Македонија
Колку вреди македонскиот пасош: Македонците без виза може да посетат 129 дестинации
Првпат во историјата на Henley Passport Index, листата на најмоќни пасоши во светот повеќе не ги вклучува САД во првите десет. САД паднаа на 12. место, израмнети со Малезија, во најновиот квартален извештај.
Листа на најмоќни пасоши во 2025 година:
Сингапур (193 дестинации)
Јужна Кореја (190)
Јапонија (189)
Германија, Италија, Луксембург, Шпанија, Швајцарија (188)
Австрија, Белгија, Данска, Финска, Франција, Ирска, Холандија (187)
Грција, Унгарија, Нов Зеланд, Норвешка, Португалија, Шведска (186)
Австралија, Чешка, Малта, Полска (185)
Хрватска, Естонија, Словачка, Словенија, Обединети Арапски Емирати, Обединето Кралство (184)
Канада (183)
Латвија, Лихтенштајн (182)
Исланд, Литванија (181)
САД, Малезија (180)
Што го прави пасошот моќен? Еден јасен показател е отвореноста за патување – можноста за влегување во дестинации од целиот свет, едноставно, со покажување на пасошот, без потреба од виза.
Индексот на пасоши „Хенли“ е еден од неколкуте што ја мерат таквата моќ на пасошот и првпат во својата 20-годишна историја американскиот пасош испаѓа од првите десет. Три азиски пасоши сега го држат првото место: Сингапур со пристап без виза до 193 дестинации, Јужна Кореја со пристап до 190 дестинации и Јапонија со 189 дестинации.
Во меѓувреме, САД се изедначени на 12. место со Малезија. Граѓаните на двете земји уживаат пристап без виза до 180 од 227 земји и територии следени од индексот. Индексот, составен од лондонската консултантска компанија Henley & Partners, користи ексклузивни податоци од Меѓународното здружение за воздушен транспорт (IATA). Бидејќи „Хенли“ рангира повеќе земји со ист резултат како едно место, всушност 36 земји имаат подобар резултат од САД на оваа листа.
Падот на американскиот пасош е резултат на низа промени во правилата за влез.
„Слабеењето на американскиот пасош во текот на изминатата деценија е повеќе од случајност – тоа е фундаментална промена во глобалната мобилност и динамиката на меката моќ“, рече Кристијан Х. Келин, претседател на Henley & Partners.
„Земјите што ја прифаќаат отвореноста и соработката бргу напредуваат, а оние што се потпираат на минатите привилегии заостануваат“.
Македонија е рангирана на 42. позиција со можност за влез без виза во 129 држави.

Најдобро рангирана земја од регионот е Грција, чиј пасош се најде на 6. место со можност за посета на 186 држави без виза.
Србија е на 36. позиција, со можност да посети 137 држави без виза, Албанија е на 47. место заедно со Босна и Херцеговина, со можност за патување без виза на 122 дестинации. Бугарскиот пасош е на 14, место, со можност за посета на 178 држави без виза. Црна Гора ена 43. место, а со црногорскиот пасош може да се посетат 128 држави без виза, Хрватска и Словенија се на 8. место, со можност за посета на 184 држави без виза.
На дното од листата, на 106. место, Авганистан останува најслабиот пасош со безвизен пристап до само 24 дестинации, две помалку отколку на почетокот на годината. Сирија е на 105. место (26 дестинации), а Ирак е на 104. место (29 дестинации). Јазот во мобилноста помеѓу најдобро и најлошо рангираните пасоши е 169 дестинации.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба Мицкоски-Зеленски: Само праведен мир носи стабилност
Премиерот Христијан Мицкоски во Минхен оствари средба со претседателот на Украина, Володимир Зеленски, со кого, како што објави, разговарале за актуелните безбедносни предизвици во Европа, за потребата од единство и солидарност, но пред сè, за праведен мир.

– Веруваме дека мирот мора да биде изграден врз правда, почитување на достоинството на народите. Само таков мир носи стабилност и сигурна иднина за Европа, напиша Мицкоски во објава на Фејсбук.

Мицкоски и Зеленски разговарале и за продлабочување на соработката, економска размена и поддршка во процесите за напредок на државите.

– Напредокот е можен кога има визија, храброст и јасна определба. Македонија ќе продолжи да биде глас на разумот, партнер на стабилноста и поддржувач на праведниот мир, порачува Мицкоски.

