Македонија
Ковачки: СДС остави празен буџет, ВМРО-ДПМНЕ одржа лекција како се сака Македонија со дела и реализирани проекти
„За 120 дена покажавте како се сака Македонија, а тоа е со дела и реализација на проекти, односно со исполнување на ветеното од изборите на кои граѓаните гласаа за ВМРО-ДПМНЕ. Имаме континуитет на изборните ветувања, односно нивно преточување во конкретни проекти во интерес на граѓаните“ изјави Ковачки на денешната седница за пратенички прашања на Собрание.
Исто така Ковачки додаде дека и покрај празните каси кои ВМРО-ДПМНЕ ги наследи, сепак Владата не бара изговори туку прави конкретни дела во интерес на доброто на граѓаните.
„И покрај катастрофалната состојба на наследениот буџет во кој немаше пари за пензии, а некои претпријатија со месеци трпеа за плата сепак не баравте оправдувања туку преминавте на конкретни чекори. Успеавте да обезбедите повисоки пензии и да ги исплатите заостанатите плати, да постигнете историски договор за платите на наставниците , да ја проширите позитивната листа на лекови, да обезбедите учебник за секое дете“ рече Ковачки.
Ковачки истакна дека ВМРО-ДПМНЕ вложува во инфраструктурни проекти, но и врши нивна реализација, за разлика од претходната власт која што ваквите проекти и служеле исклучиво како печатница за пари.
„ Од друга страна деновиве гледаме како претходната власт душмански постапувала со народните пари преку формирање на фирми на ДУИ и СДС, за испумпување на милионски суми од фондот за иновации и технолошки развој“ дополни Ковачки.
Првото прашање на Ковачки до Претседателот на Влада беше во однос на начинот на распределба на средствата за секоја општина и дополнително дали ќе има нов повик за да може опшините да аплицираат на нови проекти.
„Како одеше распределбата на парите за секоја општина и дали средствата се доделуваат врз основа на специфични потреби и проектни барања на општините, или можеби врз распределбата влијаеле други причини?Дали ќе има нов повик за искористување на средства за нови проекти, доколку има кога е тоа предвидено?“ праша Ковачки.
Второто прашање се однесуваше на Стратегијата 2050 година, и подетално објаснување за истата како и кои механизми се предвидени за општ консензус, бидејќи антимакедонски елементи на СДС биле против оваа стратегија иако нејзината цел е визија за долгорочен напредок за земјава.
„Во вашиот говор на 23 октомври најавивте иницијатива за долгорочна стратегија за наредните 30 години со акцент на консензус меѓу сите релевантни општествени чинители и институции во земјата. За каква стратегија всушност станува збор и кои механизми ги планирате за општ консензус?“
Третото прашање беше поврзано со патувањето во САД на самит на НАТО, каде СДС јавно обвинија за низа неправилности во патувањето, иако Антикорупциска комисија потврди дека нема злоупотреба на јавни средства, праша дали СДС се извинија за клеветите и навредите по ваквата одлука на комисјата.
„Веднаш после формирањето на владата заминавте на пат за САД на самит на НАТО, СДС јавно обвинија за вашето патување во САД и покренаа прашање за транспарентноста и трошоците на ова патување. Дополнително тие во својот напад вклучија и членови на вашето семејство, што придонесе за засилување на дебатата во јавноста и непотребно подгреа политичка полемика.
Она што дополнително го засили интересот на јавноста е фактот дека случајот беше разгледан и од страна на Антикорупциска комисија која донесе одлука со која се затвори прашањето потврдувајќи дека нема злоупотреба на јавни средства ниту конфликт на интереси за ова патување. Дали јавно Ви се извинија за клеветите и навредите по ваквата одлука на комисјата?“ , заклучи Ковачки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Таравари поднесе тужба за клевета против Изет Меџити
Претседателот на поделената Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, преку својот адвокат, Aбидин Абдули, вчера поднесе тужба за клевета во Основниот суд Скопје 2 против градоначалникот на Чаир, Изет Меџити.
Тужбата доаѓа по изјавите дадени од Меџити во телевизиска емисија на „Лајм“, каде што тој тврдел дека Таравари за време на својот мандат како министер, издал седум лиценци за фабрики за преработка на канабис.
Според соопштението, пред поднесувањето на тужбата бил даден и законски рок за јавно извинување, кој Меџити не го искористил.
Таравари категорично ги демантираше овие обвинувања, оценувајќи ги како невистинити и клеветнички. Тој претходно најави дека ќе преземе правни чекори доколку не биде упатено јавно извинување за дадените изјави.
Со поднесувањето на тужбата во Основниот суд Скопје 2, случајот сега се очекува да добие институционален тек.
Македонија
Пријава против поранешниот градоначалник на Кичево, го оштетил буџетот за 1,4 милиони денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешниот градоначалник на Кичево, Фатмир Дехари, две други лица и еден правен субјект, за злоупотреби и несовесно работење со што го оштетиле буџетот на општина Кичево за сума од над 1.400.000 денари.
„ОВР Кичево поднесе кривична пријава против Ф.Д.(52) од кичевското село Србица, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“, против Б.К.(46) од кичевското село Аранѓел поради постоењер основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“, против Д.С.(41) од кичевското село Длапкин Дол за сторено кривично дело „злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство“, како и против едно правно лице со седиште во Длапкин Дол“, соопшти МВР.
На 08.01.2025, Ф.Д., во својство на градоначалник на општина Кичево, искористувајќи ја својата службена положба донел план за јавни набавки за 2025 година на општина Кичево спротивно на одредбите од Законот за комунални дејности. Иако, општина Кичево има јавно комунално претпријатие, Ф.Д. сите комунални дејности ги доверил на пријавеното правно лице со седиште во Длапкин Дол со намера да се стекне со поголема имотна корист на штета на буџетот на општина Кичево.
Второпријавениот, одговорно овластено лице за одржување на зелени површини, пропуштил должен надзор и несовесно постапил во вршењето на своите овластувања и должности, додека третопријавениот во својство на управител во правното лице, свесно ги повредил прописите на постапката за јавен повик.
Со тоа, вкупно исплатените парични средства за одржување на зеленилото околу зградата на општината изнесува вкупно 1.457.205 денари на штета на општина Кичево.
Македонија
Меџити го дочека претседателот на Албанија во Чаир
Градоначалникот, Изет Меџити, свечено го пречека во Чаир претседателот на Албанија, Бајрам Бегај кој допатува во тродневна посета на земјата.
Меџити му посака добредојде пред општината, нарекувајќи го брат.
Албанскиот претседател заедно со делегацијата ќе ја посети џамијата „Мустафа Паша“ и Старата скопска чаршија, кадешто ќе има свечен настан.
За утре е превидено, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, да биде домаќинка на Бегај. Албанскиот претседател ќе биде пречекан со највисоки државни и воени почести на церемонија во Кабинетот на претседателот, по што ќе следи тет-а-тет средба на претседателите, а потоа и пленарен состанок на македонската и албанската делегација.
Во рамки на официјалната посета, претседателот на Република Албанија ќе положи венец на гробот на Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“ во Скопје.
Најавена е и посета на Тетово во сабота.
МВР соопшти дека поради посетата во главниот град деновиве ќе има посебен сообраќаен режим.
Сообраќајот пред општината Чаир попладнево беше целосно блокиран. Автобусите сообраќаа по изменета рута, додека пешаците беа пренасочувани од другата страна на булеварот.

