Македонија
Ковачевски ја поздрави меѓународната поддршка која ја доби МВР во расчистувањето на грозоморните убиства
Премиерот Димитар Ковачевски денеска во Брисел, каде е во работна посета, на завршната сесија на скринингот на Северна Македонија, во контекст на важноста на меѓународната соработка која земјата ја има со партнерите од ЕУ и со земјите од регионот и пошироко, ја поздрави меѓународната поддршка која ја доби МВР на Северна Македонија во лишувањето од слобода на првоосомничениот за грозоморното и сурово убиство на ученичката Вања од Скопје.
„Соработката во сите области е клучна за напредок како на егионалната така и на меѓународната соработка и се клучни во сите области, не само во економијата, не само во трговијата, не само во инвестициите туку и посебно во борбата против криминалот и спроведувањето на законите кое беше покажано и преку вчерашното успешно расчистување на грозоморното двојно убиство што ја потресе Република Северна Македонија, регионот но и меѓународната јавност”, истакна Ковачевски.
Тој потенцираше дека МВР, ОЈО поднесе кривична пријава против 5 лица, од кои еден е осомничен за грабнување и убиство, тројца за грабнување и соизвршителство околу убиство и еден за помагање за грабнување, предвидени со нашиот кривичен законик, што согласно доказите кои полицијата ги прибра во предистражаната постапка.
„Вчеравечер нашиот МВР Спасовски, доби известување од колегите од Р. Турција дека креаторот и директниот извршител на злосторството е фатен и е лишен од слобода на нивна територија, согласно оперативните сознанија кои ги имаше нашата полиција за патеката на движење на осомничениот откако ден претходно, на 04.12.2023 беше распишана итна меѓународна потерница од страна на ИНТЕРПОЛ”, рече Ковачевски.
Ковачевски се заблагодари за успешната партнерска соработка на Р. Турција, до Р. Србија и Р. Бугарија на чии територии одеше патеката на движење на осомничениот и со кои секојдневно комунициравме, информираат владините служби.
Премиерот изрази благодарност и до Р. Хрватска која самоиницијативно изврши проверка на нивна територија и ги извести партнерските служби со Северна Македонија и изрази посебна благодарност за досегашната одлична соработка во рамките на ИНТЕРПОЛ.
„Ова беше уште еден успешен пример дека само со блиска, заедничка соработка може да очекуваме успешни резултати на секое поле. Ви благодарам за сета досегашна соработка, поддршка која Северна Македонија ја има во изминатите 32 години, во својот развој, во развојот на демократско општество, во развјот на економијата, во обезбедување на социјална сигурност и ве уверувам дека оваа Влада предводена од мене ќе направи се овој евроинтеграциски пат на Северна Македонија да продолжи и заедно со граѓаните и заедно со вас во 2030 година да прославиме полноправно членство на Република Северна Македонија во Европската Унија”, истакна Ковачевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Милошоски-Бунфорт: потенцирана поддршката на Унгарија кон ЕУ интеграциите
Потпретседателот на Собранието, Антонијо Милошоски оствари работна средба со Жолт Бунфорт, специјален претставник за Западен Балкан на премиерот на Унгарија, Виктор Орбан придружуван од Ѓула Шомоѓи, советник и Јулијана Армаш, советник, како и заменик шефот на мисијата Атила Фодор.
На средбата беше потврдена одличната македонско-унгарска соработка и подготвеност за понатамошно унапредување на односите на двете држави во повеќе области. Беше потенцирана заложбата за интензивирање на соработката во економската област преку реализирање на заеднички проекти, како и зближување на двата народа преку зајакнување на пријателските односи и културната размена.
Специјалниот претставник за Западен Балкан Бунфорт, ја потенцираше поддршката на Унгарија кон македонските ЕУ интеграции, истакнувајќи дека членството во ЕУ не претставува награда, туку признание за реформските напори и остварениот напредок во изминатиот период.
Македонија
(Видео) Петрушевски: Партнерството на СДС со бегалецот од правдата Артан Груби и ДУИ излегува на површина
Дали Јованка Тренчевска и СДС го бранат Груби и дали доброволно се пријавуваат заедно со сите свои колеги да седнат до Груби на обвинителната клупа, прашува Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„Партнерството на СДС со бегалецот од правдата Артан Груби и ДУИ излегува на површина. Откако со години замижуваа и го одобруваа милионскиот криминал на тогашниот прв вицепремиер Артан Груби, сега кога треба да се соочи со правдата, се ставаат во негова заштита, па дури и ќе се жртвуваат и ќе тонат заедно со него. Имено, потпретседателката на СДС и поранешна министерка, Јованка Тренческа во однос на кривичната пријава за Груби вели дека одлуките на Владата биле колективни и дека ако се докаже дека има вина во случајот, треба сите заедно да одговараат“, вели тој.
Петрушевски додава дека СДС и ДУИ во паника и страв смениле 10 тези откако Груби бил уапсен.
„Дали потпретседателката на СДС го брани Груби за криминалот со кој државниот буџет го оштети за над 8 милиони евра? Или, пак, доброволно се пријавува заедно со сите свои колеги од тогашната влада да седнат на обвинителна клупа заедно со Артан Груби? Дали затоа нервозата во СДС и ДУИ е голема? Дали стравот им е толку голем од тоа што дополнително има да каже Груби? СДС и ДУИ во паника и страв сменија 10 тези откако Груби беше уапсен. Како тргнале до крајот ќе си признаат се“, рече Петрушевски.
Македонија
Тошковски: Безбедноста на нашите деца е заедничка обврска, тие се нашето најголемо богатство
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска присуствуваше на интерактивната куклена претстава што се одржа во Дом на култура „Билјана Белочанец“ во општина Кисела Вода, во организација на Републички совет за безбедност на сообраќајот на патиштата и Театар Провокација, како дел од кампањата „Да ги заштитиме децата во сообраќајот“.
Тошковски потенцираше дека едукацијата на најмладите претставува еден од најважните сегменти во градењето сообраќајна култура и во заштитата на човечките животи.
„Безбедноста на децата е наш врвен приоритет. Преку вакви активности, кои на децата им се блиски и разбирливи, создаваме генерации што ќе ги почитуваат сообраќајните правила и ќе придонесуваат за побезбедни патишта. Министерството за внатрешни работи ќе продолжи активно да ги поддржува и да учествува во сите проекти насочени кон подигнување на свеста за сообраќајната безбедност“, истакна Тошковски.
Министерството за внатрешни работи и во иднина ќе продолжи со активности и кампањи насочени кон едукација на децата и младите како една од најранливите категории учесници во сообраќајот, со цел создавање побезбедна сообраќајна средина за сите граѓани, најавуваат од таму.