На вториот ден од 62-та Минхенска безбедносна конференција Мицкоски оствари средби со Ричард Гренел, специјален пратеник на претседателот на САД Доналд Трамп за специјални мисии, со холандскиот премиер Дик Схоф, со Џаред Коен, претседател за глобални прашања и ко-раководител на Глобалниот институт Голдман Сакс и со Тед Дојч од Американско-еврејскиот комитет.
Македонија
Пациенти со хемофилија со месеци без „фактор 8“, се бара одговор од МЗ
Од Левица велат дека пациентите со хемофилија повеќе од шест месеци се без неопходниот лек „фактор 8“ поради нераспишан тендер, што, според нив, ги доведува во сериозна здравствена состојба.
Пратеничката Јована Мојсоска преку социјалните мрежи се обрати до министерот за здравство Азир Алиу и директорот на Институтот за трансфузиона медицина Амир Елези, потсетувајќи дека на седница за пратенички прашања било најавено дека лекот ќе биде обезбеден.
Според неа, пациентите со хемофилија живеат во тешки услови додека го чекаат лекот, а добила и повик од лице кое подолг период е врзано за кревет поради недостиг од терапија.
Мојсоска прашува кој ќе сноси одговорност доколку настанат сериозни последици по здравјето на пациентите поради пролонгирањето на постапката.
Македонија
Трипуновски: Нема кратење на субвенции, но приоритет ќе добијат вистинските земјоделци
Нема кратење на субвенции, но приоритет ќе добијат вистинските земјоделци што егзистираат од земјоделство. Вака одговори денеска министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски, на новинарско прашање, по закројувањето винова лоза во Кавадарци, во чест на празникот Свети Трифун, што се смета за заштитник на лозарите и винарите.

На новинарско прашање околу реакцијата дека годинава субвенции ќе добиваат лозари со над пет декари лозје, министерот одговори дека нема кратење на субвенции.
– Имаме сериозна и навремена поддршка и реформи во земјоделскиот сектор, што ќе значат сериозно зголемување на продукцијата. Она што е новина можеби во програмата за 2026 година, е, јасната распределба. Приоритет ќе добијат вистинските земјоделци, што егзистираат од тоа. Во изминатите години се воочени таканаречени ловци на субвенции, кои не обработуваат земјоделски површини, а сакаат да бидат корисници на субвенции. Ова сметам дека не е ниту фер кон вистинските земјоделци, ниту пак е законски. Затоа оваа година најавуваме дека ќе имаме сериозна контрола на терен, за парите да завршат кај вистинските лозари, земјоделци, што се многу важни за економијата и руралната средина, појасни министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Во новата програма се предвидувало, минималната површина да биде 0.5 хектари, за да се биде корисник на земјоделски субвенции. Трипуновски подвлече дека земјоделството е еден од приоритетите.
Запрашан кога ќе бидат одблокирани средствата од ИПАРД програмата, тој рече дека платежната агенција со новиот менаџерски тим, работела на отстранување на сите забелешки што биле нотирани и оти се очекува многу бргу агенцијата да почне нормално да функционира. Агенцијата, посочува тој, и сега работи нормално, со тековните плаќања во делот на субвенции и во врска со ИПАРД апликации.
На новинарско прашање, тој информираше дека за оваа година, веднаш по носењето на програмата, традиционално пред овој празник, вчера биле исплатени субвенциите кон лозарите. На над 12 500 лозари, исплатени биле речиси осум милиони евра. На почеток на наредна недела, најавува исплата на субвенците и за овоштарите.
Трипуновски уверува дека навремено се исплаќаат и ќе се исплаќаат сите субвенции.
Министерот рече дека на денешниот празник ја негуваме традицијата и културата во делот на една од нашите најдобри и најголеми земјоделски култури, лозаропроизводството. Им оддаваме почит на нашите лозари кои произведуваат квалитетно грозје, а нашите винарски визби прават квалитетно вино, коешто е наш амбасадор.
– Како Влада и Министерство остануваме посветени да ја поддржуваме оваа гранка и да ја развиваме оваа битна земјоделска култура, истакна министерот за земјоделство.
Во најголемиот лозаровинарски регион во државата, посака здравје и бериќет, а трудот на земјоделците да биде вреднуван.

