Македонија
Ковачки: Од Министерството за одбрана украдени се документи со назнака „строго доверливо“, одговорност од Славјанка Петровска веднаш
Втор ден Министерството за одбрана молчи за украдените класифицирани документи и за украдените компјутери, на кои имало строго доверливи документи, реагира Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ.
„Голем срам е Министерството за одбрана на НАТО членка да биде нетранспарентно за ваков настан, а уште поголем срам е да си неспособен да заштитиш класифицирани документи и компјутери. Ова е случај што мора да заврши со кривична одговорност и кон одговорните што не презеле мерки и овозможиле поединци или група среде центарот на градот да се осмелат да влезат во заштитен објект на Министерството за одбрана и да крадат документи и компјутери“, пишува Ковачки.
Појаснува дека, според Законот за класифицираните информации, класифицирана информација со степен „строго доверливо“ е информација чие неовластено откривање би предизвикало исклучително сериозна штета за виталните интереси на Република Македонија.
„Кога се крадат класифицирани документи (мобилизациски) со степен на тајност ‘строго доверливо’, а за тоа молчи министерот, Славјанка Петровска, но молчи и врховниот командант – во случајов Стево Пендаровски, се отвора сомнеж дека сакаат да го прикријат настанот со цел да се спасат од одговорност“, додава Ковачки.
По ваков скандал, како што додава, министерот за одбрана треба да си поднесе оставка, а претседателот на државата треба помалку да зборува за енергетската состојба, која не му е во надлежност, туку да се заинтересира за тоа кој и зошто се охрабрил да краде мобилизациски и друг тип на документи, како и за тоа колкава штета ѝ е нанесена на Одбраната, во која тој има надлежност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Ако лажат британските медиуми и „нема легални и нелегални мигранти“ – Мицкоски нека ја потпише Резолуцијата!“, бара СДСМ
„Христијан Мицкоски тврди дека британските медиуми, кои објавија дека се договара прифаќање мигранти во Македонија за пари, лажат. Исто така, тврди дека „нема легални и нелегални мигранти“. Значи, според Мицкоски, сите лажат“, велат од СДСМ.
„Ако е навистина така, тогаш зошто Мицкоски не ја потпишува Резолуцијата? Што чека? Зошто одолговлекува и бега?
Еве, нека ја потпише Резолуцијата на СДСМ. Со само еден потпис ќе ги расчисти сите сомнежи и дилеми.
Ние сме конструктивни и транспарентни од првиот ден. Резолуцијата е јавно објавена и сите ја видоа.
Граѓаните бараат дела – конкретен чекор од Мицкоски, а не празни зборови.
Затоа што за граѓаните неговите зборови одамна не важат, поради сите ветувања што не ги исполни. Како и ветувањето дека ќе се повлече од политиката ако се докаже поврзаност со Агенцијата за обезбедување во Кочани. А има и многу други неисполнети ветувања. Списокот е долг.
Мицкоски веднаш нека ја потпише Резолуцијата, а не да ја руши со контра Резолуции. Потпиши и нема мигранти. Толку е едноставно.
Ако одбива да потпише – тогаш сè е јасно: Мицкоски не ја зборува вистината, а договор за мигранти сепак има“, соопшти СДСМ.
Македонија
Делови од Илинден, Карпош, Кисела Вода и Гази Баба денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:20 – 14:20 часот, корисниците од дел од с. Марино, општина Илинден;
· од 09:00 – 15:00 часот, корисниците на ул. Козле, крак 2, општина Карпош;
· од 10:00 – 13:00 часот, корисниците од улиците: 1511 и 1512, (позади Автосервисот – Мечкаров), општина Кисела Вода;
· од 11:00 – 14:00 часот, корисниците од дел од ул. Коце Металец, општина Гази Баба.
Македонија
Претпладне магла, во текот на денот сончево со мала облачност
Сончево со мала до умерена локална облачност. Во утринските и претпладневните часови по одделни котлини и речни долини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од -6 до -2, а максималната ќе достигне од 8 до 13 степени.
Во Скопје, претпладне во делови од котлината ќе има појава на магла. Во текот на денот времето ќе биде сончево со мала облачност и претежно тивко. Минималната температура ќе се спушти до -5, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Времето во наредните денови
До крајот на седмицата времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност и претежно тивко. Во утринските и ноќните часови по одделни котлини и речни долини ќе има појава на магла.

