Македонија
Ковачки: Со изборот на Силјановска Давкова и со заокружување на број 2 ќе се ја вратиме Македонија назад кон граѓаните и ќе работиме напорно и чесно
Ветуваа соживот, ветуваа повисок животен стандард, а донесоа сиромаштија, беда, хаос и мрак. Ветуваа едно општество за сите, а за жал после 7 години, никогаш не сме биле по поделени како општество. Едноставно, Македонија ни е одземена. Никогаш не било полошо, рече носителот на листата за пратеници на третата изборна единица, Драган Ковачки на митингот во Чашка.
Ковачки истакна дека досегашното делување покажува дека на оваа влада на ДУИ и слугите од СДС, поважни им се тендерите и криминалот, за разлика од тоа како живеат граѓаните и кои се нивните проблеми и ова мора да се промени, затоа овие избори се шансата за промена.
Посочи дека на Социјалдемократскиот сојуз единствено важно им е слугувањето на Али Ахмети, и криминалните бизнис зделки, единствено важно им е удобството кое го уживаат од функциите и милионите кои ги крадат од државата, затоа денеска не само што младите си заминуваат, туку си одат и цели семејства, бидејќи гледаат дека се е корумпирано и не сметаат дека може овде да си ја градат сопствената иднина.
„Затоа времето за казна доаѓа. Најпрво на 24 април, а потоа на 8 мај, имаме шанса и обврска да ги казниме и поразиме. За се што ветија, а излажаа. За се што уништија. За сите навреди и понижувања на македонскиот народ, за сите предавства и лаги. Време е да се обединиме и да им покажеме дека го креваме гласот. Бараме промени и одлучни сме како никогаш до сега“, рече Ковачки.
Пред присутните граѓани, Ковачки истакна дека со изборот на професорката Гордана Силјановска Давкова за претседател и со заокружување на број 2 на гласачките ливчиња, ќе си ја вратиме Македонија назад кај граѓаните.
„Со избор на професорката Гордана Силјановска Давкова и со заокружување на број 2 ќе си ја вратиме Македонија назад кон граѓаните. И ќе работиме напорно и чесно, на реформи и проекти кои ќе ја трансформираат Македонија напред. Ќе се избориме заедно, храбро, достоинствено, затоа што овој народ ако нешто знае тоа е да биде вреден, силен и достоинствен“, истакна Ковачки.
На крај, Ковачки ги повика присутните и сите граѓани да разговараат со секој еден познаник, да ја побараат нивната поддршка да гласа за број 2, затоа што овие избори се историска одлука и шанса за сите нас.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, на планините снег, од следната недела заладување
Времето утре, променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, пообилни во југоисточните региони. На повисоките планини врнежите ќе бидат од дожд и снег. Ќе дува умерен до засилен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 9, а максималната ќе достигне од 8 до 13 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд, особено претпладне и кон крајот на денот. Ќе дува слаб до умерен северозападен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 7, а максималната ќе достигне до 12 степени.
ВРЕМЕТО ВО НАРЕДНИТЕ ДЕНОВИ
Времето утре ќе биде променливо облачно со слаб локален дожд. Долж Повардарието ќе дува умерен до засилен северен ветер. За време на викендот под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса ќе има врнежи од дожд кои повремено наместа ќе бидат пообилни (над 30 l/m2). Локално ќе има услови за појава на краткотрајно невреме со пороен дожд, грмежи и силен ветер. Во почетокот на следната седмица ќе има заладување и врнежи кои претежно ќе бидат од снег.
Македонија
Сали – Џанел: Холандската поддршка значајна за реформите и евроинтеграцијата
Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со амбасадорката на Кралството Холандија, Озлем Џанел.
На средбата се разговарало за европската интеграција, спроведувањето на Реформската агенда и билатералната соработка. Министерот Сали нагласил дека членството во ЕУ останува стратешки приоритет, како и целосната усогласеност со Владеење на правото.
Било дискутирано и за уставните измени како предуслов за отворање на кластерите, како и за напредокот во рамки на Кластерот „Темелни вредности“. Воедно било истакнато дека третото барање за исплата на средства е доставено навремено, со значителен напредок во реформските чекори.
„Двете страни ја потврдија подготвеноста за понатамошно продлабочување на соработката во областа на реформите и владеењето на правото“, соопштија од Министерството.
Македонија
ССМ: Ако газдите не се одважат да дадат дел од колачот на работниците, ќе бидеме приморани секојдневно да бидеме на улица
Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) денес напладне ги блокираше стопанските комори во Скопје кои одбиваат да се согласат минималната плата да се големи на 600 евра, а сите останати да се зголемат за 100 евра. Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, од улица им кажа на газдите во коморите, за кои смета дека избркале цели семејства надвор од државата, дека се оставени да бидат единствени виновници што не се покачува минималната плата.
„Владата веќе кажа дека се договарала со своите вработени, па ги остави газдите да бидат виновни за идниот генерален штрајк и во јавниот и во приватниот сектор“, рече претседателот на ССМ, Трендафилов.
Им порача на газдите дека понудата за зголемување на минималната плата е се уште на маса, но нема да остане уште долго оти следниот пат ќе се појават со генерален штрајк. Кажа дека во неработен ден ќе организираат голем работнички протест со организиран превоз за работниците, за да се даде шанса на секој работник да им се придружи.
Претседателот на ССМ Трендафилов објасни дека пред коморите, исто како и пред Собранието, се појавиле со само 21 работник оти толку бара законот, но да немало такво ограничување тој кажа дека бил подготвен за застане сам за да ги заштити работниците да бидат сликани и снимани.
Потпретседателот на ССМ, Иван Пешевски, кажа дека се подготвени секојдневно да им бидат пред очи и на пратениците и на газдите.
„Доколку газдите не се одважат дел од колачот да го дадат на работниците кои во минатото им го овозможиле тој профит, ќе бидеме приморани секојдневно да бидеме на улица со нив, со блокади со шатори и секој еден ден да ги потсетуваме дека повеќе за тие плати нема да работиме“, рече потпретседателот на ССМ, Пешевски.
За вторник следната недела ССМ најави блокада на Владата, пред повторно да преминат на нов голем работнички протест и генерален штрајк.
Премиерот Христијан Мицкоски, пак, денес кажа дека блокадите и протестите на ССМ имаат политичка заднина и во деновите што доаѓаат на македонската јавност ќе и покаже како лицата кои блокираат се поврзани со опозицијата.

