Македонија
Колумна на Живко Груевски: „Додека мазохистички пимпламе со нашата иднина, неповратно ги губиме младите и работоспособни граѓани“
„Младите луѓе во континуитет заминуваат од регионот и тоа веќе не е ударна вест во медиумите… Минимум еден од тројца млади луѓе на возраст 18 до 24 години од Западен Балкан ја потврдува својата подготвеност да ја напушти татковината. Треба, конечно, да ја разбереме нивната порака, а тоа е дека изборот на дестинацијата покажува точно што им недостига во нивното општество. Мораме да гледаме со отворени очи, да ги слушаме внимателно и најважно од сè – ургентно да дејствуваме за да им дадеме реална причина да останат во својата земја“. Ова е само дел од драматичните пораки што се слушнаа од генералната секретарка на Советот за регионална соработка (РСС) на Форумот на младите од ЕУ и Западен Балкан, што неодамна се одржа во Италија. На Форумот учествуваа релевантни претставници од сите 27 земји членки на ЕУ и 6-те земји од Западен Балкан.
Конкретно, што се однесува до нашата држава, последиците од економски мотивираната миграција или од белата чума на 21 век се и повеќе од трагични. Според податоците од ММФ и Светската банка, во последните две децении повеќе од 500.000 македонски граѓани трајно се иселени во економски развиените западноевропски и прекуокеански земји за да си ја бараат својата среќа. Недостигот на реални странски и домашни инвестиции генерира хронично ниска понуда на квалитетни и добро платени работни места, чувство на бесперспективност, непристојно низок животен стандард, кој едвај овозможува само преживување или недостоинствено живуркање, без јасно препознатливи можности за прогрес.
Во актуелните кризни времиња и девастирачките економски и социјални последици од пандемиското цунами, енергетската криза, инфлаторните притисоци и загрижувачкото зголемување на трошоците за живот, голем дел од тие што останаа мака мачат да врзат крај со крај и сè почесто гледаме разочарани, „зомбирани“ луѓе загрижени за својата, но и за иднината на своето семејство.
Причините ни се добро познати и темелно анализирани, но не само што ништо конкретно не преземаме за да ги надминеме и за да ги стопираме и избегнеме штетните последици, туку ние упорно триесетина години по ред ги повторуваме.
Хронично страдаме од импотентноста на празните ветувања и популистички флоскули заглавени во некој синдром на самоуништување, во говорот на омраза и деструктивните пораки на дежурните кочничари на развојот.
И покрај нашите политички, етнички, верски и културни различности, крајно време е СИТЕ да се обединиме во борбата против економската и енергетската криза, да се обединиме за прогрес, повисок животен стандард, посреќен и подостоинствен живот или, едноставно, да се обединиме за ефикасно справување со реалните проблеми во животот на граѓаните!!!
Да бидам конкретен и прецизен – во актуелните кризни времиња единствена реална, повторувам ЕДИНСТВЕНА мегастранска гринфилд-инвестиција, која е веќе во нашата држава и е целосно подготвена веднаш да почне со оперативна реализација, е токму проектот на „Еуромакс ресоурцес“ и глобалниот деловен гигант Групацијата Трафигура за современ рударски комплекс за бакар „Иловица-Штука“! Ќе се отворат 3.200 нови работни места; инвестициска изградба – буџет од 340 милиони евра; годишен извоз од 200 милиони евра; 24 милиони евра годишно во државниот буџет или кумулативно околу 500 милиони евра во вид даноци, такси и концесиски надоместок; околу 70 милиони евра секоја година исплатени по комерцијални договори на локалните деловни партнери; зголемување на БДП за дополнителни 4 % на национално ниво…
Во спротивно, за жал, сосема извесно е дека државата, односно сите граѓани, ќе се соочат со најцрното сценарио – активирање на подготвениот процес за меѓународната арбитража со несогледливо високи финансиски штети, но и дефинитивно „патосирана“ репутација на нашата држава како непосакувана и несигурна дестинација за големите странски инвестиции.
Д-р Живко Груевски
(ПР-текст)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: Немам никаква поврзност со било која фирма за марихуана
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска во одговор на новинарско прашање рече дека нема никаква поврзност со било која фирма за марихуана и ја прозва Владата наместо дефокус да одговори со кои луѓе од власта е поврзана фирмата „Алфафарм“, наведена во документ на српското Обвинителство.
„Со кој е таа фирма, која е наведена во документ на српското обвинителство, поврзана? Дали е поврзана со некои луѓе од сегашната власт?“, праша Филипче.
Претседателот на СДСМ додаде дека власта прави дефокус од најголемиот нарко-скандал во регионот за да одбегне одговрност за тоа како 5 тони дрога ја поминале македонската граница.
„Коментирав неколку пати и ќе го повторам ставот – тоа е апсолутно само една форма на дефокус. Јас немам никаква поврзаност со било која фирма за марихуана во државата. Повторно е тоа обид да се избегне одговорот на вистинското прашање – како пет тони марихуана, 4–5 шлепери, поминале преку граница и завршиле во Србија. Како поминала на полициска контрола? Како поминала на царинска контрола на граница? Тоа се прашањата. Сè друго е голем дефокус“, истакна Филипче.
Претседателот на СДСМ потенцираше дека во изминатиот период и тој лично и партијата се изложени на лажна кампања и серија фабрикувани обвинувања.
