Македонија
„Кожувчанка“ дел од најдобриот фудбалски камп на Реал Мадрид
„Кожувчанка“ ДОО се приклучува на најдобриот тим, на најдобриот фудбалски камп, со тоа што ќе ја поддржи Фондацијата Реал Мадрид, која во јуни ќе организира камп во Скопје.

Македонија од јуни ќе влезе во семејството на Фондацијата Реал Мадрид како организатор на кампот Campus Experience. Компанијата „Спорт арена“ доби можност да биде лиценциран партнер на Real Madrid Fundation Campus Experience и го претстави проектот.
Кампот ќе се одржи на терените на комплексот на ФФМ од 11 до 15 јуни. Кампот Campus Experience ќе ги запази сите стандарди во кои децата учесници се во фокусот на проектот, односно од него треба да излезат како добри луѓе и уште подобри фудбалери. За ова да се оствари, на кампот ќе работат исклучиво сертифицирани тренери од Фондацијата Реал Мадрид спроведувајќи оригинални методи преку дневните тренинзи и натпревари, а на крајот учесниците ќе добијат и официјални сертификати за учеството. Поради сето ова, овој фудбалски камп се смета за камп со најголема репутација во светот.
Во согласност со стандардите на Фондацијата Реал Мадрид, на секои 20 учесници ќе има по еден тренер. Дополнително, во рамките на едукацијата ќе учествуваат и други предавачи како од Шпанија така и од Македонија. Некои од планот се аниматори што ќе го организираат слободното време на учесниците меѓу тренинзите.
Кампот ќе биде достапен за момчиња и девојчиња на возраст од 7 до 17 години. Плаќањата ќе бидат достапни на повеќе рати преку банкарски институции, а дополнително партнерите на овој камп за секој учесник ќе обезбедат големи бенефити почнувајќи од оригиналната спортска опрема (комплет дрес, шорцеви, штуцни, капа, ранец и фудбалска топка), како и голем број ваучери, повластувања и попусти за секој пријавен на кампот од страна на спонзорите.
Цената за учество на овој камп, кој ќе се одржи од 11 до 15 јуни оваа година, е 18.990 денари за акредитација што му овозможува 8-10 часа (во зависност од временските услови) присуство на кампот во текот на денот (односно, без сместување) или акредитација на 24 часа (при што се додадени и услугите за сместување, исхрана и трансфер) за цена од 26.990 денари. Одреден е попуст за двајца или повеќе учесници од едно семејство, како и за учесници што поседуваат членска карта на Реал Мадрид, членска карта на Мадридиста.
Ќе биде отворен и телефонски број (078 462 622) за информации и пријавување за сите заинтересирани. Пријавувањето ќе се врши на официјалната веб-страница на Фондацијата Реал Мадрид www.campusexperiencermf.com или во канцеларијата на булеварот Александар Македонски бр. 23, локал 10, која ќе биде отворена секој ден од 10 до 17 часот. Последниот рок за пријавување е 25 мај 2018 година.
„Кожувчанка“ ДОО со гордост е дел од овој тим, а воедно ги поканува сите заинтересирани да бидат дел од него.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Европа не може да биде целосно безбедна се додека Западен Балкан е надвор од Европската Унија
Без поцврста и поодлучна ЕУ, Балканот останува простор каде што надворешните сили ќе продолжат да ја тестираат својата моќ, порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на свеченото отворањето на Меѓународната конференција на Паневропската унија на Македонија, што се одржа во претседателскиот Кабинет во присуство на бројни дипломатски претставници и странски гости.
Говорејќи меѓу раскошните мозаици на Глигор Чемерски коишто сведочат за историски вкоренетиот македонски удел во европската култура и цивилизација, Сиљановска-Давкова истакна дека како што секое камче е неопходно за стабилноста на мозаикот, така и Западниот Балкан е неопходен дел од европската целина, без кој ЕУ останува ранлива во услови на геополитички предизвици, војни и хибридни закани.

Во обраќањето таа потсети на визијата на Рихард Куденхоф-Калерги за обединета Европа изградена врз вредности, како и на заложбите на Ото фон Хабсбург за надминување на поделбите и интеграција на народите од Централна, Источна и Југоисточна Европа.
Претседателката укажа дека денес постојат нови, политички бариери што ја држат земјата во состојба на продолжена неизвесност и покрај децениските реформи и направените тешки компромиси.

Според неа, македонските граѓани одамна ја покажале својата цврста определба за европската иднина и не им се потребни сожалувања и post-festum извинувања, туку навремени, ex-ante решенија за деблокада на евроинтеграцијата.
Таа повика на обновена политичка волја и лидерство што ќе го заокружи процесот на проширување.
На свеченото отворање на конференцијата се обратија: претседателот на Паневропската унија на Македонија, Андреј Лепавцов, претседателот на Меѓународната паневропска унија, Паво Баришиќ, австрискиот амбасадор, Мартин Памер и Штефан Хабек претставник од Паневропската унија на Австрија и Институтот на регионите на Европа.

Паневропската унија на Македонија е формирана 1993 година и се залага за промоција на европските вредности и меѓународно лобирање за интеграција на државата во Европската Унија.
Македонија
Перински: Македонија и Унгарија ги зајакнуваат врските во делот на регионалниот развој и ЕУ политиките
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, на покана на министерот за регионален развој и јавна администрација, Tibor Navracsics, оствари еднодневна работна посета на Унгарија, насочена кон продлабочување на билатералната соработка и зајакнување на партнерството меѓу двете држави.
Во фокусот на разговорите беше размената на искуства за поефикасно и целосно искористување на програмите на Европската Унија, како и поддршка на вклучувањето на Македонија во нови европски програми. За Министерството за локална самоуправа, оваа соработка има особено значење во насока на унапредување на регионалниот развој, пренесување на знаење со цел зајакнување на институционалните капацитети и пристапот до европски фондови.

Во рамки на посетата, министерот присуствуваше и на отворање на изложба во Центарот за дигитални искуства (CODE), каде што свое обраќање имаше министерот за култура и иновации на Унгарија. Центарот е формиран во рамки на програмата „Веспрем–Балатон 2023 – Европска престолнина на културата“ и има за цел да отвора нови можности за културна размена преку дигитални и интерактивни содржини.
Останатиот дел од агендата беше посветен на посети на неколку значајни локации во округот Веспрем, при што беа разменети мислења и искуства за локалниот и регионалниот развој, како и за актуелните општествени процеси. Во тој контекст беа допрени и теми поврзани за начините за зголемување на атрактивноста на регионите, како и мерките за поттикнување на општините кон поголема самоодржливост и ефикасно користење на сопствените развојни потенцијали.

Посетата претставува уште еден чекор кон продлабочување на меѓусебната соработка и размена на добри практики во области од заеднички интерес.
Македонија
Утре променливо облачно со сончеви периоди, наместа со услови за провејување на слаб снег
Утре променливо облачно со сончеви периоди. Наместа ќе има услови за провејување на слаб снег.Ќе дува умерен, a долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 6, а максималната ќе достигне од 4 до 12 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
За време на викендот ќе дува засилен ветер од северен правец, а утре ќе има услови за провејување на слаб снег.
Од недела следува период на стабилно време со високи дневни температури.

