Македонија
Ковачевски: Ќе го проверам тендерот за угостителски прибор и ако е несоодветен ќе го поништам
Мандатарот и претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски, одговарајќи на новинарско прашање за јавната набавка за угостителски прибор, рече дека откако ќе биде избран за премиер истата ќе ја провери и доколку е во обем и постапка која е несоодветна ќе ја поништи.
„Јас немам детали за таа набавка бидејќи сè уште не сум на премиерската позиција во Владата којашто може да има увид во таков вид на јавни набавки. Меѓутоа, од кога ќе станам претседател на Владата ќе се информирам за таа набавка којашто беше предмет на интерес на јавноста, доколку јавната набавка е во обем и во постапка којашто не е соодветна на очекувањата, јас таа одлука ќе ја поништам“, рече Ковачевски.
Инаку, деновиве имаше информација дека Службата за општи и заеднички работи ја подновува владината кујна со нов прибор за угостителство. Беше наведено дека покрај бела техника, се набавува и нов прибор за јадење, со највисок квалитет од порцелан и кристал.
Притоа три фирми го добиле договорот вреден над 37.000 евра.
За опрема, ситен инвентар и прибор за угостителство во кои спаѓаат плинска скара, фрижидери, пегла, правосмукалка, порцелански чинии со златна линија, виљушки, лажици и кристални чаши Службата за општи и заеднички работи пред Нова година склучила договор со компаниите „Дидакс“, „Д Л Конкорд“ и „Еурефи инженеринг“. Според договорот, дел од чиниите кои ги набавува, Владата ќе ги плати по околу 5.000 денари за една, а бара 30 такви.
Ваквата набавка Службата за општи и заеднички работи на Владата ја оправда со објаснување дека е за потребите на сите државни институции. Од таму сметат дека со оглед на високата фреквенција на странски делегации во земјава поцелисходно и порационално е да се набават 30 парчиња прибор за јадење за високи странски делегации за услугата да се пружи во објектите на СОЗР отколку за секоја делегација да се плаќаат високи сметки во ресторани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Меѓународните односи, реформите и борбата против корупција во фокусот на разговорите меѓу Сиљановска-Давкова и Варнс
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја прими Никол Варнс, вршителка на должноста шеф на мисијата во Амбасадата на САД.
Таа изрази подготвеност за понатамошна соработката со истата динамика и посветеност како со претходната амбасадорка.
Разговорот започна со осврт на меѓународните односи, состојбите во НАТО, ЕУ и регионот.
Потоа соговорничките се фокусираа на македонските работи: реформските процеси во судството, дигитализацијата, борбата против корупцијата и организираниот криминал и реализацијата на инфраструктурните проекти.
За нив, инклузивниот модел на одлучување и меритократијата во сите сфери на општествениот живот, а особено во образовниот систем и во регрутирањето на државната и јавна администрација на највисоко ниво се клучни не само за нашата евроинтеграција, туку и за просперитетот на државата.
Во време на безбедносни предизвици и ризици, за обете, американско-македонското стратешко партнерство, како и сојузништвото во НАТО се важни за стабилноста.
Амбасадорката ја потврди американската подготвеност за унапредување на пријателските односи, поздравувајќи ја неодамна усогласената заедничка изјава за рамката за идниот Договор за реципрочна, фер и балансирана трговија, како значаен чекор во зајакнувањето на економската соработка.
Сиљановска-Давкова и Варнс очекуваат со Акцискиот план да се конкретизираат низа проекти во интерес на граѓаните.
Македонија
Укината забраната за сообраќај на камиони на патот Гостивар-Стража-Кичево
Од 17:20 часот укината е забраната за ТМВ на патниот правец Гостивар-Стража и обратно.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Врнежи од снег има на Пониква и на патниот правец Штип-Неготино кај с.Лесковица, кој во моментов не претставува пречка за одвивање на сообракајот, јави АМСМ.
Македонија
Повредата на данскиот скијач не се случила на патека под наша надлежност, велат од Ски центарот „Попова Шапка“
Повредата на скијачот од Данска не се случила на официјална патека администрирана од „Попова Шапка“, бидејќи ски-лифтот „Церипашина“ не бил во функција поради силните ветрови и неповолни временски услови, информираат од Ски Центарот.
Се додава дека скијачот бил гостин на приватен оператор кој работи надвор од патеките управувани од овој центар.
„Ски центарот сноси одговорност исклучиво за патеките и просторот што се под наша официјална администрација и управување, а не и за зоните каде што оперираат трети страни надвор од овие патеки“, се наведува во соопштението на Ски Центарот Попова Шапка..
И покрај тоа, веднаш по добивањето на информацијата за повредата, спасувачката единица излегла на терен за да обезбеди помош и да асистира при транспортот и третманот на повредениот.
Од Центарот посочуваат дека безбедноста на посетителите останува врвен приоритет и му се заблагодаруваат на спасувачкиот тим за брзата и професионална реакција.
„Макфакс“ претходно објави дека 24-годишниот скијач од Данска бил пронајден на Попова Шапка, а според информациите од полицијата тој бил повреден од снежна лавина и со повреди пренесен во болница во Скопје.