„ВМРО-ДПМНЕ контролира една голема мрежа на медиуми тие се во целосна координација не само сега изминатите повеќе од 10 години со медиумската мрежа којашто ја контролирана од луѓе на унгарскиот премиер Орбан. Еве како излезе прво Жан Митрев, некое смешно обвинување како јас сум влијаел на судски процеси да можам болницата, па Дубаи, па Харис Џиновиќ, па авиони, ме поистоветија со убиец на деца, па дека сум се дрогирал што уште нема да измислат. Модуларната болница ја спомнуваат во Тетово. Дали мислат на оние луѓе семејства коишто ги изгубија таму членовите на семејствата? Дали на тие луѓе помислуваат. Не ме чуди овој систем на медиумска хајка којшто го водат, поради тоа што овој систем на медиумска хајка и лажни вести, лажна кампања, е воден од луѓе кои додека седат во собранието им се потсмеваат на родителите на децата што загинаа во Кочани“, рече Филипче.
Македонија
Пробиен последниот тунел од пругата кон Бугарија
Директорот на Јавното претпријатие Железници Инфраструктура, Синиша Ивановски на својот фејсбук профил објави дека е пробиен и последниот тунел од вкупно 15-те, во делот на изградбата на пругата Бељаковце- Крива Паланка.
„Бележиме прогрес. Изутринава го пробивме и последниот тунел од вкупно 15те од вториот дел од градбата на пругата кон Бугарија ( Бељаковце – Крива Паланка).
Пробивањето на тунелите се смета за една и од поспецифичните градежни активности. А на овој проект оваа позиција е веќе завршена. И натаму моменталниот прогрес од страна на изведувачот не е според очекувањата но можам да соопштам дека најспецифичните сегменти од проектот полека се надминуваат и очекувам месеци на посериозна оперативна активност и видлив прогрес. Коридорот 8 е од стратешко значење за Македонија и за НАТО и како таков сериозно се работи на неговата изградба и поврзување на Јадранско Море со Црно Море”, објави Ивановски.
Македонија
Свлечишта и поплавени домови и улици во Тетово и Гостивар
Како последица од обилните врнежи од дожд во северозападниот регион, подрачјата што ги покриваат Регионалните центри за управување со кризи Тетово и Гостивар бележат поголем број интервенции поради поплави и свлечишта, информира Центарот за управување со кризи, според последните информации од терен до 13 и 30 часот.
Во Тетово пријавен е паднат потпорен ѕид врз семејна куќа на улица 146. На терен се излезени Кризниот штаб на Општина Тетово, полициска екипа од ПС Тетово и општинските инспекциски служби.
Евидентирано е свлечиште на патот кон Попова Шапка, на околу 150 метри од жичарата. Одронот претставува ризик за околните станбени објекти.
Големо свлечиште е регистрирано на улица 195, на патниот правец од с. Џепчиште кон с. Џермо. Патот е непрооден за цело маало.
Свлечиште е пријавено и на улица „Прохор Пчински“.
Во село Вејце пријавено е свлечиште над куќа со веќе постоечки оштетувања од земјотресот.
Во Општина Желино, реката Вардар се излеа во село Стримница, при што се поплавени пет куќи. Поради конфигурацијата на теренот, пристапот за интервенција е отежнат.
Во Општина Теарце пријавени се поплавени подрумски простории во село Теарце. Известени се надлежните институции.
Во Општина Јегуновце поплавен е локалниот пат од село Сиричино кон село Јегуновце. Општината испрати механизација и се очекува нормализирање на сообраќајот.
Во Гостивар состојбата се стабилизира по престанокот на врнежите. Реките во селата Лакавица, Беловиште, Мало Турчане и Балиндол се повлечени во своите корита.
Во село Форино, по излевањето на реката Вардар, водата е повлечена од улиците. Поплавени се околу 200 куќи. Во тек е испумпување на водата со ангажирање на служби и локално население.
Кумановски регион
На подрачјето на Куманово, како и во Општина Липково и Општина Старо Нагоричане, во моментов нема опасност од излевање на реките – водостојот е намален и водата е повлечена во коритата.
Од вчерашните врнежи:
Во село Опае (Општина Липково) поплавено е земјоделско земјиште по излевање на Слупчанска Река.
Дел од земјоделските површини се поплавени и во село Оризаре.
Во село Доброшане, кај мостот кон село Шупли Камен, имало насобран отпад и локално излевање на обработливо земјиште. Во моментов нема опасност.
Во населба Бедиње е однесен дрвен мост од надојдената река. Известени се надлежните служби.
Кичевски регион
Во Кичево врнежите престанаа и нивото на реките е намалено. Состојбата во градската болница е нормализирана.
Евакуирани се 250 лица (62 семејства), на кои им се доставува храна, вода и неопходни средства.
Екипите на ЈП „Комуналец“ и ТППЕ вршат испумпување на водата од подрумите на улиците: Прилепска, Пиринска, Први Мај и 29 Ноември, како и кај домовите покрај реките Треска и Зајашка.
Поплавени се и земјоделски површини покрај речните корита во општината.
Скопски регион
Во Скопје е пријавена надојдена вода кај мостот во Јурумлери (граница меѓу општините Аеродром и Гази Баба), како и минимално излевање на реката Вардар кај село Пакошево – Ново Село, во Општина Зелениково. Засега нема други пријави.
фото/илустрација

