Македонија
Командир осуден за мито на кого не му е прв скандал бил на смена во „Идризово“, кога избега затвореникот
Срѓан Димитриевски е командирот кој бил на смена вчеравечер во „Идризово“, кога се случи бегството на затвореникот осуден за обид за убиство и дрога, а полицаец беше повреден, дознава „Макфакс“.
Димитриевски е лице осудено за примање мито како полициски службеник од МВР. Од таму добил отказ, па стана командир во затворот. Тој беше дежурен командир и за време на новогодишната вечер, кога млад затвореник беше брутално претепан. Директорот за санкции, Марјан Спасовски во интервју, кажа дека бил запознаен со сите овие факти, но не гледаше зошто би го тргнал од функцијата – командир. Тој додаде и дека контактира лично со командирот Димитриевски, но не сакаше да ги покаже пораките во неговиот телефон.
На прашање дали го познава командирот Димитриевски, директорот Спасовски кажа: „Да, тој е командир во КПУ Идризово. Мислам дека има одлежано затворска казна. Дали затворска казна или притвор не знам меѓутоа мислам дека – да“.
На реакција како може лице кое имало судир со законот да биде командир, директорот Спасовски рече: „Зошто да го избркам, треба да направи некој посериозен дисциплински прекршок за да биде избркан. Зошто да го бркам?“.
Прашан дали командирот е негов послушник и извршител, директорот Спасовски кажа: „Апсолутно не, зошто…?“.
Кога млад затвореник од Ромска националност бил претепан на Нова година, во 2 часот наутро, на смена кај дежурен командир е Димитриевски.
„Утврдена е одговорност. За сите чинители ќе има санкции. Имало тепачка меѓу осудени лица, во тој момент доаѓаат дежурни командири, двајца, реагираат и доколку се утврди дека има пречекорување на овластувања, не само дисциплински туку и кривично ќе одговараат“, рече Спасовски.
Потоа, повторно беше прашан, каде се наоѓа дежурниот командир во време на тепачката, на што директорот Спасовски одговори: „На главната капија. А настанот се случува внатре….“
На укажувањето дека сам кажал дека командирот влегол внатре да ги разделува, директорот Спасовски негираше дека тоа го кажал и додаде: „Двајца затворски полицајци… Тој е одговорен на смена.. Ова лице (командирот) не ги разделува. Тоа го покажуваат камерите. И за него е утврдувањето на дисциплинската одговорност. Ако бил кај врата нема одговорност“.
Неодговорени останаа прашањата зошто лице со висок безбедносен ризик, осуден на над 20 години казна бил спроведуван без полициска асистенција. Молк и на прашањето зошто не е постапено според протоколот на затворот, каде што, доколку нема домски доктор во затворот се повикува Брза помош, која потоа одлучува дали треба лицето да се носи на болничко лекување.
Управата за санкции и директорот на „Идризово“ Шпенд Тахири уште утрово беа прашани за потврда дали Димитриевски е командирот кој бил на смена и издавал наредби за спровод. Тие до моментот на објавување на оваа вест – не одговорија.
Инаку, командирот Димитриевски кој сега е суспендиран, добил условна казна. Бил првообвинет во судската постапка, каде се гонеле и други четири лица. Првично, се гонел дека заедно со групата од МВР барале 2.000 евра од лице за да не му пишат кривична пријава. Договорено било парите да се предадат на друго лице на бензиска пумпа. Договарањето било во канцеларија. Димитриевски добил условна казна, која станала правосилна.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре без вода дел од улицата Македонско Косовска Бригада и објектот на касарната Илинден
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека утре (19.02.2026) поради два улични дефекти ф-200 и ф -250 мм на Македонско Косовска Бригада бб (во близина на касарна Илинден), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од ул. Македонско Косовска Бригада и објектот на касарна Илинден.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување санација на дефектите.(општина Чаир)
Македонија
Стојаноска: Парите за минималецот може веднаш да се најдат, дел на Водно кај хациендите на Филипче, дел во Дубаи и дел во Струмица по масите на хотел Парк
Како СДСМ може да обезбедат пари за минимална плата? Да го вратат она што го испокрадоа во време на нивното 7 годишно владеење, напиша во објава на социјалните мрежи Дафина Стојаноска, пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ.
„Ако ова не го сторат самите, тогаш многу скоро низ судски процеси ќе враќаат сѐ што испокрадоа, заедно со казни затвор за истото.
А, ако случајно во Буџетот ги најдат парите за кои зборуваат, тогаш веднаш ќе ги пренамениме за хуманитарни цели.
Инаку, парите за минималецот може веднаш да се најдат – дел на Водно (кај хациендите на Филипче), дел во Дубаи и дел во Струмица (по масите на хотел “Парк”)“, додава Стојаноска.
Македонија
Муцунски на состанок за Коридор 8, во Тирана: Државата, како централна точка, останува целосно посветена на неговата реализација
Денеска, во Тирана, на покана на министерката за Европа и надворешни работи на Република Албанија, Елиса Спиропали, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, заедно со колегите од Италија, Бугарија и Романија, учествуваше на Министерскиот состанок „Коридор VIII во стратешкиот момент на Европа: Поврзаност, отпорност преку воена мобилност и споделен просперитет преку интеграција“.
Состанокот се реализираше како продолжение на инаугуративната сесија одржана во Бриндизи, Италија, на 27 јули 2023 година. Во фокусот на разговорите беа актуелните инфраструктурни проекти што се операционализираат долж Коридор VIII, предизвиците во нивната реализација, како и потребата од засилено политичко внимание и координација.
Министрите констатираа дека постои заедничко разбирање оти Коридор VIII треба да функционира како еден прекуграничен систем, а не како серија одвоени национални проекти што запираат на следната државна граница. Беше нагласено дека коридорот претставува стратешка врска меѓу Јадранското и Црното Море и дека во актуелниот геополитички контекст поврзаноста претставува елемент на отпорност и сила.
Во своето обраќање, Муцунски ја истакна важноста од целосно вклучување на сите клучни актери, нагласувајќи дека улогата на Италија како значаен фактор на Јадранот и на Романија како клучна држава на Црното Море и во регионалната економија е суштинска за Коридор VIII да стане вистинска европска врска од почеток до крај.
Осврнувајќи се на националните обврски, Муцунски потенцираше дека државата, како централна точка на коридорот, останува целосно посветена на неговата реализација. Како значаен исчекор беше посочено потпишувањето на договорот со Бугарија за прекуграничниот железнички тунел во ноември 2025 година. Првата железничка делница на источниот дел е завршена, втората е во изградба, а работите напредуваат и на третата. Во патниот сегмент, целта е целосна автопатска и експресна поврзаност од Ќафасан до Деве Баир до 2029 година.
Дополнително, беше истакната и енергетската димензија на коридорот, како и потребата од усогласување на процедурите, граничното управување и олеснувањето на трговијата, со цел новата инфраструктура да биде придружена со модерни и ефикасни стандарди. Посебен акцент беше ставен на искористување на европските финансиски инструменти, вклучително и следната програма „Connecting Europe Facility“, за забрзување на имплементацијата и обезбедување конкретни придобивки за граѓаните и бизнисите.
Соговорниците се согласија дека фокусот во наредниот период треба да биде на реализација на финансиски одржливи проекти, координирана прекугранична имплементација и одржување на еднаков интензитет на реализација долж целата траса на Коридор VIII.

