и јавно испраќајќи пораки што вршат притисок врз обвинителите и судиите“, наведуваат од ДУИ.
Според нив, ваквите изјави претставуваат директно мешање во тековна постапка и сериозен удар врз правосудниот систем, со што се загрозува интегритетот на постапката и принципот на поделба на власта.
ДУИ го повикува министерот да се воздржи од понатамошно јавно мешање, а Министерството за правда, како што велат, преку јасна и одговорна комуникација да ја гарантира независноста на судството. Во спротивно, сметаат дека министерот треба да биде разрешен.
Партијата најавува дека ќе продолжи да го следи секое дејствие што, според нив, создава клима на линч и ќе ги информира своите стратешки партнери – САД, Европската Унија и Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
Реакцијата на ДУИ следува по прес-конференцијата на министерот за правда Игор Филков, кој побара отчетност и детално образложение за одлуката за замена на мерката притвор со куќен притвор во случајот со Груби, кој е под истрага за криминал вреден 8 милиони евра во Државна лотарија.
Филков посочи дека станува збор за лице кое 14 месеци било во бегство, за кое претходно бил утврден ризик од бегство, и јавно ги повика судскиот и обвинителскиот совет да утврдат дали има одговорност кај судијата и јавниот обвинител за одлуката за куќен притвор.
Македонија
Утре сончево време со температура до 16 степени
Времето утре ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец (локално до 50 km/h), информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 6, а максималната ќе достигне од 9 до 16 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и сончево време со мала до умерена облачност и со пониски утрински температури.
Во четврток ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северен правец, поизразен долж Повардарието.
Македонија
Дел од корисниците на Гази Баба утре без вода
Дел од корисниците на Општина Гази Баба утре ќе останат без вода.
„Од ЈП Водовод и Канализација добивме известување дека на ден 25.02.2026 година ( среда ) имаат планирано неколку интервенции и тоа поради промена на вентил од 2.5“ на ул.Јани Лукровски 12, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности“, соопшти Регионалниот центар за управување со кризи Скопје.

