Македонија
Колумна на Митко Лиговски: Неселективните антирударски кампањи сериозно ја отежнуваат транзицијата во зелена оддржлива економија
Како последица на климатските промени, во последните години со право се наметна потребата од вложување во зелена економија и инвестирање во обновливи извори на енергија. Во таа насока Зелениот нов договор (the Green New Deal) ги повикува владите драстично да ги намалат емисиите на стакленички гасови, да генерираат високоплатени вработувања, да обезбедат чист воздух, чиста вода и здрава храна, кои се основни човекови права и да стават крај на сите форми на злоупотреби.
Сето тоа звучи примамливо, меѓутоа таа транзиција би била неизводлива без да се обезбедат сериозни дополнителни количини на метали и минерали. Само за илустрација, во електричните возила ќе бидат потребни пет пати повеќе минерали и метали отколку што се користат во возилата што користат бензин/дизел; потоа една ветерница содржи осум пати повеќе метали отколку електрана на гас со ист капацитет; додека перформансите на батериите зависат од достапноста на различни метали и така натаму.
Во моментов, околу 20% од светската економија користи електрична енергија; остатокот се снабдува со фосилни горива. Меѓународната агенција за обновлива енергија (IRENA) предвидува дека до 2050 година потребите за енергија мора да се задоволат со 20% на 50-80% од обновливи извори на енергија. Во практика, ова значи дека во текот на следните две децении, сите автомобили, куќи и бизниси мора да користат електрична енергија која се добива од обновливи извори, наместо да согоруваат фосилни горива. Според IRENA побарувачката на бакар за батериите во електрични возила се очекува да се удвои првенствено поради неговата употреба во електричните мотори, жици и инфраструктура за полнење, побарувачката на графит се очекува да се зголеми за 10 пати, литиум за 9 пати, кобалт 3 пати, манган 3 пати до 2030 година
Во таа насока, може да се заклучи дека минералите и металите се критични компоненти за постигнување на зелена оддржлива економија. Според извештаите на Светска банка, притисокот за „зелено“ производство на енергија (ветер, сончева и геотермална) и соодветните решенија за складирање може да резултира со побарувачка од 3 милијарди тони минерали и метали, односно ќе биде потребно 500% зголемување на производството на критични минерали и метали до 2050 година.
Оваа потреба за обезбедување на критичните минерали и метали само мал дел може да се обезбеди преку секундарни извори, односно со рециклирање, што сериозно ја наметнува потребата и значењето на рударските капацитети за оваа транзиција во зелена оддржлива економија. Некои од овие метали може да се заменат во алтернативни технолошки решенија за да се минимизира зависноста, но тоа е тешко да се направи во краток временски период. Но сепак, главните метали, како што се литиумот, никелот, кобалтот, манганот, графитот, во најголем дел може да се обезбедат само преку рударството.
Меѓутоа, рударската индустрија мора да промовира и имплементира одржлива екстракција и преработка на минерали и метали со цел да биде вклучена во зелената економија, а истовремено да го минимизира еколошкото и јаглеродното влијание по должина на синџирот на снабдување.
Унапредувањето на рударската професија е изразено и преку примената на Стандардот на IRMA за одговорно рударство, воспоставен преку процес на јавен ангажман на над 100 различни поединци и организации, вклучувајќи рударски фирми, невладини организации, синдикати и заедници. Стандардот поставува прифатливи практики за тоа што треба да го вклучува одговорното рударство и со овој Стандард рудниците можат да ја покажат својата посветеност за одговорна екстракција на ресурси.
Како заклучок може да се каже дека рударството е клучна алка во процесот на трансформација кон зелена одржлива економија. Не случајно и големи автомобилски групации како Форд, Крајслер, Волксваген, стратешки се врзуваат со рударските компании со високи стандарди за одржливо рударство за да ги обезбедат потребните ресурси за нивното производство. Таков пример треба да се следи, и наместо неселективно да се наметнува антирударска кампања, потребно е целата јавност позитивно да биде вклучена во искористувањето на потенцијалите за што е можно побрза трансформација во зелена одржлива економија.
Согласно расположливите геолошки истражувања нашата држава има сериозен потенцијал да преземе активна улога во овој процес на брза трансформација. Едно такво наоѓалиште на бакар е потврдено во близината на Иловица и Штука, каде што е проектиран иден рудник на бакар во согласност со најдобрите меѓународно практики и технологии, вклучувајќи ги и највисоките стандарди за заштита на животната средина.
Со развојот на Проектот Иловица-Штука покрај фактот што ќе се обезбедува бакар, ефектите за националната економија ќе бидат позначајни од економска гледна точна. Со овој проект се планира веднаш да се обезбедат директни странски инвестиции од 340 милиони евра, да се отварат вкупно 3200 нови работни места, извоз од околу 200 милиони евра годишно и во државниот буџет ќе се уплаќаат годишно 24 милиони евра.
Затоа во екот на оваа сериозна економска и енергетска криза, од една страна, и потребата за брза трансформација во зелена оддржива економија, од друга страна, неопходно е да се постави позитивен пристап кон рударството како клучна индустриска гранка, и со вклучување на сите заинтересирани страни да се пристапи до ефикасна реализација на веќе расположливите проекти како што е и Проектот Иловица-Штука.
Митко Лиговски, Главен геолог во Еуромакс ресоурцес
ПР
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

