Македонија
Ковачки до СДСМ: Вредеше ли предавството? Се откажавте од име, Устав, историја
Ги слушам од СДС велат дека било храброст да донесеш тешки одлуки…. да смениш име, да смениш устав, да прифатиш бугарски диктат. Јас на ова ќе ги прашам директно…. вредеше ли ова предавство? Знаете ли колкав товар и срам им оставате на вашите семејства. Со наведнати глави ќе се шетатате и вие и тие. Вредеше ли да се откажете од името, од Уставот, од историјата?
Ова го истакна носителот на пратеничката листа на ВМРО-ДПМНЕ во ИЕ 3, Драган Ковачки на вечерашниот митинг во Штип.
Тој додаде дека не можат да зборуваат за храброст луѓето кои го крадат народот и некогаш не биле на негова страна.
„Не е храброст да прифатиш се што бараат другите. Не ми зборувајте мене за храброст. Над 25 години поминав во Армијата. Ги поминав, со моите соборци, македонски ќерки и синови и 2001-вата, и немири и акции и војни. Браневме вредности, браневме стратешки интереси и во мисии и во Ирак и во Авганистан,….гордо ја носев униформата затоа што верувавме во Македонија. Јас и моите соборци со длабока почит се поклонуваме на македонското знаме. Со особено чувство на гордост и посебна почит ја пееме македонската химна. Овие работи за секој Македонец имаат посебно место во неговото срце. И не ми зборувајте мене за храброст вие кои седите во скутот на Али Ахмети и со другата рака ја крадете Македонија. Не зборувајте за храброст кога ниту еднаш не бевте со народот, и сте причина за сите негови страдања и порази“, потенцираше Ковачки.
Затоа, додаде Ковачки, овие избори се и за тоа да ја вратиме Македонија. Македонија која има надеж и иднина. Македонија на луѓе со гордо кренати глави и сила која создава промени.
„Јас Драган Ковачки стојам овде пред вас и ви велам овие избори се последната шанса да си ја спасиме државата. Затоа е важно да излезете и гласате. А првиот чекор е веќе во среда. Во среда не се само претседателски избори, туку првиот голем удар за детронизирање на оваа власт. Затоа ве повикувам сите луѓе од Штип, од славниот исток, да излеземе и масовно заеднички да испишеме историја за денот кога народот ја вратил Македонија во своите раце“, нагласи Ковачки.
Ковачки додаде дека ВМРО-ДПМНЕ има план за работа и конкретна понуда содржана во програмата Платформа 1198 каде луѓето се на прво место.
„Иако изборот кој ќе го направите е многу важен момент, сепак самиот избор никогаш не бил полесен. Разликата меѓу нас и власта е огромна. За сметководителката на мафијата, заедно со луѓето од СДС кои се понуда во третата изборна единица овие избори им се уште еден мегдан за лажење и манипулирање. Време е да им се стави крај. Време е да се соочат со одговорност. И време е Македонија да биде повторно твоја, на луѓето на Македонија, на чесниот и трудољубив народ“ подвлече Ковачки и додаде:
„Победата ќе биде тирумф на народот кој си ја враќа државата. Бидете горди на тоа што заедно ќе го направиме. Затоа што имате голема причина за тоа. За вас, вашите семејства, За Македонија“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Денес во 18 часот состанок на Советот за безбедност поради случувањата на Блискиот Исток
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска-Давкова за денеска закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18:00 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Советот за безбедност е највисокото советодавно тело во државата, коешто ги разгледува прашањата сврзани со безбедноста и одбраната на Републиката и дава предлози на Собранието и на Владата.
Претседател на Советот за безбедност е претседателката Гордана Сиљановска Давкова.
Членови на Советот за безбедност се: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски и Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија, како и Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов.
Македонија
Од денеска побезбедни онлајн купувања со платежни картички
Од денеска стапува во сила законската обврска за засилена автентикација при онлајн-плаќања со платежни картички. Наместо досегашната потврда со СМС-код, корисниците на платежни картички ќе добиваат известување преку мобилната банкарска апликација и ќе треба да ја одобрат трансакцијата. Потврдата се врши со ПИН за апликацијата, отпечаток од прст или препознавање лице. Без оваа потврда плаќањето нема да може да се изврши, дури и ако некој ги има податоците од картичката.
Целта е да се обезбеди заштита на паричните средства на граѓаните и на компаниите преку дополнителни сигурносни проверки на идентитетот на лицето при плаќањата без физичко присуство.
Засилената автентикација како законска обврска за давателите на платежни услуги произлегува од Законот за платежните услуги и платните системи. Таа се воведува постепено во земјата и веќе е во примена при извршување онлајн-увид во платежните сметки од страна на клиентите, како и при извршување плаќања со платежни картички на физичките продажни места или со платни налози преку електронското или мобилното банкарство.
Македонија
Од денеска до 5 март пријавување за правото на субвенциониран студентски оброк
Министерството за образование и наука ги информира студентите дека рокот за пријавување за правото на субвенциониран студентски оброк за академската 2025/2026 година трае од денеска до 5 март 2026.
Правото на субвенциониран студентски оброк може да го користат сите редовни студенти на додипломски студии кои имаат месечен приход помал од минималната нето плата, како и студентите запишани на постдипломски студии и на интегрирани студии на државните и на приватните универзитети во државата.
-Студентите што ги исполнуваат условите, а не аплицирале досега, може да поднесат апликација електронски преку порталот: https://e-uslugi.mon.gov.mk, се наведува во објавата на МОН каде што се наведени и условите за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк и контакти за поддршка при аплицирањето.
Студентите на кои им било прекинато правото на субвенциониран оброк, а сметаат дека ги исполнуваат условите, може повторно да аплицираат. Овој рок е, исто така, отворен за студентите кои не аплицирале во претходните активни рокови.

